Со учество на 12 македонски поетеси, поети и писатели од сите генерации се одржа 13-то издание на „Македонската книжевна визита во Софија“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и вмрежување и соработка меѓу македонските и бугарските поети и издавачи.

Организатор на оваа веќе традиционална манифестација е книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје, во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од македонското министерство за култура.
Годинашната, 13-та „Македонска книжевна визита во Софија“ почна со книжевниот портрет на современиот македонски поет, реномиран преведувач и универзитетски професор Зоран Анчевски. На овој настан се презентирани стихови од Анчевски на македонски и на бугарски јазик, а поздравна беседа имаше и претседателката на Бугарскиот ПЕН-центар, Здравка Евтимова.

Втората клучна содржина на 13-та „Македонска книжевна визита во Софија“ е и големиот бугарско-македонски поетски митинг, на кој оваа година учествуваа 12 македонски и бугарски поетеси: Надја Попова, Сузана В. Спасовска, Роза Бојанова, Наташа Сарџовска, Анжела Димчева, Сузана Мицева, Наталија Недјалкова, Ана Стојановска, Поли Муканова, Ива Дамјановски, Емилија Авгинова, Биљана Стојановска, Виолета Христова, Гордана Стојковска Јовиќ и Маја Панајотова. Притоа е промовирано и специјалното антологиско издание на „Макавеј“ – панорамата на современи бугарски поетеси, со наслов „Лирските музи на Бугарија“.

Во рамките на 13-та „Македонска книжевна визита“ е промовирана и книгата „Создавање“ од познатиот македонски дипломат, општественик и писател Марјан Ѓорчев, која неодамна се појави и на бугарски јазик.