За разлика од персиските кралеви, римските државници никогаш не преговараа кога нивната држава се наоѓаше во опасност, а тоа се должеше на квалитетот на римските институции, кои беа условени од квалитетот на личностите што ги извршуваа државните работи
Мудриот римски филозоф и државник Марко Тулиј Цицерон пред стотици години посочи дека луѓето на кои од природата им е дадена можност да управуваат со државата треба веднаш штом ќе ја отфрлат колебливоста да стекнат некаква служба и да почнат да раководат со државата; поинаку не може ниту да се управува со државата ниту да се покаже духовна возвишеност. Цицерон велел и дека оние што се им предаваат на државните работи треба да стекнат возвишеност и презир кон минливите работи. Овој римски филозоф често велел и дека оној што се зафаќа со извршување на државната работа треба да внимава да не размислува само за тоа колку таа работа е достојна за почит, туку да размислува дали тој има способност да ја извршува.
Можеби некој ќе ни дофрли дека честопати ги цитираме Старите Римјани, но многумина забораваат дека Римската Република, всушност, беше првата држава, држава во вистинска смисла на зборот, претходник на денешните модерни држави. Римјаните не беа особено богати, ниту пак поседуваа енормни богатства. Честопати се судираа со помоќни непријатели, но секогаш на крајот излегуваа како победници. Тајната римска формула за успехот лежи во нивното државничко однесување.
Од денешна перспектива, кога ние како општество се соочуваме со голем број егзистенцијални опасности, римските лекциите за државничкото однесување имаат суштествено значење. Кога една држава или општество се соочува со одредена тешкотија, личностите што управуваат со државата треба да ја отфрлат колебливоста и да искажат јасни и недвосмислени ставови, држења, сфаќања и мислења за определените проблеми. Во спротивно, нерешителноста не само што не ги решава проблемите туку ги усложнува, затоа Цицерон вели дека државникот треба да ја отфрли колебливоста и да започне со раководење на државата.
Да се навратиме на Римската Република како претходник на денешните модерни држави. Римската држава во споредба со другите држави од антиката имаше едно тајно оружје што другите го немаа, Римјаните имаа институции во вистинска смисла на зборот. Некој може да ни каже дека и другите империи од антиката, како Персиската Империја, имаа институции, но тоа е само делумно точно. Кога великиот македонски крал Александар навлезе длабоко во персиската држава, Дариј веднаш понуди поделба на неговата империја. За разлика од персиските кралеви, римските државници никогаш не преговараа кога нивната држава се наоѓаше во опасност, а тоа се должеше на квалитетот на римските институции, кои беа условени од квалитетот на личностите што ги извршуваа државните работи. Затоа Цицерон вели дека оној што се зафаќа со извршување на државната работа треба да размислува дали има способност да ја извршува.
Тоа е една од тајните на римскиот успех. Римската држава се одликуваше со способни политички лидери, дипломати и генерали благодарение на меритократскиот принцип. Во Стариот Рим, назначувањето и извршувањето на државните работи исклучиво зависеше од способностите. Немаме намера да ги глорифицираме Старите Римјани, бидејќи и тие имаа многу мани, но не случајно денешната западна цивилизација се повикува на римското наследство.
Каде сме ние во оваа приказна? Денес кога се соочуваме со голем број егзистенцијални тешкотии, особено е важно да ѝ се даде предност на меритократијата од сите политички и општествени чинители во нашето општество. На овој начин ќе се зацврстат државните институции, кои се суштински за нормалното функционирање на секоја модерна држава.
Да завршиме со римскиот државник Цицерон, кој вели: „Вродена одлика на возвишениот ум е да ги предвиди настаните, понекогаш однапред да заклучи што може да се случи во сите можни ситуации и што би требало да се направи кога нешто ќе се случи, тој не смее никогаш да си дозволи да рече: Не помислив на тоа.“