Како ќе се справат граѓаните со поскапувањата, но и со дилемата дали имаме или немаме доволно количество од основните прехранбени продукти. Се чини дека обезбедувањето храна и справувањето со ценовните шокови во поглед на истата таа ќе останат и понатаму наш голем предизвик
Порастот на цените на производите во продавниците никако да запре. Наспроти акцијата на Владата и преземените мерки за намалување на цените, трендот на поскапување и понатаму е присутен, што е особено забележително сега пред велигденските и првомајските празници. Но поскапувањето дури и не е единствениот проблем.
Наспроти сите уверувања дека основните продукти ги има во доволни количества во земјава, некои од нив на рафтовите сѐ помалку ги забележуваме. Иако овие производи, кои се најмногу користени во домаќинствата, се со заштитени цени, односно на нив не им се пресметува данок на додадена вредност, ниту пак маржа, сепак, нивните цени на секое ново пазарење се сѐ повисоки. Дополнително, граѓаните неминовно се загрижени дали ќе ги има во продавниците и дали ќе успеат да ги најдат при следното пазарување.
Сведоци сме на секојдневни различни информации, де ги има доволно, де резервите се намалуваат, па нема од каде да се набават нови количества, па до тоа дека ги има, и тоа во многу големи количества, но трговците не ги бараат и не ги нарачуваат откако е укината маржата. И оваа чудна пародија наречена има – нема се повторува веќе со недели.
Граѓаните се загрижени и збунети. Секоја посета на маркетите ги става во недоумица, рафтовите за масло за јадење редовно се празни, а ако успеете да го погодите на среќа терминот кога пристигнало маслото, сепак, количествата ќе бидат премали, а посетителите ќе се разграбаат кој прв да земе повеќе шишиња со масло за јадење. Оправдувањата дека не пристигнуваат нарачаните количества, за граѓаните се дискутабилни. Од една страна надлежните велат дека има доволно количество, дека нема простор за паника, а од друга страна маркетите немаат масло за јадење. Но да биде парадоксот поголем, еден производител вели немаме резерви и нема од каде да набавиме, друг вели има и тоа во големи количества, но трговците не нарачуваат… И сега кому да му се верува. Можеби најдобро на сопствените очи.
Пред нас е последната „посна“ недела. Веќе следниот викенд, в недела, најголем дел од нас ќе го прекинат постот и празнично ќе го одбележат најголемиот христијански празник Велигден, ама по сѐ изгледа и него ќе го славиме полумрсно, а некои од нас можеби и повторно посно.
Пред нас е последната „посна“ недела. Веќе следниот викенд, в недела, најголем дел од нас ќе го прекинат постот и празнично ќе го одбележат најголемиот христијански празник Велигден, ама по сѐ изгледа и него ќе го славиме полумрсно, а некои од нас можеби и повторно посно. Постојаниот раст на цените на основните продукти ги онерасположува и демотивира граѓаните
Ама не се само јајцата и јагнешкото со повисоки цени, напротив, дури и пиперките, како препознатлив и традиционален домашен производ, се по цени речиси колку месото, краставиците малку поевтинија, ама, сепак, се со доста „солени“ цени. Од друга страна, пак, имаме незадоволни откупувачи, кои потенцираат дека за откуп им се нудат цени под производните, но и под договореното, а во малопродажба истите тие се продаваат трипати поскапо.Постојаниот раст на цените на основните продукти, а овој период особено на јајцата, кои се обележје на празникот, ги онерасположува и демотивира граѓаните. Ова се, веројатно, највисоките цени на јајцата што се забележани во нашата земја во последниве десетина години, а испреплетени со поскапувањето на сите други производи во малопродажба, ќе ги натераат граѓаните годинава да вапсаат помалку јајца од планираното.
Претпразнично граѓаните се интересираат и се во потрага и по традиционалното јагнешко. Каде го има, каде го нема, но и со колкава цена. Чаршиските муабети велат дека одвај некаде низ скопските месарници се наоѓаше јагнешко, иако деновиве се очекува понудата да се зголеми. Но и тука се среќавате со најразлични заврзлами. Граѓаните велат дека не можат да купат што сакаат тие, туку што сакаат продавачите. Велат, или половина или цело јагне, а пари за толку се нема. Цената на јагнешкото, како и на сите други производи е во нагорна линија, поскапо од минатите години, но прашање и дали сите ќе успеат да набават.
Но за да биде агонијата за граѓаните уште поголема, вообичаено пред Велигден цените стануваат уште „посолени“ од претходно, па неделава може да очекуваме уште поголем ценовен стрес-тест. Потрагата по поевтини продукти нема да прекине, па граѓаните со сигурност ќе талкаат од еден до друг маркет, од едно до друго пазарче и ќе негодуваат, ама прашање е колку сето тоа ќе има никаков ефект. Увозната инфлација станува домашна.
Колку и какви мерки ќе бидат потребни во следниот период да се запре ова ценовно „цунами“? Како ќе се справат граѓаните со поскапувањата, но и со дилемата имаме или немаме доволно количество од основните прехранбени продукти и дали соседите ќе се смилуваат да ни испратат од своите резерви?
Проблемите само се дополнуваат едни на други, а решенијата, за жал, не изгледа како да го постигнуваат посакуваниот ефект. Се чини дека обезбедувањето храна и справувањето со ценовните шокови во поглед на истата таа ќе останат и понатаму нашиот голем предизвик.