Како што заврши пописот, одеднаш процентот на нерезидентно население стана важен и почна да се комбинира со процентот на резидентно население преку една „весела математика“, на која кумуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а со единствена цел да се креира нереална слика за вистинскиот процент на албанското население во земјава. Таа „математика“ експресно стана нова политичка агенда во земјава, па сега одеднаш повторно се споменуваат „отворање на Уставот и бришење на категоријата 20 отсто за малцинските заедници“, вметната со Охридскиот договор
Ниту десетина дена по објавувањето на резултатите од пописот не стивнуваат реакциите во јавноста, а како што одминува времето, на површина почнуваат да испливуваат сè повеќе нелогичности и контрадикторности, кои само потврдуваат дека пописот во Македонија избега од епитетот „обична статистичката операција“. Напротив, излегуваат индикатори дека одредени центри на моќ се обидуваат да ја трансформираат во „добро осмислена партиско-политичка манипулација од која профитира единствено само една малцинска етничка заедница“?!
Од маргинален податок, до тежиштен податок
Иако никаде во светот не се попишува нерезидентно население и тоа го нема во ниту една препорака на Евростат, македонските власти, сепак, се одлучија да попишуваат нерезидентно население, со образложение дека тој податок е важен само да се знае колку луѓе се иселиле од државата.
Но како што заврши пописот, одеднаш процентот на нерезидентно население стана важен и почна да се комбинира со процентот на резидентно население преку една „весела математика“, на која кумуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со единствена цел да се креира нереална слика за вистинскиот процент на албанското население во земјава.
Таа „математика“ експресно стана нова политичка агенда меѓу партиите, па сега одеднаш повторно се споменуваат отворање на Уставот и бришење на терминот 20 отсто за малцинските заедници, за што поддршка изрази и премиерот Ковачевски, кој се согласува дека има основа за отворање на највисокиот правен акт за бришење на дефиницијата „20 проценти“. Подготвеност за ова да се разговара има и од претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вели дека тоа треба да повлече и укинување на Бадентер и балансерот.
Помалиот партнер во власта станува сѐ поголем?
Многу индикатори предупредуваат и потврдуваат дека наместо обично статистичко пребројување на населението и домаќинствата, пописот се користи за политички цели што ги наметна помалиот партнер во власта, кој сите овие години наместо да работи на хомогенизација на општеството, всушност, работи на разбивање на унитарноста на државата и нејзина поделба по етничка линија.
– За Али Ахмети и неговото искривено сфаќање на етничката хомогенизација и предрасудите нема никакви дилеми што би произлегле од презентираните пописни резултати. Колку повеќе попишани Албанци, толку повеќе се зголемува нивната застапеност во државните институции, смета тој, објаснувајќи ја својата пописна математика. За другите, набројани таксативно во преамбулата на Уставот, нека се грижат други. Секој за своите во мултиетничкото „функционално“ општество, е суштината што произлегува од пописната порака на Ахмети, чија партија, ДУИ, повеќе од две децении се труди да остави привид дека навистина се залага за прогрес, соживот и интеграција во државата, но пред сè преку секојдневно јакнење на правата и влијанието на албанското малцинство во сите сфери од општественото живеење – е ставот на Ивица Челиковиќ, писател и новинар.
Според него, ваквите весели математики на Ахмети ја наметнуваат дилемата дали токму нерезидентното население ќе се користи за процентуално дополнување на албанската етничка заедница, секаде каде што ќе треба, особено во државните институции.
– Значи ли тоа дека процентуалната застапеност, онаква каква што се посакува за непречено функционирање на „мултиетничката“ општинска и државна администрација, и на Законот за употреба на јазиците, ќе се загарантира на таков начин што непознатите во равенката на процентуалното пребројување ќе се пополнат со „ревносното и дисциплинирано“ (само)попишување на нерезидентите – се прашува Челиковиќ.
Мајоризација на малцинството врз мнозинството
Со најновото барање за бришење на терминот „20 проценти“ од Уставот веднаш откако беа објавени резултатите од пописот, всушност, се покажа дека крајната цел поради што се инсистираше на попис што ќе го опфати и нерезидентното население е креирање процентуален етнички инженеринг. Тоа ги објаснува и екскурзиите на шефот на дипломатијата Бујар Османи и на првиот вицепремиер Артан Груби, кои наместо да лобираат како да се тргне бугарското вето, агитираа кај албанската дијаспора што помасовно да се попишува. Во својата мисија огромна помош добија и од регионалните албански лидери во Косово и во Албанија, на кои одеднаш пописот во Македонија им стана од круцијална важност.
Дополнително, уште пред да започне пописот речиси сите албански политичари во земјава јасно ставија до знаење дека нема да ги признаат резултатите ако нивната етничка заедница излезе под 30 проценти, со што испратија директна порака дека пописот мора да се одвива исклучиво според нивната „методологија“, а контролор на целата операција беше заменик-директорот на Државниот завод за статистика, од чиј врзан потпис зависеше дали резултатите од пописот ги исполниле очекувањата на албанската заедница во земјава.
Сега очигледно целта што ја постави Ахмети е постигната, така што останува во следниот период да се засили притисокот за отстранување на процентуалната застапеност од Уставот, со што ќе се отвори можност за масовно вработување партиски кадри исклучиво од една етничка заедница во државната администрација без никакви квоти, на сметка на другите малцинства што живеат во земјава и на штета на квалитетот, наспроти квантитетот. Тоа несомнено ќе доведе до мајоризација на малцинството врз мнозинството, што веќе и онака станува сè поевидентна.
– Пописот е само нова „успешно завршена работа,“ се разбира за Албанците. Точно е дека е срам без коментар, но срамот е наш – е ставот на Јагнула Куновска, адвокатка и поранешна пратеничка.
Таа додава дека ваквите податоци од пописот ќе предизвикаат консеквенции со кои ќе се наруши унитарноста на македонската држава.
– Ние сме челад со кратко паметење… Ги заборавивме новите полициски униформи? Е, сега ќе ни препсаат, само што и таму ќе има измени… А, Законот за јазиците? Што дека е противуставен и таму ќе има измени… Да не ги набројувам лакрдиите што ние ги потценивме, ги издробивме и ги изџвакавме. Сега ги преживаме, како стадо овци под сенката на едно ископачено од коренот, и искастрено – дрво – нагласува Куновска.
Според неа, албанската етничка заедница во државата забрзано чекори кон остварување на сопствената цел, наметнувајќи се како државотворен фактор.
– Новата во низата извршени задачи за Албанците, не е последна… Тие, чекор по чекор, со агресивен политички замав, бесправно и бесрамно се наметнуваат како „државотворен фактор“ пред домашната и пред меѓународната јавност, и со сомнителна поддршка (од каде?) ги остваруваат своите јавни и скриени антидржавни цели. Бргу се измина трасираниот пат што води до нивната следна цел, а таа е – признавање конститутивна државотворност на албанскиот фактор, односно – одредување почесно место во македонската историја на агресорот на Македонија во 2001 година. После сѐ ќе оди многу лесно – како на удолница… по која веќе се лизгаме – заклучува Куновска.