Терминот „мултиперспективност“ сѐ почесто циркулира во македонскиот јавен простор, најмногу во контекст на предложеното решение за приближување на позициите на науката и политиката во работата на мешаната македонско-бугарска историско-образовна комисија. Што, всушност, означува тој термин и кои модели ги вклучува?
Неколку експертски мислења за изучувањето на т.н. мултиперспективна историја
Историчарите од бугарскиот дел од комисијата, како и официјална Софија, никако не отстапуваат од позицијата нивните гледишта и ставови за минатото да ѝ бидат наметнати на македонската страна како „заедничка историја“. Поради таквата ирационалната ригидност не е поместена нанапред работата на заедничката комисија. Македонската страна се обидува да придонесе со одредена конструктивност за некакво усогласување, од што произлезе и еден пристап на т.н. мултиперспективност во историското образование. Овој пристап, споменуван и порано, повторно беше актуализиран по последниот состанок на комисијата. Направен е обид таквата идеја првично да се конкретизира при изучувањето во образованието за цар Самуил, односно се дискутирало како да се подобрат наставните програми во кои се обработува оваа историска личност.
– Разговарано е за различните историски и национални претстави што постојат за оваа историска личност за двете држави и во светската историска наука. Решението на ова прашање е преку примена на мултиперспективноста во историското образование што ќе им овозможи на младите генерации да научат повеќе за цар Самуил и зошто две национални историографии спорат за оваа историска личност – изјави по состанокот Петар Тодоров, член на македонскиот дел од комисијата.
Покрај тврдокорноста на бугарските членови на историската комисија, кои не покажуваат интерес за ниту една друга перспектива освен нивната, се поставува и прашањето колку е соодветен мултиперспективниот пристап во образованието, особено во учебници за основно училиште, кои се предмет на разгледување на комисијата.
– Мултиперспективноста во историското образование и воопшто во образованието е привлечна идеја, но неприменлива за деца во основно, па и во средно училиште. Тие се премногу млади, животно неискусни и во процес на градење на своето образование за самостојно да проценуваат и да бараат одговори за теми и прашања од научна природа. Училиштето е институција во која тековно, преку наставата и учебниците го минуваат процесот преку кој се стекнуваат научни сознанија и образование. Тргнувајќи од претпоставката дека се способни за процена на сознанијата што ќе ги добијат со мултиперспективниот пристап во учебниците, на толку млада возраст, се поставува прашањето зошто воопшто децата би оделе на училиште. Мултиперспективниот пристап во изучувањето може да се каже дека е соодветен веќе на високообразовно ниво – вели универзитетската професорка и историчарка Наде Проева.
Сепак, според Проева, изјавите на бугарските историчари во комисијата не оставаат простор дека тие на каков било начин би ја прифатиле оваа идеја за мултиперспективност, особено не во бугарските учебници. За неа е загрижувачки што во македонскиот дел на комисијата не се бара реципроцитет и рамноправност во работата на комисијата и не се поставува прашањето дали истиот принцип би се применил и во бугарските историски учебници.
Дека обидите за мултиперспективно историско образование меѓу историчарите од регионот не се нова идеја и предлог за соработка, историчарката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја потсетува на искуствата од еден проект преку „Еуроклио“, европска асоцијација на историчари.
– Мултиперспективноста како пристап во образованието е повеќе соодветна за учебните помагала, како во историските читанки, географските атласи отколку за учебниците. Во учебниците треба да е поставена содржина со основни и проширени сознанија од одредена наука (па и историска), соодветна за темите и прашањата што се изучуваат и на возраста на учениците. Пред 10-15 години, преку образовен проект на „Еуроклио“, ние, историчарите од Македонија, Бугарија, Грција и од Албанија, изработивме историска читанка со различни национални погледи на историските настани од Балканските војни до Втората светска војна. Историската читанка беше подготвена на матичниот јазик на сите држави вклучени во проектот и на англиски јазик. Искуството ни покажа дека овој образовен прирачник најмногу се користеше во Македонија, а речиси воопшто не беше вклучен во образовниот процес кај соседите, што покажува дека во регионот нема интерес за мултиперспективност, дури и на високообразовно и академско ниво, каде што овој принцип е соодветен. Така што, од ова искуство, но и од изјавите и настапите на бугарските членови на комисијата се сомневам дека воопшто размислуваат за мултиперспективноста како принцип на работа. Всушност, од истите изјави на истите личности се добива впечаток дека работата на историската комисија излегува од рамките на рамноправно и реципрочно преговарање – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.