Техниката „љубовно момче“ е широко користена од криминалците за да регрутираат жртви соочени со економски и социјални тешкотии. Осомничените се насочени кон ранливоста на нивните жртви и ги заведуваат со скапи подароци и ветувања за подобар живот во странство. Тоа е причината поради која многу жени ги напуштаат своите семејства во потрага по љубов и нови можности во други земји. Меѓутоа, штом ќе се најдат во својот нов дом, тие се принудени на проституција за да заработат пари за својот управувач. Жртвите се намамени со наклонетост, насилство и закани кон нив и нивните семејства дома
Сексуалната експлоатација е еден од најгрозоморните видови злоупотреба на човекот на денешницата. Најчести жртви на сексуалните експлоататори се жените и децата, кои под присила се принудуваат да им носат парични средства преку продавање на нивното тело. Последиците од овој чин по жртвите се трајни. За нив нема лек, жртвите никогаш не можат да ги заборават кошмарите низ кои поминувале. Психичките трауми се доживотни и експлоатираните мора засекогаш да живеат со сенките од минатото, доколку успеат да се спасат од оние во чии раце несреќно завршиле.
ГОЛЕМА АКЦИЈА НА ЕВРОПОЛ
Романската полиција и Дирекцијата за разузнавање на Обединетото Кралство, поддржани од Европол и Европравда, неодамна разбија криминална мрежа вклучена во трговија со луѓе за сексуална експлоатација и перење пари. Осомничените биле вклучени и во други криминални активности, вклучувајќи и тежок имотен криминал и трговија со дрога.
За време на акцијата, полициските сили извршиле претреси на 18 куќи, 11 во Романија и седум во Обединетото Кралство, а 14 осомничени биле предмет на судски мерки. Четири од жртвите што биле пронајдени биле романски државјани идентификувани во Обединетото Кралство. Полицијата успеала да заплени и повеќе мобилни телефони, дрога, оружје, куршуми од различен калибар, над 60.000 евра во готовина и 20 кредитни картички.
КРИМИНАЛЦИТЕ ЗАРАБОТУВАЛЕ И ДО 1.800 ЕВРА ПО ЖРТВА ДНЕВНО
Активна од 2020 година, криминалната мрежа намамувала ранливи Романки на проституција во Обединетото Кралство. Членовите на мрежата им ветувале на жртвите вработување или врски, а цел биле поединци од сиромашно потекло што барале начин да заработат пари за да се вратат дома за да ги издржуваат нивните семејства.
Жртвите биле млади и впечатливи, а многу од нив ги запознале романските мажи преку платформите на социјалните мрежи и верувале дека имаат романтична врска со нив. Откако биле измамени, женските жртви биле принудени на проституција.
Членовите на криминалната мрежа го контролирале нивното однесување со тоа што им ги земале документите и парите и им се заканувале дека ќе ги повредат или убијат членовите на семејството и децата во Романија. Се претпоставува дека криминалната мрежа заработувала и до 1.800 евра дневно по жртва. Создадената голема сума криминални приходи беше префрлена назад во Романија преку готовински курири. Истрагата сугерира дека повеќе од 100 жени станале жртви на криминалната мрежа од 2020 година.
TРИКОТ НА ЉУБОВНИКОТ
Техниката „љубовно момче“ е широко користена од криминалците за да регрутираат жртви соочени со економски и социјални тешкотии. Осомничените се насочени кон ранливоста на нивните жртви и ги заведуваат со скапи подароци и ветувања за подобар живот во странство. Тоа е причината поради која многу жени ги напуштаат своите семејства во потрага по љубов и нови можности во други земји. Меѓутоа, штом ќе се најдат во својот нов дом, тие се принудени на проституција за да заработат пари за својот управувач. Жртвите се намамени со наклонетост, насилство и закани кон нив и нивните семејства дома.
НАМЕСТО КЕЛНЕРКА, ПРИСИЛЕНА ДА БИДЕ СЕКСУАЛНА РАБОТНИЧКА
Трговијата со луѓе заради сексуална експлоатација не е новитет ниту во земјава. Иако тешко се препознава, информации за неа најмногу се добиваат од билтените на Министерството за внатрешни работи, кое во изминатите години известуваше за голем број странски државјанки што нелегално заради проституција работеле во локали во Тетово, најчесто како танчарки, келнерки и пејачки.
Според досегашните информации од полициските билтени, пронајдените работнички најчесто се од Молдавија, Украина, Косово, Србија, Албанија, но има и жени што дошле да работат од други градови од земјава.
Многу од нив доаѓаат мислејќи дека ќе работат како келнерки или пејачки, за веднаш по доаѓањето да бидат вовлечени во синџирот на сексуалната експлоатација.
Бегајќи од војната во Украина, завршуваат како лесна цел за макроата
Макроата и трговците со луѓе во Германија ја користат војната во Украина и регрутираат украински бегалци за проституција. Најчесто на нишан се жените и помладите девојки, за кои германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер најави зголемена заштита, како и остри мерки против криминалците.
Во Германија досега пристигнале повеќе од 200.000 бегалци од Украина, главно жени и деца. Макроата или трговците со луѓе ги намамуваат претежно помладите жени на станиците и пред канцелариите за странци, нудејќи им бесплатно сместување и пари.
Како што најави Фезер, ќе има зголемено присуство на униформирани и цивилни полицајци на контролните пунктови каде што пристигнуваат бегалците, како што се железничките и автобуските станици.
– Секој што ќе се обиде да ја искористи маката на бегалците мора да биде свесен дека ќе одговориме со сите законски мерки што ни се на располагање – потенцира таа.