Патот кон ЕУ не е послан со рози, но не мора да гази по валкани патеки, како што се обидуваат некои македонски политичари, министри, советници и самопрогласени експерти. Злоупотребата, во случајов на Албанија, нејзиното користење за остварување антидржавни и антинационални цели, не е во ничија корист – ниту на Македонија, ниту на Албанија
Во сложената игра на заведувања и меѓународни притисоци Македонија да попушти и да ги прифати бугарските барања големо учество имаат и македонските власти, кои приклонуваат и потклекнуваат кон таква разврска. Еден од фактите што говорат во тој прилог е најновиот обид странично да се уфрли Албанија како закана за иднината на пристапниот процес на македонска штета. Во тој контекст, најкарактеристична е изјавата на домашниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој ни соопшти дека не треба да нѐ чуди ако Албанија во јуни побара да го продолжи процесот за евроинтеграции без нас. Османи, за кого и во самото министерство шират шпекулации дека Македонија редовно ја поврзува со Албанија и со Косово, отвора нов колосек за кој знае дека не може да функционира.
За дообјаснување на таа изјава и за употребата на Албанија како плашило се погрижи формалниот советник и неформален портпарол на Министерството, професорот Денко Малески. Поранешниот министер за надворешни не само што е познат теоретичар на меѓународното право туку е и жесток поддржувач на Владата во настојувањето да почнат преговорите со ЕУ, по секоја цена, без оглед по националните штети на Македонците.
На прашањето какви последици би носело забрзаното движење на Албанија кон ЕУ, а какви ќе има нашето заостанување на истиот тој пат, Малески одговара дека ако не се европеизираме бргу, тогаш Албанија може да стане привлечна како модел и да предизвика внатрешни тензии во Македонија, односно да се случат немири во една држава што стои во место и што не се движи напред. Иако не ги спомнува, се подразбира кој би ги предизвикал – немирите и дестабилизацијата би ги почнале Албанците во Македонија, во случајов ДУИ, како најмоќна партија.
Ако се анализира разумно, без страсти, финиот, во свила завиткан коментар што го пласира Малески, поддржувајќи го Османи, без голем напор може да се заклучи дека е своевидна закана кон македонските власти што побрзо да се договорат со Бугарија, по цена на попуштање од наша страна. Не е препорака, туку строга и сурова закана.
За да го засили својот став, Малески се повикува на францускиот претседател Емануел Макрон. Тој во 2019 година изјави дека одвојувањето на Северна Македонија и на Албанија во процесот на пристапните преговори со Европската Унија би можело да предизвика насилство не само кај албанското малцинство во Северна Македонија туку во сите земји каде што има такво, јасно посочувајќи дека е против одвојување на двете земји од пакетот. Давањето зелено светло на Северна Македонија без Албанија, Макрон го оценил како „смртоносна политичка грешка“. Доколку Македонија биде одвоена од Албанија, односно ако на Македонија ѝ се даде почеток, а на Албанија отчеток, ќе сме виделе политички и социјални движења од неверојатно насилство, не само кај албанското малцинство во Северна Македонија туку во сите земји каде што тоа егзистира.
Што е тука клучот за да се отвори замката низ која ќе се види дека Малески или не ја сфатил или погрешно ја интерпретира изјавата на агилниот Французин, кој еднаш силно ја тресна вратата пред македонскиот нос на прагот на ЕУ? Да повторам, за да стане појасно. Макрон говори за тоа дали Македонија, која е понапред со реформите, да се одвои од Албанија, која заостанува, а не обратно, Албанија да добие предност. Тогаш Македонија ја влечеше зад себе Албанија, а неколку земји од ЕУ бараа Тирана да биде ставена на долга листа за чекање. Албанија, со сите нејзини проблеми, беше во последниот вагон на ЕУ и по ранг и по сила, иако членка на НАТО од 2009 година.
Постојат пет кандидати за членство во Унијата. Турција (аплицирала во 1987), Република Македонија (аплицирала во 2004), Црна Гора (аплицирала во 2008), Албанија (аплицирала во 2009) и Србија (аплицирала во 2009). Сите имаат започнато со пристапните преговори. Косово (чија независност не е признаена од пет ЕУ земји-членки) и Босна и Херцеговина се признаени како потенцијални кандидати за членство. Како што може да се види, Турција е кандидат речиси половина век, а и сите други стојат во место. Никаде и никој не предвидува евентуална војна по прашањето за прием во ЕУ.
Не треба да се биде папа за да се знае дека Албанија нема бланко-поддршка за почеток на преговорите. Дури и Америка и свети НАТО да запнат, ЕУ нема да постигне консензус за Албанија. Тоа го кажуваат повеќето западни политичари. Македонија не тапка во место поради албанскиот фактор, неа на секој чекор ја кочи Бугарија, бугарската политика со обиди да го оживее вампирското време од средниот век наваму. Македонија лета во место од сопствената неспособност, од неукоста и неискуството на младата политичка гарда, која, од Груевски, преку Заев, до ден-денес наместо просперитет, шири неизвесност.
Можеби не е случајност што во денот кога министерот за надворешни работи зборува за можни дестабилизации се јави и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Сигурно не мислела да му контрира или да го демантира Бујар Османи, но чисто, јасно и гласно изрази став дека нашата безбедносна состојба е стабилна. Во моментот нема индиции за директни закани врз Македонија од безбедносен аспект. Засега не се регистрирани упади од аспект на хибридни закани или какви било посериозни дејствувања, но повеќе институции во државата што се задолжени дневно известуваат и се справуваат со некои помали облици на такви појави.
Како што се гледа на бело видело, таа не верува во црните сценарија што ги пласираат Османи и Денко Малески.
Кој и зошто ја доматува одамна заматената вода што го следи патот на државата кон ЕУ? Кому му се потребни фингирање ситуации, кршење закони и устав, лажирања и вознемирувања на граѓаните. Зар малку беа досега? Патот кон ЕУ не е послан со рози, но не мора да гази по валкани патеки, како што се обидуваат некои македонски политичари, министри, советници и самопрогласени експерти. Злоупотребата, во случајов на Албанија, нејзиното користење за остварување антидржавни и антинационални цели, не е во ничија корист – ниту на Македонија, ниту на Албанија.