Занимливости

Во историските извори, античкиот град Стоби првпат се споменува од страна на римскиот историчар Тит Ливиј, кога ја опишува победата на македонскиот крал Филип Петти над Дарданците во последната деценија на вториот век пред нашата. Но археолошките истражувања покажаа дека Стоби има неколку слоја, а најстарите предмети потекнуваат од класичниот и архајскиот период. Истражувачите претпоставуваат дека Стоби бил основан на средината на четвртиот век пред нашата ера. Градот имал економско и воено значење, особено во римскиот период, кога бил поврзан со Виа Игнација.

По освојувањето и поделбата на Македонија од страна на римската држава, Стоби станал седиште на третата македонска област. Во времето на римскиот владетел Октавијан Август, градот почнал да се шири на јужната и западната страна, а неговото економско и културно издигнување било поврзано со издигнување на неговиот статус во рангот муниципум, посведочено во монетите.
Во доцната антика биле изградени театарот и внатрешниот бедем од источната страна. Во 325 година од нашата ера, Стоби станал епископско седиште. Во текот на четвртиот и петтиот век биле изградени повеќе цркви, кои се истакнувале со својата внатрешна декорација и фрески. Особено е значајна Епископската базилика, која е позната како базилика на епископот Филип. На јужната страна од базиликата се наоѓа крстилница со богати мозаици, на кои се претставени елени и пауни. Во близината на базиликата се наоѓа и резиденцијата на епископот, која е една од најстарите ранохристијански градби.

Археолошките истражувања покажаа и постоење на еврејска синагога, за која се верува дека е изградена во четвртиот век од нашата ера, а подоцна на нејзиното место била подигната базилика со тробродна диспозиција.
Од поистакнатите градби, може да се спомене и римскиот форум, како белег за значајноста на градот. Истражувањата покажале дека градбата функционирала до третиот век од нашата ера, кога била уништена од Готите. Објектот бил опожарен, а статуите биле насилно искршени. Стоби имал и сопствен театар, кој најверојатно бил изграден во вториот век од нашата ера, личел на постарите хеленски театри. Театарот немал бина, туку фасада што била заднина на претставите. Делот наменет за публиката бил изграден од бел мермер и можел да прими околу 8.000 посетители. Кон крајот на третиот век, театарот бил претворен во арена за борби на гладијатори.

Една од најлуксузните куќи се наоѓа источно од Виа Теодосија и се верува дека во неа престојувал римскиот император Теодосиј при посетата на Стоби. Името на сопственикот не е познато, а во спомен на императорот куќата е позната како палатата на Теодосиј. Од источната страна се наоѓа базен, со осум пиедестали од мермер, украсени со спирални канелури, врз кои стоеле откриените статуи. На северната и јужната страна од дворот се ниски платформи, веројатно некогаш цветни тераси. Подот во дворот е прекриен со мермерни плочи, а перистилот со мозаици.
Големата апсидална просторија, триклиниумот, која се наоѓа на јужната страна на повисоко ниво, поплочена е во опус сектиле. Другите простории се исто така раскошно украсени. Според мозаичните површини, палатата најверојатно била изградена во четвртиот век.