Филип Коруновски, уметник
Во Младинскиот културен центар е отворена изложбата „Носталгија на изолацијата“ на Филип Коруновски. Делата прикажуваат на што се посветија луѓето за време на изолацијата од пандемијата, кои беа нивните интереси, хобија, преокупации, што открија за себе… Од технички аспект, овие дела се создадени како студија на современите технологии за визуелно изразување. Конкретно, дигиталното цртање и сликање се предизвик за реинтерпретација на вековно старите ликовни техники и принципи, како од графички, цртачки и сликарски аспект.
Филип Коруновски е ликовен уметник. Своето образование го започнува во 2002 г., во Државното средно училиште за применета уметност „Лазар Личеновски“, на отсекот за графика и графички техники во Скопје. Во 2006 година високото образование го продолжува на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот за графика со графички дизајн. Во 2011 година, Коруновски магистрира на одделот за скулптура на истиот факултет. Досега има реализирано повеќе самостојни изложби.
Какви перспективи нуди „Носталгија на изолацијата“?
– Доколку бараме поттекст на овие дела, тој би бил: „Следете ги своите соништа“, чувството кога ќе ви се остварат е неописливо, волјата ни отвора нови перспективи, нови гледишта, мотив за живот и жед за живот. Секој посакува да постапел поинаку во одредена точка во животот, ова беше повик за остварување на личните цели и амбиции.
Изложбата е насочена кон луѓето и нивната себеизолација, себеоткривање… Какви емотивни состојби отклучуваат вашите дела?
– Наративниот аспект на овие дела се состои во анализата за состојбите на луѓето што се развија за време на изолацијата, луѓето со носталгија се посветија на своите интереси, хобија, надградување на себеси, си дадоа оддишка да го прават она што немале време или услови да го прават. Создадоа бендови, си направија градини, научија да свират музички инструменти, да градат, да читаат… Аналогно на тоа беше именувањето на изложбата со нејзиниот наслов „Носталгија на изолацијата“.
Каква носталгија побуди изолацијата кај вас?
– Класичните графички ликовни техники ги занемарив повеќе години, чувствував вина за тоа запоставување, сѐ уште чувствувам. Се случи период кога ми требаше естетиката на тие ликовни вредности и одлучив да оддадам почит во вид на проект за истражување во рамките на дигиталното ликовно изразување.
Станува збор за дигитално цртање и сликање. Од технички аспект, како се создаваа вашите дела?
– Едноставно, симулација на класични графички и цртачки техники со можностите на дигитален таблет за цртање. Технички, во оваа серија на дела сакав да истражувам околу традиционалниот пристап во современите технологии, односно вековно старите ликовни техники инкорпорирани во дигиталното сликарство и ликовно изразување. Можностите се огромни и отворени за манипулација, можете да создадете материјали по сопствена желба, четки со ретки влакна, јаглен со груба рустична текстура, молив со двојна линија…
Човечките емоции, портретно сликарство, некако се неизбежен дел од вашето ликовно изразување, каква човечка рефлексија сакате да прикажете?
– Отсекогаш ме фасцинирал феноменот на човекот во општеството, неговиот однос, разбирања, соживот, различности и сличности. Некогаш тоа е човековата фигура, физичкиот изглед, движењата и гестикулациите, енергијата на луѓето што ја шират, енергијата што ја примаат, нивниот ментален склоп, некогаш и мислите на луѓето се рефлектираат во моите дела, фасцинантно е значењето на човечкиот род во овој свет.
Работите како сценограф во театарот „Јордан Х.К. Џинот“ во Велес, каде што реализиравте сценографии за повеќе од 30 претстави. Каков израз создавате на театарската сцена?
– Сценографијата ме воодушеви како платформа на можности уште во средношколските денови, просторот и неговото битисување во сооднос со човекот се меѓусебно зависни. Визуелно-функционалното обликување е особено интересно за линијата на моето творештво. Секогаш се обидувам на реалните елементи во сценографијата да им додадам ликовност, сакам кога просторите имаат визуелно дополнување, театарот има потреба од бутафорност и претерување. Претставите се преплет од правила и граници што ги задава процесот и слобода на изразување и креативна слобода, балансот помеѓу овие спротивности е она што нѐ развива како уметници и креативци.