Буџетарите во офанзива за повисок стандард

Ако за реалниот сектор продуктивноста е главниот фактор за зголемување на платите, зошто тоа не би важело и за вработените во државните институции, за кои одамна се знае дека има превработеност по критериум што сигурно не е во согласност со „мерит-системот“, при што граѓаните се сведоци дека административците не можат да се пофалат со повисока продуктивност во извршувањето на своите работни задолженија и обврски… Офанзива – да, ама доколку претходната офанзива е завршена со победа на работното место: со исполнување на работните обврски во целост, со исполнување на работните задачи во целост, со исполнување на нормите на работното
место – во целост!

По двегодишната надворешна здравствена, енергетска и безбедносна криза, Македонија, која поминува и низ внатрешни политички превирања, влегува во фаза кога треба да се справи и со социјални предизвици. Само изминатата недела имаше неколку најави и откажувања од вработени во јавната администрација, со единствено барање за зголемување на платите. Во саботата тоа го направија полицајците од независниот полициски синдикат, кои ги оставиле униформата и опремата и здружено со наставниците излегоа на улица. Синдикалните претставници предупредија дека ова било само предупредување до Владата, а во случај на неисполнување на барањето за зголемување на платите, следниот пат ќе постават и шатори пред Илинденска број 2. Претходно, пред полицајците и наставниците, предупредувачки „протест“ најавија и синдикалците од Македонски пошти! И поштарите доставиле предупредувачко писмо до власта, со барање за линеарно покачување на платите и вработените. Акционерското друштво Пошта, за тие што не се информирани, е во 100-процентна државна сопственост, што значи дека повисоките плати треба да се исплатат од државната каса. Пред полицајците, наставниците, поштарите, предупредувачки протест одржаа и железничарите, на кои им доцнела исплатата на платата.
Во досегашниот триесетгодишен транзициски период зачувувањето на стандардот на граѓаните во Македонија било често спомнувано од синдикалните организации. Но тоа што може да се забележи е што најгласни во барањето за повисоки плати се вработените во јавната и државната администрација.

Барањето да се зголемат платите на администрацијата е легитимно, но притоа не треба да се занемаруваат и другите економски фактори на кои треба да се темелат синдикалните барања за зачувување на животниот стандард. Платите на администрацијата се алиментираат од даноците од стопанските субјекти и граѓаните, кои, исто така, се соочуваат со последиците од продолжената криза во светот, се соочуваат со недоволно ефикасни мерки на сопствените влади, со немање план и антиципирање на економско-стопанските состојби во самите држави, а и со немање мрежно поврзување во регионот, заради соработка и ублажување на кризниот удар (енергетски, економски, земјоделски итн.)… Така што стопанските оператори, мали, средни, големи, се принудени да применуваат класични и познати мерки, да ги намалуваат своите стопански активности или да ги рационализираат своите трошоци. Имено, да не заборавиме да истакнеме дека со истите социјални предизвици (исто како и во јавниот сектор) се соочуваат и вработените во приватниот сектор, каде што во сите години од транзицијата примаат пониска просечна плата во однос на „осиромашените“ административци. Конечно, ако за реалниот сектор продуктивноста е главниот фактор за зголемување на платите, зошто тоа не би важело и за вработените во државните институции, за кои одамна се знае дека има превработеност, повеќето партиски кадри, кои и не можат да се пофалат со повисока продуктивност во извршувањето на своите функции. За ефикасноста на полицијата, наставниците, државните лекари и поштари или судиите има многу да се елаборира, но тоа не е предмет на овој текст.

Во обид да го заштити стандардот на сите граѓани, Владата се одлучи за колективниот пристап во донесувањето на повеќе социјални мерки. Со укинување на ДДВ, цените на основните производи се држат во пристојни рамки. Лебот е целосно ослободен од плаќање на ДДВ-то, а за другите основни животни продукти се применуваат намалени даночни стапки. Фискални олеснувања има и за акцизите со нафтени деривати, што влијаеше и на спречувањето на ценовниот шок за граѓаните и стопанството. Владата исто така ја покачи и минималната плата и обезбеди нова методологија за раст на пензиите. Во наредните три месеци, сите пензионери во државата ќе добијат по илјада денари финансиска поддршка. Сите овие мерки придонесуваат за заштита на најранливите категории граѓани. Во напливот на популизмот, од извршната власт се најави и програма за штедење во државните институции, со кои се ограничуваат службените патувања, користењето на државниот возен парк и трошоците за репрезентација, за набавка на мебел и за пиење кафиња! Сето ова нѐ врати во времето од социјализмот и познатите „стабилизациски програми“ на поранешната претседателска на Сојузниот извршен совет, Милка Планинц, кои се покажаа безуспешни, бидејќи беа игнорирани токму од оние што треба да ги испочитуваат тие мерки. Се чини дека повторно се губи фокусот во примената на економскиот и социјалниот пакет мерки во справувањето со кризата.

Економистите со право предупредуваат на опасноста од прекумерно и нерационално трошење на средствата од државниот буџет. Зголемувањето на ставките на платите на државната администрација не треба да биде единствен приоритет за политичките партии, зашто сето тоа на крајот е на товар на домашното стопанство, кое и така едвај преживува. Третирањето на буџетот како отворена каса од која секој може да земе колку ќе посака за да се задоволи личната потрошувачка, може да има краткорочен ефект. Зашто, како што велат економистите, никаде нема бесплатен ручек и сметката на крајот треба да се плати. Како мало потсетување е веста за која никој во овој момент не посвети внимание, а тоа е дека Министерството за финансии планира да издаде нова еврообврзница во износ од 600 милиони евра. И како по правило, сметката на крајот ја плаќаат граѓаните.