Руската воена операција во Украина и огромните санкции што САД и Европа ѝ ги воведоа на Русија како одговор, предизвикаа економски нарушувања во четири аспекти: директно, спротивно, последично и системско. За да ги спречиме нивните долгорочни последици, мора да почнеме да работиме на плановите за обнова уште сега.
Во секој случај, најтешко се погодени украинската и руската економија. Економската активност во Украина, најверојатно, ќе се намали за повеќе од една третина оваа година, што ќе ја влоши хуманитарната криза, која брзо ескалира. Веќе војната доведе до повеќе од 750 цивилни жртви и натера над два милиони Украинци да побегнат во соседните земји, а уште милиони се внатрешно раселени.
Иако Русија не трпи големи човечки страдања или физичко уништување, нејзината економија исто така ќе се намали за околу една третина, поради невидената сериозност на санкциите под кои сега се наоѓа. Замрзнувањето на средствата на централната банка и исклучувањето на одредени руски банки од СВИФТ ја доведуваат економијата до капитулација, со „самонаметнатите санкции“ од страна на домаќинствата и компаниите, па понатаму од „Епл“ до „Бритиш петролеум“, што придонесуваат за штетите. Русија сега се движи кон сериозни девизни ограничувања, има огромен недостиг од стоки, рубљата доживува колапс, се зголемуваат долговите и очекувањата меѓу домаќинствата дека работите ќе се влошат пред да се подобрат. Дури и ако војната заврши утре, ќе бидат потребни години за да закрепнат овие економии. И колку подолго трае војната, толку е поголема штетата, толку е поголем потенцијалот за погрешни интеракции и негативни циклуси, а со тоа и продлабочување на последиците.
Во Украина, физичката и човечката инфраструктура се многу силно погодени. Земјата може да очекува огромна надворешна поддршка за нејзината реконструкција, за време на која може да се справи со минатите слабости и да изгради нови економски структури и односи дома и во странство. Но процесот ќе потрае и ќе се соочи со тешкотии. Од своја страна, на Русија ќе ѝ биде многу тешко да ги обнови економските, финансиските и институционалните врски со надворешниот свет, особено со Западот. Ова ќе го попречи евентуалното економско закрепнување, кое ќе зависи од извршувањето на голем број сложени и скапи внатрешни преструктурирања со институционални, политички и општествени димензии.
Но економските последици од конфликтот нема да бидат ограничени само на земјите што се вклучени во него. Западот веќе почна да го чувствува „стагфлацискиот“ удар. Постојните инфлациски притисоци ќе бидат дополнети со зголемените цени на суровините, вклучувајќи ги и енергијата и пченицата. Во меѓувреме, започна уште една рунда прекини во синџирот на снабдување, а транспортните трошоци повторно се зголемуваат. Нарушените трговски патишта, веројатно, ќе направат дополнителен надолен притисок врз растот.
Степенот на штетата што ја предизвикуваат овие случувања ќе варира во голема мера во и надвор од земјите. Во отсуство на навремен политички одговор, напредните економии треба да очекуваат помал раст, влошување на нееднаквоста и пошироки разлики во перформансите меѓу земјите. Генерално, САД веројатно ќе ја надминат Европа, која најверојатно ќе западне во рецесија, поради поголемата внатрешна отпорност и агилност на американската економија, иако неуспехот на американската централна банка да одговори навреме на инфлацијата минатата година, што е историска грешка во политиката, ќе ја поткопа политичката флексибилност.
Од двете страни на Атлантикот може да се очекува зголемена и, понекогаш, вознемирувачка нестабилност на пазарот. Финансиските загуби ќе бидат поголеми во Европа, при што одредени сектори, особено, одредени банки и енергетски компании, ќе бидат многу силно погодени.
Економското и финансиското разидување ќе се зголемат и на други места во светот. Некои производители на стоки ќе добијат доволно од повисоките извозни цени за да ги надоместат загубите предизвикани од понискиот глобален раст. Но многу поголем број земји, особено оние што се наоѓаат во близината на конфликтот и послабите економии во развој, ќе се соочат со притисок од неколку извори, вклучувајќи и неповолни услови за трговија, миграциски текови, зајакнат американски долар, намалена глобална побарувачка и нестабилност на финансискиот пазар. Увозниците на стоки ќе се борат да се справат со ненадејните глобални скокови на цените, кои тешко се пренесуваат на потрошувачите и тешко се субвенционираат. Потенцијалното влијание може да вклучи поголемо преструктурирање на долгот. Доколку политичарите не бараат навремени одговори, најслабите економии се соочуваат со изгледи за немири за храна.
Потоа, тука е иднината на мултилатерализмот, како четврти аспект. На краток рок, Западот повторно ја потврди својата доминација над меѓународниот систем што го изгради по Втората светска војна. Но треба да очекува сериозен долгорочен предизвик од интензивирањето на напорите предводени од Кина за постепена изградба на економски или финансиски алтернативен систем.
Често се вели дека во секоја страшна криза се крие голема можност. Иако е императив земјите да продолжат да се здружуваат за да се спротивстават на незаконската инвазија на Украина, исто така е од клучно значење тие да преземат навремени активности за да ги ублажат долгорочните економски ризици што ги предизвикува конфликтот, па дури и да ја зајакнат идната издржливост и соработка. Светот достојно одговори на предизвикот по Втората светска војна. Сега мора да се фокусираме на обезбедување сличен одговор кога ќе се врати мирот во Украина и во Европа.
Мохамед ел Еријан е претседател на колеџот „Квинс“ на универзитетот во „Оксфорд“ и професор на школата „Вартон“ на Универзитетот во Пенсилванија