Без да бидам осуден за тоа дека сакам да ширам страв, само да подвлечам дека дебатата е само отворено размислување, со надеж дека нема да дојде до тоа и дека ќе победи разумот. Уште повеќе, таа е повик токму кон спротивното, давање шанса на преговорите и мирот, бидејќи алтернативата е загуба за човештвото – ако веќе и не сме тргнале во таа насока, со оглед на одлуката да се решаваат споровите со примена на сила
Конфликтот во Украина се распламтува со опција да излезе од контрола. Додека Русија ги загуби информациската и дипломатската војна, остануваат две дилеми или прашања, како сакате. Прво, дали санкциите против Путин како економски инструмент на моќ и принуда ќе дадат плод? Ако дадат, тогаш, по која цена и, конечно, што ќе значи тоа? Второ, ако тие не успеат, што ќе значи тоа за борбените операции на теренот – односно употребата на сила како инструмент за решавање на конфликтот? Со други зборови, како ќе продолжи да се одвива конфликтот оперативно и како ќе се одрази тоа врз целиот исход?
Тоа се прашања на кои во согласност со просторот ќе се обидеме да дадеме одговор, бидејќи тоа е нешто што ја окупира јавноста. Пред да се осврнеме на двете можни варијанти, би нагласиле дека и двете имаат потенцијал да завршат во слепа улица, од која апокалиптичните сценарија од нула до сто ќе ескалираат за пет секунди. Без да бидам осуден за тоа дека сакам да ширам страв, само да подвлечам дека дебатата е само отворено размислување, со надеж дека нема да дојде до тоа и дека ќе победи разумот. Уште повеќе, таа е повик токму кон спротивното, давање шанса на преговорите и мирот, бидејќи алтернативата е загуба за човештвото – ако веќе и не сме тргнале во таа насока, со оглед на одлуката да се решаваат споровите со примена на сила.
Да тргнеме по ред. Сѐ погласни се анализите дека економските санкции даваат резултат и дека тие им излегуваат од контрола на Русите. Тоа, ако е точно, би требало да значи дека Путин ќе еродира поради две причини што се генерални (иако може да има и повеќе, но поради поедноставен пристап ќе ги воопштиме). Прво, притисокот дома ќе станува сѐ посериозен. Најидеално за Западот би било дека Путин ќе мора да направи отстапки и баланс, па ќе мора да слуша. Последователно, ќе мора да седне да разговара разумно. Второ, поврзано со претходното, но и во негова функција, тој ќе мора да ги прекине дејствата, бидејќи дејствата се веќе прескапи и неодржливи. Во ваквата ситуација најидеално е ако Путин одигра според матрицата на ризик на Западот во која и според која тој е сѐ ама не е апокалиптичен. Значи, нема да сака да се себеуништи. Втората опција на развој на настаните, сепак, може да биде опасна и да ескалира. Со други зборови, да отиде во правец на нагласка на егото, па наместо да се повлече, да започне да се однесува апокалиптично. Тогаш тоа би значело дека дури и да се задржи на конвенционална употреба на сила, неговите одмазднички дејства сепак тешко ќе се контролираат. Овде, само да подвлечам дека има една голема грижа на која најверојатно мисли западната мудрост (а ако не почнала, ќе почне). Тоа е, што по ова? Или што по Путин? Со тоа, нема да се занимаваме сега. Тоа ќе го оставиме за наредните писанија на темата. Ако се сумира оваа опција, би се заклучило дека Западот мора да предвиди како ќе ја деескалира одмаздата на Путин – како една можна опција. Доколку, пак, претпоставките на западните аналитичари во областа се погрешни и доколку навистина Русија успее да се извлече од економските санкции, тогаш како последна опција, освен ако има нешто што не можеме да го видиме, е оперативната и воената.
На полето на операциите има две работи што треба да се имаат предвид. Прво, без разлика што засега, според она што можеме да го видиме, Русија не напредува, како што очекува барем поголемиот дел од западната оперативна мудрост. Овде мора да се биде внимателен, бидејќи овие очекувања се прават врз претпоставката дека идејата на Путин е да се окупира Украина. Во таа смисла, сите анализи и мерења се прават во контекст на условите што би биле најповолни за таа опција. Следен предизвик на ваквите анализи е дека тие се прават од аспект на либералниот концепт во кој се употребува инструментот на моќ во кој идеално е дека загубите на цивили и материјалната штета (или како тоа се вели колатералната штета) се на минимум. За да бидеме коректни, во практиката тоа не значи дека секогаш така и се применувало тоа. На пример, при нападите на Југославија, откако се сфати дека воздушните напади нема да го дадат бараниот ефект само преку неутрализација на воените цели, листата на цели се прошири и врз цивилна инфраструктура, која беше есенцијална за маневар, комуникација и морал-пропаганда. Во оваа насока би заклучиле дека за да можеме да имаме поширока перцепција, би можеле да ги разгледаме операциите и во друг контекст. Тој е сосема спротивен од она што може да се понуди од сѐ што следиме. Во однос на првата претпоставка во духот на западната воена мудрост, Русите имаат сериозен проблем да демонстрираат капацитет за здружено војување, во кое ќе ги синхронизираат операциите преку домените на војување (копно, вода, воздух и сајбер-просторот). Згора на тоа, гледаме сериозни проблеми со комуникациите, борбено сервисната поддршка. На тактичко рамниште се евидентни доста недостатоци. На пример, поголемиот дел од дефектите, барем од она што може да се види, индицира слаб капацитет или негрижа – лошо одржување на средствата. На пример, експлозија на пневматик што, според сликите, е сосема здрав. Ваквата експлозија или распрскување притоа не е од експлозија или механичко надворешно оштетување во одреден момент туку е од истрошеност на пневматикот од стоење долго време во место без да биде соодветно одржуван.
Следно, снемување гориво, ако е точно, е резултат на лош логистички концепт, кој не е синхронизиран со динамиката и темпото на маневарот. Лошо оперативно планирање или, пак, немање резервен план како опција ако хипотетички маневарот (било да е инфилтрација, или класично движење до контакт) не успее, односно е попречен. Напуштањето на сосема здрави мобилни борбени системи и нивно заробување од украинскиот отпор, пак, исто така укажуваат дека има неколку проблеми. Прво, или моралот е на многу ниско ниво, или руската војска ја заборавила професионалноста. Следен проблем во овој контекст може да биде дека силите тактички влетале во авантура без борбени осигурувања, односно соодветни инструкции за координација околу заштита на силите за време на движењето до контакт – како облик на маневар. Во однос на артилериската поддршка на нападот, онаму каде што Русите важат за мајстори, би рекле дека според она што го гледаме, руските вооружени сили не успеаја да ја испорачаат својата верзија на „шок и страхопочит“. Конечно, комуникациите кај дел од единиците, за кои има аудиозаписи што се лиферуваат по социјалните мрежи (освен ако не се „фејк“), укажуваат дека се одвиваат на отворено, па дури и дека единиците комуницираат преку мобилни телефони! Во однос на воздушната компонента, би рекле дека нападите се повремени, без конкретен концепт. Ништо од она што го гледавме во Сирија, на хируршки операции на блиска воздушна поддршка, која бара голема увежбаност и професионализам. Морнарицата, пак, засега е на пауза.
Само едната амфибиска група влезе на копно и дава поддршка околу Мариопол. Другата е сѐ уште на штрек и чека да се создадат услови за отсекување на Одеса. Згора на тоа, комбинацијата од преостанатите инструменти на моќ, особено информациите (загубената битка во пропагандата), е против рускиот оперативен успех. Големиот број цивилни жртви и хуманата димензија преку артикулација на одделни случаи на жртви веќе ги „дехуманизираа“ Русите. Но, што ако сето ова е само уште една измама на Русија? Што ако ова е сликата што Путин сака да ја проектира за Западот, истовремено сакајќи да го спушти гардот и да ги окуражи украинските водачи да излезат и да се пресметаат во одлучувачки битки со него, како што го стори тоа Грузија?
Ако погледнеме од тој аспект, целата ситуација има опасен тек, кој е за 180 степени спротивен на она што го имаме како заклучок. Тоа од тој аспект има смисла, бидејќи го маскира капацитетот на Путин. Го прави многу поубиствен отколку Западот може да замисли. Што ако тој знае дека се мери секој негов потег и дека тоа може да е значајно во одлучувачката битка, која допрва треба да се случи и да го заокружи ревизионизмот за кој зборувавме веќе во неколку наврати, уште пред речиси два месеци? Што ако сака да го втурне Западот во директен конфликт преку која било опција? Што ако и тоа не е така, додека руската машинерија меле, воено и полека без разлика на цената и трошокот освојува простор, кој подоцна ќе се факторизира во преговорите, додека Западот се мисли како да го неутрализира, тактизира како да му помогне на украинскиот народ, бивајќи оправдано воздржан заради доброто на човештвото.
Методи Хаџи-Јанев
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.