Заштитата од меѓудржавна војна, сама по себе, е огромна задача за меѓународното право и меѓународните институции, како што покажуваат актуелните настани во Украина. Војната во Украина и отворените дебати за иднината на светскиот поредок ќе ги одредат содржината на меѓународното право, неговите институционални форми и неговата траекторија во иднина
Колку пати досега е употребена сила во односите меѓу државите што ги прекршува нормите на меѓународното право, генерирајќи беззаконие и нестабилност во глобалниот систем? Колку пати досега се прекршени строгите ограничувања на Повелбата на ОН за употреба на сила како одговор за заканите по меѓународниот мир и безбедност? Колку пати очигледното прекршување на Повелбата на ОН беше премолчено и поддржано во името на хуманитарните интервенции и нивната ограничена и пропорционална природа? И одеднаш сме соочени со нова војна и широка осуда и згрозување над прекршувањето на меѓународното право од демократските сили на таканаречениот „слободен свет“.
Жално е што сега, по децении на бавна деградација на членот 2(4) од Повелбата на Обединетите нации, се сетија дека меѓународното право е начинот на кој требаше да се ограничи беззаконието во надворешната политика, кое трае премногу долго. Особено лицемерно е да се слушне како се залагаат за целосна одбрана на територијалниот интегритет на Украина оние што со години го третираа територијалниот интегритет на голем број други суверени нации како непријатност на нивните империјални дизајни. Кога со години работите на одржување, па дури и активно промовирање на фрагментацијата на меѓународното право за да се зачува доминацијата во светот преку нелегитимни воени акции, кога меѓународното право го направија чедо на моќта, изгледа доцна е да се бара да ги поддржиме автентичните меѓународноправни принципи. А сепак, покрај сѐ, мораме, зашто ризикуваме целосно да ги изгубиме.
Авторитетот на меѓународното право почива на разумна усогласеност помеѓу формално артикулираните норми и однесувањето на државата; кога двете премногу остро се разликуваат, првото мора да се приспособи или да ја изгуби својата важност. Во Заливската војна, бомбардирањето на Југославија во 1999 година, Ирак, бомбардирањето на Сирија во времето на администрацијата на Трамп, НАТО-силите ниту побараа ниту добија овластување од Советот за безбедност и, секако, не дејствуваа во самоодбрана. За многу меѓународни правници, анализата завршува тука.
Очигледно, овој јаз меѓу реакциите на владите и оние на повеќето научници за меѓународно право е впечатлив. И не видов дека некој се загрижи за тоа. Барем не досега. Изгледа дека тврдоглавиот реалистичен став за странските воени интервенции станува сѐ подоминантен во меѓународниот систем, па, така, правилата на ОН за тоа кога е дозволена сила не го ограничуваат значајно однесувањето на државите. Се сеќавам на еден одговор од висок државен функционер во времето на бомбардирањето на Југославија, кога информиран дека повеќето меѓународни правници ја осудуваат акцијата на НАТО како спротивна на Повелбата на ОН, релаксирано и лаконски од позиција на моќ изјави да ги заменат со нови што ја поддржуваат. Кога свесно и намерно го рушите авторитетот на меѓународното право со тезите дека државите не се венчани за застарени и формалистички идеи за меѓународниот систем и употребата на сила, лицемерно е да се повикувате на него кога војната чука на вратите на Европа. Кога чукаше надвор од Европа, светот беше молчалив.
Далеку од тоа да тврдам дека меѓународното право не е важно, но станува очигледно дека постојат многу моќни нелегални сили што влијаат на одлуките на државите да користат или да не користат воена сила. Тие нелегални сили вклучуваат прашања за глобална стабилност, национални безбедносни интереси, воена способност, поддршка од други клучни и засегнати држави и домашна политичка поддршка. Таквите фактори секогаш ќе бидат позначајни двигатели на дејствување на државите отколку ставовите на меѓународните правници. Но сегашниот недостиг од одговорност за очигледни прекршувања на меѓународното право отвора сериозни прашања за неговата реална вредност во одвраќањето на државите од употреба на сила во рамките на односите во глобализираниот свет. Ретко се случува земјите да признаат дека го прекршуваат меѓународното право или да тврдат дека се слободни да го прекршат. За воените акции на големите сили секогаш постои рационално оправдување раководено од националните интереси. Поточно, државите се грижат за меѓународното право или го почитуваат само кога тоа се совпаѓа со нивните интереси и им служи на истите тие.
Со години проширувањето на фокусот на меѓународното право на човековите права и хуманитарните цели на сметка на територијалниот интегритет го поткопа кредибилитетот на меѓународниот правен систем како целина.
Затоа денес, повеќе од кога било порано, меѓународната заедница треба да реинвестира во нормите за територијален интегритет и суверенитет преку меѓународното право, дури и на сметка на хуманитарните цели, кои треба енергично да се следат преку други патишта. Заштитата од меѓудржавна војна, сама по себе, е огромна задача за меѓународното право и меѓународните институции, како што покажуваат актуелните настани во Украина. Војната во Украина и отворените дебати за иднината на светскиот поредок ќе ги одредат содржината на меѓународното право, неговите институционални форми и неговата траекторија во иднина. Иднината на меѓународното право е нераскинливо поврзана со иднината на светскиот поредок, кој во моментов се обидува да се роди од страдањата и жртвите на војната во Украина. Во меѓувреме, лицемерството, како и секогаш, напредува.
Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски