Силни експлозии одекнаа во Киев и во други украински градови, за време на изминатата ноќ, како и утринава.

Околу три часот по локално време, најмалку четири експлозии се слушнаа во Киев. На интернет се појави и видео снимка од небото по експлозија, направена од жител на главниот град на Украина.

Како што јави „Би-би-си“, целта на нападот сè уште не е утврдена, ниту дали има повредени.

Медиумот додава дека експлозијата одекнала само неколку часа, откако претходната, во близина на главната железничка станица во Киев, го потресе градот.

Од украинското Министерство за внатрешни работи појаснија дека при нападот нема жртви, но, причинета е штета. Оштетена е и главната линија на цевководот за централно греење.


ОН: Милион бегалци ја напуштија Украина за една недела

Милион бегалци ја напуштија Украина и заминаа во соседни земји од почетокот на рускиот напад пред недела дена. За ова информираше денеска, високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди.

„За само седум дена, бевме сведоци на егзодусот на милион бегалци од Украина во соседни земји“, напиша Гранди на Твитер.

Тој додаде дека за милиони други лица, внатре во Украина, време е оружјето да „стивне“, за да може да пристигне хуманитарната помош и да се спасат човечки животи.