Во галеријата на „Остен“ е поставен проектот „Неочекуван дијалог – Рембрант и Јанкуловски“, кој ќе може да се види до 24 февруари 2023 година. Проектот претставува надградба на веќе воспоставената соработка меѓу „Остен арт Скопје“ и САВУ (Светска асоцијација на визуелни уметности), а се состои од изложба на дела од награден уметник од страна на САВУ, со едно дело од уметник чие име го носи наградата. Во рамките на „Остен биенале на цртеж Скопје 2020“, уметникот Мицко (Мице Јанкуловски) беше добитник на наградата „Рембрант“ – за извонредност во уметноста од страна на САВУ за 2020 година, па оттаму и името на проектот „Неочекуван дијалог – Рембрант и Јанкуловски“.
Во рамките на проектот ќе биде поставена изложба на едно дело од Рембрант, графиката „Портрет на Јан Аселин“, отпечатена во шест примероци во две варијанти (едната со штафелај, а другата со сета индикација на отстранетиот штафелај), и на две дела од Јанкуловски од полиптихот „Форма А“ 2019 (16 слики акрил на платно). Во текот на едногодишното траење на изложбата ќе бидат организирани и други активности, за кои јавноста ќе биде дополнително и навремено известена.
Рембрант Херменсон ван Рејн (1606, Лајден – 1669, Амстердам) е веројатно највлијателниот холандски сликар и еден од најголемите сликари во европската историја на уметноста. Рембрант бил умешен цртач и графичар. Неговите придонеси во уметноста се случиле во 17 век (златното време на холандското сликарство), кога Холанѓаните го достигнале зенитот на нивната моќ низ светот, нивното политичко влијание, наука, трговија и култура (особено во сликарството).
– Рембрант со врвно мајсторство ја прикажува психологијата на ликот во неговите слики и цртежи, или, како што се вели, ја слика самата душа на човекот, како и облеката и деталите, ентериерот и природата, библиските теми, светлото и сенката… Рембрант уживал во собирање различни видови хартија од целиот свет и сакал да експериментира со различните ефектите од нивните текстури. Кога ги печател графиките, тој често оставал превез од мастило на површината на отпечатокот за да го збогати тонот на сликата. Тоа го прави и со делото од колекцијата на „Остен – Музејот на цртеж“ – велат организаторите.
Мице Јанкуловски (1954 г., Сливово, Охрид), е македонски уметник што својот креативен потенцијал го изразил во повеќе медиуми, почнувајќи од сликарството, цртежот, карикатурата, палиндромијата, анимацијата, поради што се препознава како мултимедијален уметник. Тој повеќе од 50 години твори во сликарството, започнувајќи од „Форма 1“ (каде што сликаше органски форми во неорганизирани системи и ги употреби речиси сите бои), продолжувајќи со „Форма 2“ (каде што значително се доближи до формите од „Форма 1“ и ги разби сликајќи нивни детали на платна со големи димензии, најчесто во две бои, од кои едната е задолжително црна), за да дојде до „Форма 3“ (каде што се ослободи од боите, но и од четките, па делата ги создава исклучиво со црна боја, врз која интервенира со различни алатки за гребење). Делата од оваа фаза на Мице Јанкуловски се карактеризираат со монохромност, модуларност, мултипликација и минимализам. Најновото творештво на Јанкуловски е препознаено од меѓународната професионална јавност како извонредно и, како резултат на тоа, тој е добитник на повеќе награди.