Дигиталната типографија широко ги отвора портите што водат кон запишувањето на македонскиот пишан збор во вечноста, со нашата една и единствена македонска кирилица, вели Ласко Џуровски за изложбата

„Македонска глаголица. Македонска кирилица“ е заедничка изложба на типографот Ласко Џуровски и визуелниот уметник Лазе Трипков, која се отвора денеска, а ќе трае до 7 март, во МКЦ. Изложбата е остварена со стручна соработка на Елка Јачева Улчар и со поддршка на МКЦ, како дел од официјалната програма за прослава на 50-годишнината од неговото постоење.
Таа се осврнува кон најзначајните столбови на македонскиот јазик и култура – глаголицата и кирилицата.
– Изложбата ги слави корените на глаголицата и се восхитува на плодовите на кирилицата, која е исправена пред предизвиците на технолошкиот развој, кој незапирливо оди напред и повикува: Следете ме! – изјавува Џуровски.

Да го разбудиме нашето „заспано“ минато

На изложбата, како што дополнува тој, публиката ќе ја пречекаат авторски постери што ги слават овие два фундамента на нашиот идентитет: восхитувачка модерна интерпретација на македонската глаголица и дигитализирана македонската кирилица, визуелно презентирана преку изреки напишани на изворен ресенски дијалект, со оригинални македонски фонтови,.

– Идејата за реализација на оваа изложба и иницијативата за нејзино остварување беа на Лазе Трипков и јас ги прифатив со нескриено задоволство. Оваа изложба ја гледам како можност да го разбудиме нашето „заспано“ минато, да чепнеме во дамарите и ʼркулците на македонската култура, да го растргнеме плевелот што се намножил околу нашите вековни корени, да ги вратиме на виделина културните и идентитетски вредности, кои сѐ повеќе ги покриваат темни облаци. Ова е можеби мал чекор напред, но се надеваме дека во јавноста и кај соодветните институции во Македонија ќе поттикнеме дискусија на овие заборавени теми – истакнува Џуровски.
Изложбата претставува чествување на глаголицата и кирилицата.
– Глаголицата и кирилицата се несомнено едни од најзначајните културни богатства на Македонија. Македонското кирилско писмо е загрозено, пред сѐ, од самите нас, кога пишуваме неправилно и несоодветно. Затоа, силно апелирам да го употребуваме правилно, да го афирмираме и да го потврдиме во светот како скапоцена придобивка од една стара култура и цивилизација, која заслужува почит и поклонение. Македонската кирилица е безвременска приказна, започната од нашите просветители браќата Кирил и Методиј, која заслужува да ја чуваме, да ја негуваме и да ја надградувме за да може успешно да го следи развојот на дигиталната типографија во светски рамки. Нашата кирилица содржи букви што се карактеристични само за неа и ја прават уникатна и различна од сите други светски кирилски писма. Во овие тешки времиња, кога сме сведоци на негирање на сѐ што е македонско, се наметнува потребата од нагласена едукација за правилна употреба на македонската кирилица, во сите сфери на културата и на сите медиуми. Дигиталната типографија ни го овозможува тоа и широко ги отвора портите што водат кон запишувањето на македонскиот пишан збор во вечноста, со нашата една и единствена македонска кирилица – вели тој.

Магијата на глаголичната азбука и нејзината уникатна моќ

Според Лазе Трипков, концептот на изложбата е поставен да опфати два различни, но сепак суштински пристапи и визуализации што произлегуваат од културното наследство на Македонија. Делот што го презентира тој е насловен „Македонска глаголица“, а делот на Ласко Џуровски е „Македонската кирилица“. Целта е преку современ ликовно-графички пристап да се истакне нашиот културолошко-идентитетскиот дискурс.
– Она што мене лично како графички дизајнер ме поттикна изминатите три години да се занимавам со истражувања поврзани со глаголицата се всушност нејзината генеза и употребливост како моја лична парадигма, обидувајќи се да ги образложам и оправдам нејзиниот симболизам, улога, функционалност, уникатност и декоративност. Зошто декоративност – поради сензибилитетот на нејзината естетска вредност, бидејќи мора да имаме на ум дека намената на глаголицата, покрај профаната, содржи и нагласена естетска и етичка димензија. Одредени истражувања поврзани со глаголицата упатуваат на фактот дека изговарањето на глаголичните букви преведени во зборови дава една поврзана целина, синтакса што содржи во својот внатрешен облик мудра мисла, па дури и магиска формула. Мене ме инспирира таа магија на глаголичната азбука и нејзината уникатна моќ да ги воведе нашите предци, или ако сакате цивилизацијата, од незнаење кон знаење, од мрак кон светлина – вели Трипков.
Според него, изложбата има задача да обедини, да посочи и понуди решенија, да постави предизвици, но и да предупреди.
– Антрополошките кодови на словенските народи, соочени со минатото наспроти сегашноста, нивната „биолошка“ култура иницирана од историската мисија на сесловенските браќа светите Кирил и Методиј, преку Охридската книжевна школа, Климентовиот универзитет… Глаголицата е автохтон буквен знаковен систем, кој во себе содржи идеограми. Оттука, мене длабоко ме допираат овие историски факти наспроти несериозноста кон нашиот идентитет денес. Нема ништо посвето од мајчиниот јазик – дополнува Трипков.
На прашањето застапена ли е доволно кирилицата во плакатите и графичката уметност, тој вели дека за да даде темелен одговор, треба да се направи сериозна паралела помеѓу Македонија во периодот од 1946 до 1991, наспроти Македонија денес, односно по 1991 или во 21 век.

– Начинот на кој се продуцираат решенијата, динамиката, општествената состојба, дигиталните трендови и други фактори, денес ги занемаруваат нејзината употребливост и примена. Правописот се потиснува, и тоа не се случува само кај младите, проблемот е и во институциите, учебниците, книгите, рекламите, написите… Знаете, кога вие живеете во едно општество, кое толку често прави грешки, опкружувањето ви е базирано на системски грешки, тогаш и вие функционирате така. Лично сметам дека искрената неуморна заложба на Ласко Џуровски не е доволно искористена и применета, затоа посакувам и се надевам дека оваа изложба сериозно ќе биде сфатена и разбрана – категоричен е Трипков.