Улогата на авганистанските соседни држави по повлекувањето на сад
Денешниот Авганистан е извонреден пример за проблематична ситуација, која, иако го бара вниманието на американската политика, сепак не гарантира дека САД ќе го понесат главниот товар. Згора на тоа, државите што се најсоодветни и со најголема веројатност да имаат водечка улога во справувањето со актуелната состојба, ги вклучуваат оние што Американците ги сметаат за противници или не им веруваат од различни причини. Вашингтон не треба да ги зема предвид таквите чувства и треба да сфати дека поголемото вклучување и влијание од страна на противниците во овој случај не значи дека е лошо и всушност може да ги унапреди целите за кои САД се залагаат.
Кога „негативците“ можат да направат добро
Најдиректно вклучени се талибанците што сега владеат со Авганистан. Сакале да признаеме или не, талибанците победија во авганистанската граѓанска војна. Во блиска иднина, постигнувањето на сè што се приближува до мирот и стабилноста во Авганистан ќе значи тие да ја зацврстат својата победа и да ги надминат сите преостанати обиди на отпор. Унапредувањето на таквиот мир и стабилност е важно, делумно од хуманитарни причини. Повторното разгорување на граѓанската војна би значело влошување на актуелната хуманитарна криза. Најголемиот неуспех што некогаш го претрпеа талибанците, како што беше соборувањето од претходната позиција на моќ со воена интервенција предводена од САД, беше директно резултат на терористичката операција против Америка што беше спроведена од Ал каеда, воениот сојузник на талибанците во тоа време. Меѓутоа, талибанците имаат силна причина да не дозволат нешто такво да се повтори.
Улогата на соседните држави
Пакистан отсекогаш замислувал силен удел во Авганистан, гледајќи го како место со „стратегиска длабочина“, додека се соочува со својот традиционален ривал, Индија. Државата отсекогаш беше најголемиот поддржувач на авганистанските талибанци, чија помош беше клучна за да им се овозможи да го постигнат она што го имаат. Сега, кога талибанците ја имаат контрола во Кабул, Пакистан има добра причина да го искористи своето влијание во насока на стабилност и умереност. Веројатно, најважно за него е каков било мотивирачки или радикализирачки ефект што авганистанските талибанци може да го имаат врз констелацијата на антивладините групи во северозападен Пакистан, попознати како пакистански талибанци, кои во последно време повторно станаа активни. Исламабад, играјќи ја својата игра преку границата со авганистанските талибанци, предолго не даваше доволен приоритет за справување со оваа форма на екстремизам на сопствената територија, а сега веќе е свесен дека има сериозен проблем.
Од другата страна на Авганистан е Иран, кој на потешкиот начин научи колку неволји може да му предизвика нестабилноста во Авганистан. Таков пример е авганистанската трговија со дрога што создаде големи проблеми во државата. Затоа, Иран останува посветен на своите позитивни интереси за овозможување поголема стабилност во Авганистан и на борбата против трговијата со дрога. Иран има и пристрасни интереси во согласност со меѓународните грижи за хуманитарни и човекови права, а тоа е заштитата на главно шиитската етничка група хазари, која беше прогонувана од милитантните сунитски талибанци.
Друга странска сила во соседството е Кина, која дели само кратка граница со Авганистан на крајот од коридорот Вахан, но сепак ги чувствува опасностите од географската близина. Главната грижа на Пекинг е каква било форма на влијание на исламистичката милитантност во Авганистан. Кина има и економски интереси во Авганистан, особено во искористувањето на природните ресурси, како бакарот, и е најголемиот извор на странски инвестиции во земјата. Безбедносните и економските интереси подразбираат кинески интерес за поголем мир и стабилност во Авганистан. Во согласност со ова, Кина ги искористи своите добри дипломатски врски за да посредува меѓу Авганистан и Пакистан и беше домаќин на разговорите меѓу талибанците и претходната авганистанска влада.
Нема повеќе „добивање на готово“
Соседните сили во голема мера профитираа од тоа што САД две децении вложуваа во она што стана залуден напор за градење нација во Авганистан. Американското воено повлекување минатата година му стави крај на тоа, а соседите со поголеми и понепосредни интереси во Авганистан соодветно се приближуваат до играње водечка улога во справувањето со државата, која по секоја мерка е сè уште нестабилна и оптоварена со проблеми. Кооперативната соработка за авганистанските прашања со засегнатите соседи, слично на американско-иранската од пред две децении, во доменот каде што постојат слични интереси, ќе им биде од корист на сите вклучени влади, како и на измачениот авганистански народ.
Слична соработка со талибанскиот режим, дури и ако не се планира наскоро воспоставување целосни дипломатски односи, ќе им служи на истите интереси. Постои итна потреба за соработка со режимот од хуманитарен аспект, но таквата соработка, исто така, би послужила за целите како што е сузбивањето на која било почетна терористичка закана од авганистанската филијала на Исламската држава, која актуелно претставува главна опасност за ескалирање на насилството врз цивилите во Авганистан.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска