Минуваат две години од појавата на пандемијата на коронавирусот. На глобален план, во речиси сите земји, вирусот сериозно придонесе за создавање здравствена, економска и социјална криза со несогледливи последици. Беа ангажирани значајни фактори и големи материјални средства за да се намалат последиците од пандемијата и што побрзо животот да се врати во нормален колосек. И покрај тоа, во многу земји бројот на жртвите беше голем. Македонија со над 8.700 починати во просек е на врвот во светот. Кај нас и другите последици сѐ уште се на високо ниво. Здравствената и економската криза и натаму загрижуваат. На тоа во последно време се надоврзува и енергетската криза, која значително влијае на верижното поскапување на животните трошоци, а со тоа и на сиромаштијата. Цената на струјата е зголемена за околу 10 отсто, но и бензинот зачестено поскапува, така што литар еуростандард 98 се продава по 84 денари, еуростандард 95 е 82 денар, а дизелот изнесува 76 денари. Цената на нафтата на светските пазари постојано се зголемува, со што до крајот на месецов може да се очекуваат и нови цени на дериватите. Сето тоа влијае на нов ценовен скок на транспортните и другите трошоци, кои верижно влијаат и на зголемување на цените на сите производи. Поради тоа во Хрватска, Србија, Унгарија и во некои други земји цените на горивата се замрзнати.
За ова и во нашата земја треба да се размислува, но и за намалување на дополнителните давачки за бензин, бидејќи тие за акцизи, даноци и такси изнесуваат околу 40 отсто. Зголемените цени за комунални давачки, бензини, лекови и за прехранбени производи придонесуваат за натамошно проширување на сиромаштијата, која особено ги погодува невработените, но и вработените и пензионерите со ниски примања. Сите тие едвај преживуваат, со што сериозно се загрозува нивната егзистенција. На пазарите краставиците и бабурите се продаваат по околу 280 денари за килограм, а слични ненормално високи цени се евидентирани и кај други земјоделски производи, но и кај лекови и витамини.
Загрижува и скапотијата на прегледите и лекувањето од коронавирусот, особено во приватните амбуланти и болници. Владата презема мерки за околу 7.000 домаќинства со ниски приходи да добијат од 600 до 800 денари финансиска поддршка за покривање на дел од зголемените сметки за струја. Но тоа, секако, е незадоволително. Токму поради тоа, премиерот Димитар Ковачевски деновиве најави посебна финансиска поддршка за пензионерите за полесно справување со енергетската и економската криза..
Проблемот на сиромаштијата и според европската методологија е загрижувачки, бидејќи Македонија се смета меѓу петте најсиромашни земји во Европа. Од вкупниот број на населението, над половина милион лица не можат да ги задоволат ниту основните услови за опстојување или се наоѓаат на граничен ризик со сиромаштија. Во еврозоната, а со тоа и кај нас, нов предизвик за економијата и за стандардот на граѓаните е најавата на висока инфлација, која може да предизвика и девалвација на вредноста на денарот.
Економските аналитичари со право укажуваат дека проблемот со инфлацијата сериозно предупредува за ново зголемување на бројот на сиромашните, бидејќи таа директно се одразува на потрошувачката кошничка. Ваквата нестабилност на условите на стопанисување ќе биде сериозна пречка и за планираните и посакувани идни инвестиции. За ублажување на споменатите проблеми, покрај со буџетски средства, сметам дека треба да се изнајдат нови можни решенија за поголемо користење на фондовите од Европската Унија наменети за коронавирусот, за социјални потреби и за стари лица.
Актуелно е и прашањето за зголемување на минималната плата. На седница на Економско-социјалниот совет, Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавци усвоија предлог минималецот да се зголеми за 2.800 денари (45 евра), односно од 15.200 на 18.000 денари (292 евра). Се смета дека минималната плата не може да биде помала од 57 отсто од просечната. Со овој договор, по усвојување во законодавниот дом, покачување на минималната плата ќе почне да важи со исплатата на платата за март, што значи дека околу 80.000 работници новиот минималец ќе го добијат на почетокот на април. Државата со 16 милиони евра ќе ја покрие годинава разликата во делот на придонесите што се плаќаат за сегашната минимална плата, до онаа што ќе се исплаќа од март. Тоа ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата. Меѓутоа, јавни барања за зголемување на платите има и од образованието и администрацијата, а на проблеми со изедначување на примањата укажуваат и други сектори.
Во тој контекст, интересно е какви се минималните плати во земјите од Европската Унија. Најниска минимална плата од 332 евра има во Бугарија, потоа Летонија 500 евра, Романија 313, Унгарија 524, Хрватска 624, Словачка 646, Чешка 652, Естонија 654, Полска 655, потоа Литванија 730, Грција 774, Малта 792 и Португалија 823 евра. Над илјади евра има во Словачка 1.074, Шпанија 1.126, Франција 1.603, Германија 1.621, Белгија 1.658, Холандија 1.825, Ирска 1.775 и највисока во Луксембург 2.257 евра.
Напоредно со зголемување на платите треба да се разгледаат сите можности и за соодветно зголемување на пензиите, што со право го очекуваат голем број пензионери. Како што е познато, пензионерите со јануарската пензија добија минимално зголемување на пензија од 2,9 отсто, колку што изнесуваше процентот на трошоците на живот во второто во однос на првото полугодие во 2021 годинa. Зголемувањето на просечната пензија во номинална вредност изнесува 460 денари, највисоките добија покачување од 1.700 денари, а минималните пензии од 304 денари. Последните податоци покажуваат дека во нашата земја има околу 330.000 корисници на пензија, од кои најниска пензија од 10.154 до 11.899 денари примаат околу 70.000 пензионери. Уште толкав број имаат пензија до просечната, која изнесува 16.336 денари. Највисоки пензии од 41.724 до 59.674 земаат околу 1.350 пензионери, од кои со највисока се околу 50. Реалната вредност на пензиските примања е значително намалена, поради што треба да се води поголема грижа за оваа значајна масовна популација.
И додека Владата подготвува нова методологија за континуирано зголемување на пензиите, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ официјално до законодавниот дом предложи зголемување на пензии со 20 отсто. Меѓутоа, ако сите пензиите се зголемат со овој процент, најниските би добиле покачување од само 2.030 денари, а највисоките 11.930 со што досегашниот неповолен јаз помеѓу највисоката и најниската пензија нема да се намали. Затоа мислам дека за минималните и ниските пензии тој процент треба да биде поголем. Истовремено, треба со измени и Законот за ПИОМ редовното законско усогласување на пензијата што се врши двапати во годината од 1 јануари и 1 јули, освен според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, да биде и со износот од зголемените плати. На тој начин ќе се обезбедува пореално одржување на економската вредност и куповната моќ на пензијата.
Во секој случај, потребно е овозможување на социјалната сигурност за достоинствен живот со европски стандарди за сите граѓани во нашата држава, но и со целосна заштита на македонските национални интереси.
Драги Аргировски
Авторот е новинар, публицист, експерт за трета доба