(Повод: „Сѐ погласни апелите за признавање на Македонците во Бугарија“, од 21.1.2022)
„Има збор грд – предавник, цел в стрв се стресувам, избувнувам в пламен, лицето ми руменее в крв, божем некој го треснал со камен.“ Овие стихови од големиот Вапцаров, постојано ги повторуваше мојот покоен дедо, кој лежел во истата затворска ќелија каде што лежел и поетот. Може да се каже и дека „злоделата“ им биле слични: учествувале во извршување „антидржавни“ дејства против Бугарија. Единствената разлика е во тоа што Вапцаров ѝ пркосел на тогашната фашистичка власт во Бугарија, додека мојот дедо Јордан Костадинов Иванов ѝ пркосел на тогашната комунистичка власт. Но, според дедо ми, речиси немало разлика помеѓу фашистите и подоцна комунистите во нивниот третман на македонското малцинство. Како голем познавач на македонската историја, тој сметаше дека најголемиот проблем на македонскиот народ лежи токму во тој грд збор: предавник/предавство. По падот на комунизмот во Бугарија, Македонците се организираа и ја основаа првата македонска политичка организација – ОМО Илинден. Дедо ми беше еден од основачите, а подоцна и нејзин претседател. Во тоа време, според него и неговите соборци, постоеле огромна енергија и надеж дека ќе се изборат за малцинските права во државата што тврдела (како и сега) дека ги застапува европските вредности. Но репресиите врз активистите на ОМО Илинден продолжуваат, а за да ги оправдаат бугарските власти и медиуми ги прогласуваат за радикални и сепаратистички. Радикални – да, но сепаратистички во никој случај. Со што ќе се отцепуваат од Бугарија? Со чија помош? Поради ваквите обвинувања, кои стануваат стигма, некои од активистите се повлекуваат и формираат свои/нови организации. Но името ОМО Илинден не го тргнаа, туку додадоа свои ознаки, декларирајќи се како проевропски и либерални организации (небаре другите не беа доволно европски). Тоа беше и причината поради која во еден момент тие се дури и регистрирани од бугарските власти, но само за кратко. Но кај дел од Македонците остана сомнежот дека регистрирањето на новите организации било од тактички причини, а дека зад нив стојат бугарските служби заради создавање раскол. За да се отстрани сомнежот дека новите организации се само контролирана опозиција, бугарските власти ги забранија.
До својата смрт дедо ми и неговите соборци ги организираа сите настани за одавање почит на македонските херои, како Јане Сандански. Под силно присуство на полицијата, таму се играше македонско оро, се пееја македонски песни и се вееше македонското знаме. Ваквите манифестации беа „доказ“ за радикалноста на дедо ми и неговите соборци. Една од новосоздадените организации е ОМО Илинден Пирин, чии ставови во нашата јавност се наведуваат како вистински претставник на македонското малцинство. Она што малкумина сакаат да го кажат, како дел на „непријатната вистина“, е натамошното тлеење на сомнежот кај дел од Македонците во Бугарија, фактор што внесува неединство и неефикасност во застапувањето на македонската кауза. Од нашите медиуми и од изјавите на политичарите речиси е невозможно да се стекне вистинска претстава за сложеноста на ситуацијата, за внатрешните лузни и премрежиња на Македонците од Пиринскиот крај. Сите ја делиме таа фрустрација и се прашуваме дали тоа ни е впишано во генетскиот код – каде и да сме, постојано да се соочуваме со предавства и поделби, дури и кога се во прашање Македонија и македонскиот народ.
Читајќи ги статиите во вашиот ценет весник, добив потреба да проговорам за ова како млад човек што има семејна историја и сознанија пренесувани низ генерации. Денес и во Бугарија и во Македонија најголемиот проблем не е прашањето за Македонците во Бугарија или за Бугарите во Македонија, верувам дека овие прашања можат многу лесно и едноставно да се решат со почитување на меѓународните конвенции за човековите и колективните права. Но ако се решат, тогаш за што ќе мисли просечниот Бугарин или Македонец? За националните и малцинските прашања или, пак, за катастрофалниот здравствен систем, за сеприсутната корупција и непотизмот? Каде е суштинското прашање: причините за масовното иселување на младите и стареењето на двете нации? Еве го можниот одговор: ако просечниот Македонец или Бугарин почне да размислува за секојдневните маки, тогаш корените на проблемите нема да ги бара кај соседот, туку кај сопствената неспособна власт. Елитите создаваат проблеми и кај што ги нема. Бугарската елита не гледа Македонци и не признава малцински права, а ЕУ молчи и не бара никакво европско однесување кај своите членки. И Македонија се обврза да не гледа Македонци во соседните држави, а да ги воведе Бугарите во Уставот – небаре со тоа тие со бугарски пасоши ќе се вратат од странство, овде или во Бугарија. Омразата и (наводната) љубов се само пропагандни алатки на две неспособни елити, кои со своето „решавање на проблемот“ само поттикнуваат нетрпеливост. Жал ми е да кажам, ама вистината е дека ниту младиот Македонец ниту младиот Бугарин веќе не се грижат толку за историјата и целата проблематика околу нашето минато (кое е веќе ревидирано).
Како внук на еден од пожестоките борци за правата на Македонците и човек што цел живот страдал по зандани поради тоа што бил „гласен“ Македонец (како и целото семејство, кое и денес ја носи траумата, а најмногу баба ми, тетка ми, вујко ми и мајка ми), јас не сакам никого да осудувам. Дури сум подготвен и да простам за она што им е сторено на Македонците како дедо ми. Но не можам да разберам како може луѓе што се сметаат себеси за добри Европејци и христијани, да мижат пред продолжувањето на неправдите. Би очекувал барем едно скромно христијанско признавање на стореното и почитување на Другиот, на нашата национална свест. Посакувам еднаш засекогаш да прекинат бесмислените преговори што нѐ кочат со децении, бидејќи се апсурдни, нецивилизациски и сеат раздор за идните генерации. За крај уште еден стих од Вапцаров со многу ЗАЕДНИЧКО значење за двата народа: „Работиме многу, работиме од утро до мрак, но лебот е малку, но лебот недостига пак“. Дали овој стих не го опишува секојдневието на просечниот Македонец и Бугарин?
Александар Мирчески, студент од прва година на Филозофскиот факултет при УКИМ