Сега кога националистот во мене се „аутираше“/разоткри (да ми прости ЛГБТ-заедницата), можам да продолжам во ист стил како и во последната колумна. Еве, во првата во 2022-та си ветувам дека упорно ќе се држам за таа црно-црвена нишка за да „везам“ за судбината наша македонска. Обидот да се коментира хаосот објективно и научно, наднационално и анационално (божем либерално), не само што не дава резултати туку е и замка. Се расфрлате по темите небаре не се поврзани, а ја заобиколувате суштината. Завивањето на национализмите околу нас (за кои велат дека биле европски за разлика од нашиот) и хиените засилени пред она што им се чини како беспомошен плен не остава друга алтернатива, освен да се одговори соодветно. Се плашам дека оваа 2022 е новата 2018-та! Се подготвуваат за последниот клинец во ковчегот, а јас немам намера да молчам и да заминам тивко во ноќта. Ова не е само патетичен врисок по (симболичкото) национално прашање, ова е прашање на опстанок. Македонија е алфа и омега за решавање на секој актуелен и суштествен проблем: без тој наш контекст, ќе бидеме на ветрометина, колонија без свест за себе и своите интереси. Прашањата за сиромаштијата, „струјниот удар“, енергетската криза, градежната мафија, корупцијата и нефункционалноста на здравството и образованието, етничките натпревари на паликуќи – сите тие произлегуваат од централното: си ја сакаме ли ние Македонија? Ако е сето ова резултат на љубов за земјата и за „европската иднина“ – што ли ќе се случеше без таа наводна љубов? Аман, немојте повеќе! Што ни е нам Македонија? Сите ние што сме нејзини чеда, без оглед на другите идентитетски одредници, зошто дозволуваме неранимајковци и полуидиоти да бидат вождови и да нѐ замајуваат со европски и НАТО-бајки, додека се богатат, а нас нѐ тераат не само да се гледаме преку нишан туку и да играме руски рулет со сопственото национално битие? Знаете ли друга држава што просперирала без свеста за себе и за своите интереси?
Правејќи избор за збирка колумни од изминатите десетина години ме погоди сознанието колку е тоа Сизифова работа во време кога човек дури се сомнева во сопствената интелигенција и расудување. Медиумите се пропагандистички платформи на заробен црно-бел свет, кој решил да умре во својата безидејност и кукавичлук. Умните посакуваат да замолчат (во духот на Иво Андриќ) или се препуштаат на ескапизам. Но најголемиот број од нив се само кетмани. Јас и натаму ќе го туркам каменот. Бев одлучила да пишувам за денешниот, обичниот човек и неговите проблеми, но откривам дека како што течело времето сѐ повеќе сум почнала да им се обраќам на оние што уште не се родени. Колумните сами се пишувале, а сега ми зборуваат онака како што песните му шепотеле на Конески: „Неук, си мислев: па тие тука случајно се јавуваат. А сега назад погледнувам, гледам – па тие ме обврзуваат!“. Така, и мене ме обврзува сето она што сум го пишувала со децении кога другите молчеле или си граделе кариери. Гледам како сум опоменувала и пророкувала како збудалена Касандра, ми се подбивале, заканувале и воделе хајки заради зборувањето на вистината во време на општа измама. Но страниците се тука, нанижани како златен тутун, едвај ги збира во една голема книга. Без оглед дали и кога некој ќе ги прочита, тие мене ме обврзуваат, како аманет да се зачува споменот на Македонија, па макар и како Каинавелија. Во нив рикала маката дека сум родена во смачкано племе, а таа жива рана сега боли повеќе од кога било порано. Ако Конески виде бел ден и стамени момци фатени в историско оро, јас гледам залез и луѓе што го напуштаат орото како застарено, безвредно, безнадежно… или фаќаат оружје в рака за да станат поробувачи додека дома се поразени до коска, без војна, со предавство.
Што ли ќе оставиме зад нас? Што ли ќе биде врежано за Македонија во свеста на тие што уште не се родени? Како ли ќе нè судат? Ќе нè колнат ли или сожалуваат, или само ќе нè одминат и со презир ќе нè наречат патетични „националисти“ што верувале дека Македонија е сè што имаме. Можеби ќе станат Европејци без корен (а такви нема, се разбира)? Дали Македонија ќе биде само егзотично име од преданијата на заборавените предци? Денешните „македонски работи“ се Гордиев јазол: секој проблем е дел на претходниот и семе од кое се раѓа на наредниот. Македонија денес е таков сложен сплет на актери, настани, пресврти и на силен меѓународен инженеринг, што пресекувањето на јазолот би било знак на лудост, а не на храброст. Прикажувањето на Македонија низ вештачки поделени и групирани осврти на одделни теми (економија, политика, социјала, култура) е бесполезно прикажување слика во скршено огледало. Таквата искривена слика не само што е намерно збунувачка туку е и демотивирачка за разбирање и расплетување. Оној што денес сака да пишува за „Македонските работи“ мора да ја избегне замката на објаснување на скршената „македонска приказна“. Нам ни треба разбирање на нејзината историска целост, особеност и трагика – заедно со идеја за излез од ова што ни го прикажуваат како безизлез. Нудењето „решенија“ во рамките на матриксот во кој сме ставени е одржување на овој курс на небиднина. Нека не ве залажуваат мудреци што нешто чуле, а не разбрале или им е страв да го кажат јасно. Книгата, како и сите идни колумни им ги посветувам на некои подобри Македонци од нас, кои не ќе се плашат да зборуваат за македонштината; за денешните, се плашам, е доцна! Тие го загубија духот или разумот и се само статисти во историската драма што ни се случува. Засега немаат сила да се дигнат и застанат на нозе.
Мојата надеж е дека овие зборови некако ќе преживеат (и дека ќе ја надживеат оваа креатура од северна, поалбанчена и побугарена, а божем поевропска Македонија) барем како ехо. Можеби ќе допрат со некои љубопитни млади луѓе што ќе сакаат да знаат што се случило со нашата Атлантида, зошто потонала, со што била богата и како била лишена од вербата во себе и во својот културен и друг потенцијал. Можеби ќе го разберат подобро она што и јас не можам да го одгатнам: како е можно еден народ да изврши колективно самоубиство од ваков размер, до непрепознавање? Разговорот со генерациите што ќе нè наследат навира онака како што своевремено (во 1939 година) Брехт им се обраќаше на „Тие што ќе се родат после нас“. Веќе првиот стих го содржи и мојот крик: „Навистина, живеам во мрачно време!“. Но, и молбата е иста: „Вие кои ќе изнурнете од потопот во кој ние исчезнавме, размислете. Кога ќе зборувате за нашите слабости и ова мрачно време на кое му избегавте“. Бидете попустливи… Не сакам да верувам дека венецијански трговци и некадарници ви ја продале приказната за една држава и за народ што бил неспособен, па го колонизирал кој стасал и кој му ставил јарем, приказната за народ што наводно бил вештачка творба што морала да се распадне за да роди како „европска“. Можеби оваа хроника ќе ви покаже колку беше нерамноправна таа битка, колкумина се предадоа себеси и ги поплукаа своите предци сакајќи да бидат нечии други (европски, цивилизирани) потомци. Ве предадоа и вас, нашите потомци, станувајќи измеќари на „вредностите“ на Златното теле. Ќе ги почувствувате тука и моите лични падови и подеми, битката помеѓу тагата, која парализира, и непокорот, кој уште прета. Да, ова е приказна и за трансформацијата на една интелектуалка со левичарска и интернационалистичка визија што се соочила со фактот дека без одбраната на македонското, на македонштината, нема одбрана ни на своето Јас, ниту на глобалната правда. Ако не ја препознаеш неправдата сторена врз сопствениот народ, како ќе дигнеш глас против некоја друга неправда – а сторителот е истиот, оној што тебе те гази, ги гази и нив? Хуманизмот и социјалната правда мораат да имаат корен дома, за да можат да се бараат и шират низ светот – и обратно (цел свет братски ми е, би рекол Рацин). А мнозина од божем дисидентите нè напуштија, нè заборавија, па дури и прекорија дека сме „националисти“; уживаа во ореолот на „интернационалисти“, сожалувајќи нè и давајќи божем поддршка од далечина. Оние што сега ронат солзи над бугарската неправда беа истите што ја поддржа преспанската – од заслепеност или расипаност, не знам! За нив Македонија е премалку важна за да застанат со нас во нерамноправната битка. Затоа битката остана само наша.
Мојата генерација мина многу премрежиња во само неколку децении. Некои беа однадвор наметнати (објективни), други внатрешни и резултат и израз на нашите слабости и запретани патеки кон „подоброто утре“. Бевме „деца“ на едно време во кое верувавме во вонвременски бајки без крај, а дека ние ќе бидеме јунаците на тие приказни. Завршуваме скршени, со едвај и некоја трага на самодоверба и верување дека сме способни, вредни и храбри. Од една (социјалистичка) утопија, животот нè фрли во друга – но по превисока цена: да се откажеме од сето она што сме (биле), за да станеме достојни за нив, подобрите од нас, таму на Западот! Расчовечувањето мораше да допре до најдлабоката точка, до запретаното семе на нашите предци, да се сотре за да не изрти повторно – зашто само така ќе можеме да бидеме „одново родени“, без меморија за себе и за своите, а отворени за сите шарени лажги, за сета пропагандна машинерија што требаше да ни всади „нови спомени“ наместо оние на нашите дедовци и баби.
Таа насилна метаморфоза не ја прифативме сите. Пишаниот збор беше и остана нашето главно средство на отпор, а нашето постоење како националисти Македонци стана највисок чин на бунт (во духот на Ками). Овие колумни не секогаш ми припаѓале мене, ниту извирале од мене; неретко сум била – свесно или несвесно – само гласот на безгласните, на немоќните, но оние што знаеле и кои се, што се и зошто се… Ме исполнувале со инспирација, сум ги делела нивната трага и радост, гордост и бунтовност, не ми давале да се предадам и ме поткревале кога сум паѓала. Големите „умови“ потфрлија и профитираа од нашиот колективен пораз, празноглави сочинуваат „совет на мудреци“ со (не)скриени политички амбиции; калкуланти молчеа кога беше најтешко, а дигаа глас од безбедни прибежишта. Но „обичните“ луѓе се единствените што останаа стамени, иако неслушнати. Овие мои редови доаѓаат од нас што заминуваме со длабока свест дека ве изневеривме со недејствување, со профитерски агенди, со подвиткан ’рбет, а божем достоинствен европски став. А вие што доаѓате размислете, просудете, бидете милосливи кон некои од нашите лутања. Но не простувајте им на лицемерите, на фаустите, на кафените сахиби-поданици, на јудите што нѐ продадоа за три гроша. Научете ја историската лекција за нашиот пораз за да не го повторите. Денес се чини дека Македонија е сè што немаме, ама можеби ќе ве чека жарот да го распретате под пепелот, па со нов елан ќе кажете: сме биле, сме и ќе бидеме Македонци!