И покрај смирувачките тонови во безбедносната процена на македонскиот претседател, запрепастувачка е контрадикторноста на постапките на неговиот бугарски колега, кој ги мобилизира сите безбедносни капацитети во Бугарија, небаре се подготвува за војна. Во најмала рака, со повикувањето на бугарскиот највисок Совет за безбедност, Радев јавно демонстрира национална безбедносна загрозеност и им порачува на регионалната јавност и, секако, на ЕУ дека Македонија е безбедносен ризик?!
Македонско-бугарскиот спор се фингира како безбедносен, со потенцијал за прелевање
Во целиот амбиент на бизарноста на македонско-бугарскиот спор, се чини дека беше прашање на време кога и на кој начин ќе се допре темата на потенцијалот за безбедносниот ризик што може да го предизвика неговото развлекување. Во духот на парадоксалноста на позициите на бугарската страна кон македонската, сосема различни се процените за безбедносната загрозеност.
Ќе биде ли изманипулирана ЕУ
од стана на Радев дека
Македонија е безбедносен ризик?
Додека македонскиот претседател Стево Пендаровски во повеќе наврати, а и во своето годишно обраќање пред Собранието потенцира дека „и ако блокадата (на Бугарија) потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација“, неговиот бугарски колега Румен Радев најавува дека на почетокот од идната година има намера да го свика неговиот Консултативен совет за национална безбедност (КСНС) во врска со темата за Република Македонија.
– Важно е да имаме став на ова политичко тело, за кој и партиите ќе имаат јасна позиција за тоа што треба да се направи за да се забрза процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ, но имајќи го предвид и почитувајќи го бугарскиот национален интерес – изјави Радев пред бугарските новинари, по свеченоста на која Централната изборна комисија им ги врачи уверенијата на избраните претседател и потпретседател на Бугарија.
Оваа најава за свикување на Консултативниот совет за национална безбедност од страна на бугарскиот претседател не е прва, ниту невообичаена негова постапка во текот на македонско-бугарскиот спор. Претходно, барем еднаш го има свикано КСНС, за да предложи дејствија за заштита на правата на македонските граѓани со бугарска самосвест, колку тоа и да звучи парадоксално, како мешање во внатрешните (безбедносни) работи на Македонија. Наспроти леснотијата за вклучување безбедносни аларми на бугарскиот претседател, македонскиот претседател смирува дека македонските граѓани се безбедни, барем од некакви ризици што би произлегле од спорот.
Претседателот Пендаровски дециден
– Во врска со блокадата на европските интеграции сакам да се реферирам и на една теза што ја слушаме во последно време, а тоа е дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. Денес овде пред вас, сакам јасно да кажам дека се работи за анализи и предвидувања што не се втемелени во реалноста и кои можат само непотребно да ги вознемират граѓаните. Ние сме членка на НАТО, директно се граничиме со три членки на Алијансата, а во Европската Унија сите членки, освен една, сметаат дека за почетокот на тој процес имаме направено повеќе демократски реформи од која било друга држава-кандидат, во моментот кога требала да ги започне преговорите.
Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас што ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока.
Да повторам, нашите граѓани можат да бидат спокојни, и ако блокадата потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нонпејпери што некои упорно ги лиферуваат. Меѓутоа, можно е нешто друго. Искуството по НАТО-самитот во Букурешт 2008-та нè учи дека е можно демократско назадување и облици на авторитарно и популистичко владеење на поединец, група или партија.
Но одговорноста за таков евентуален развој на настаните нема да лежи кај нашите граѓани, туку кај нас – политичарите. Ние мораме да покажеме дека конечно ги имаме научено трагичните лекции од нашето скорешно минато кога бевме на самиот раб на поширок граѓански судир – кажа претседателот Пендаровски во своето годишно обраќање пред македонското собрание.
И покрај смирувачките тонови во безбедносната процена на македонскиот претседател, запрепастувачка е контрадикторноста на постапките на неговиот бугарски колега, кој ги мобилизира сите безбедносни капацитети во Бугарија, небаре се подготвува за војна. Во најмала рака, со повикувањето на бугарскиот највисок Совет за безбедност, Радев јавно демонстрира национална безбедносна загрозеност и им порачува на регионалната јавност и, секако, на ЕУ дека Македонија е безбедносен ризик?!
Со безбедносната обланда во која го става македонско -бугарското билатерално прашање, Радев прави лоша услуга за ЕУ
Дали и кој е всушност безбедносно загрозен во македонско-бугарскиот спор, во ситуација кога двете земји се членки на НАТО, а Бугарија ги попречува македонските евроинтеграции со национално-историски уцени?!
– Одговорите треба да се бараат во двата аспекта на прашањето – македонскиот и бугарскиот. Согледувајќи ги аргументите, процената на македонскиот претседател Пендаровски е поблиска до реалноста и вистината. Директни меѓусебни безбедносни ризици не постојат, со оглед дека и Македонија и Бугарија се дел од НАТО. Во тој поглед, улогата на САД, преку НАТО во одржување на безбедноста во регионот е клучна. Сепак, Бугарија со нејзината блокада на евроинтеграциите на Македонија ја загрозува позицијата на ЕУ во регионот и отвора простор за други политички влијанија, како хибридни политичко-безбедносни закани од земји и идеи со спротивни вредности на европските и евроатлантските – вели безбедносниот аналитичар и универзитетски професор Оливер Андонов.
За бугарскиот аспект на безбедносната загрозеност, професорот Андонов смета дека бугарскиот претседател самиот го „секуризирал“ политичкото прашање на евроинтеграциите на Македонија, до ниво на загрозеност на бугарските национални интереси.
– Кога политичката тема за евроинтеграциите на Македонија се издигна на ниво на национален интерес во Бугарија, преку декларацијата на бугарското собрание, очекувано се подигнаа тензиите во бугарското општество и прашањето се секуризира, т.е. стана безбедносно. И сега не можат да ја смират својата јавност, и покрај искажаните намери на новиот бугарски премиер Кирил Петков. Никој не може прекуноќ да го врати мислењето на бугарската јавност за Македонија, на состојбата пред три-четири години. Ако искрено сака подобрување на македонско-бугарските односи, Бугарија треба да побара помош од Македонија за да се маргинализира работата на историската комисија и преговорите да се насочат на реални економско-инфраструктурни теми. Тоа ни е и нам во Македонија од интерес – вели професорот Оливер Андонов.