Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека нема да биде дел од новата влада, оти, како што вели, не се согласува со дел од политиките на партиското раководство. Дел од тие политики, според неа, допринеле за поразот на локалните избори. Шекеринска вели дека има впечаток дека не ги научиле лекциите, а дел од пораките на јавноста не ги слушнале или не ги разбрале.
Својата одлука министерка ја соопшти на прес-конференција во Министерството за одбрана.
Се очекува наскоро новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски да формира нова влада, откако ќе стане и мандатар по повлекувањето на премиерот Зоран Заев. Шекеринска на почетокот на годината се повлече и до партиското раководство. Таа беше заменик претседател на СДСМ.