РАКОМЕТ – СП ЗА ЖЕНИ
Исти полуфинални двојки како пред 10 години

Денеска за пласман во финалето ќе играат Франција – Данска и Норвешка – Шпанија
Франција – Данска и Норвешка – Шпанија се полуфиналните двојки денеска, на 25. Светско првенство (СП) во ракомет за жени во Шпанија. Тоа се истите полуфинални двојки како на СП во 2011 година. Во првото четврт-финале, Данска, која и пред мечот важеше за фаворит, славеше над Бразил, со 30-25. За Данска ова ќе биде прво полуфинале по 2013 година. Домаќинот на СП, Шпанија, ја совлада Германија, со 26-21, со што се стекна со можност да освои нов медал од мундијалите. На претходното СП во Јапонија во 2019 година, Шпанија се закити со сребро. Репрезентативките на Франција, кои се олимписки шампионки од Токио, ќе имаат можност да освојат и светско злато, откако во возбудлив натпревар ја совладаа Шведска, со 31-26. Актуелниот европски првак Норвешка во четвртфиналниот дуел ја совлада Русија, со 34-28. Г.И.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Данска – Бразил 30-25
Шпанија – Германија 26-21
Норвешка – Русија 34-28
Франција – Шведска 31-26
ПОЛУФИНАЛЕ
Франција – Данска 17.30 ч.
Норвешка – Шпанија 20.30 ч.


ФУДБАЛ – ГОЛОВИ ОД СЛОБОДЕН УДАР

Ворд-Праус се доближи до рекордот на Бекам

Саутемптон ремизира на гости кај Кристал палас (2-2), во натпревар од англиската фудбалска Премиер-лига, а првиот од двата гола за гостите го постигна Џејмс Ворд-Праус, од слободен удар. За него тоа е петти гол од слободен удар од почетокот на ланската сезона, вкупно 11-ти во Премиер-лигата. Исто толку голови од слободен удар имаат и Кристијано Роналдо, Себастијан Ларсон и Лорен Робер.
Ворд-Праус (27), фудбалерот од средниот ред на Саутемптон, постигна повеќе голови од директни слободни удари од кој било играч во петте најдобри европски лиги во изминатите две сезони.
Најуспешни во оваа категорија во англиската Премиер-лига се Дејвид Бекам со 18 гола од директни слободни удари, Тиери Анри и Џанфранко Ѕола со по 12 итн. Л.Д.


ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Френк бара одложување на целото викенд-коло

Менаџерот на Брентфорд, Томас Френк, верува дека натпреварите во англиската фудбалска Премиер-лигата викендов и натпреварите од Лига-купот идната недела треба да се одложат поради ковид-19. Брентфорд има 13 случаи на коронавирус меѓу играчите и персоналот. Тие го одложија нивниот првенствен меч со Манчестер јунајтед во вторникот поради појава на ковид-19 во клубот од „Олд Трафорд“.
– Случаи со ковид има кај сите клубови од Премиер-лигата, сите се занимаваат со тоа и секој има проблем во овој момент. Да се одложи ова коло и Карабао-купот да им даде на сите барем една недела да направат сѐ на теренот за да биде сѐ во ред и да го прекинеме синџирот во секој клуб – изјави Френк, пренесе „Би-би-си“.
Домашниот меч на Барнли со Ватфорд во средата беше одложен два и пол часа пред почетокот по избувнувањето на ковид-19 во гостинскиот тим. Тоа след по откажувањето на натпреварот на Брајтон викендот со Тотенхем поради големиот број случаи во Тотенхем и одложувањето на натпреварот на Брентфорд со Манчестер Јунајтед.