Пред почетокот на последната референдумска недела, хипотетички, на терен и меѓу членствата на политичките партии во игра се најразлични опции, од тоа вмровци да гласаат „за“, па дотаму сдсмовци да се определат „против“. Се разбира, ваквите претпоставки или се потшепнуваат, гласно се одмолчуваат или се држат во тајност. Дали политичарите ја применуваат стратегијата опишана во книгата на Пол Арден, што и да мислиш, мисли го спротивното, или се работи за нешто друго, останува да видиме
Доста размислував што да содржи последната колумна пред референдумскиот молк идната сабота и недела. Ова е период кога новинарите и колумнистите имаат и премногу материјал и теми за опсервација и понекогаш е тешко да се одлучите што да одберете и на што да се фокусирате. Дали да бидете ептен сериозни, умерено провокативни, по малку дрски или можеби ноншалантни и иронично зајадливи. Во кампањата засега има од сѐ по нешто. И повеќе од тоа.
Ме изненади на пример тврдењето на премиерот Заев, во интервју за Би-би-си, кога кажува дека дневно одговарал на 3.000 до 5.000 пораки од граѓани, нагласувајќи дека тоа било предноста кога сте мала земја. Ако продолжи со оваа динамика, за една година премиерот ќе контактира речиси со сите граѓани во државата и ќе ги слушне мислењата и проблемите на сите. Тоа, нели, би било прекрасно! Сепак, има едно големо „но“. Бројките и математиката се егзактна наука и ако се потпрете на нив, еве што ќе добиете. Под претпоставка нашиот премиер на секоја порака да троши само по 10 секунди, за да ја прочита и да одговори, излегува дека за да ја исполни квотата од 3-5 илјади пораки дневно, како што тврди во интервјуто, му се потребни од 8 до 14 часа секој ден. Поточно за 8 часа би испратил 3.000 пораки, а за 14 часа – 5.000 пораки. Со други зборови, целиот работен ден, па и повеќе од тоа, да го троши само на пораки. Во меѓувреме, премиерот го гледаме и на митинзи дома, и на посети во странство, па за да го постигне сето тоа и да ги усогласи обврските со пораките, веројатно мора да крати од сонот. Дали можеби добивме уште еден премиер што работи 24/7, или, пак, Заев има двојник? Но настрана шегата и математиката, да се вратам на првичната идеја, содржана и во насловот на текстот.
За овој последен викенд, пред молкот, значи се одлучив за две инсајдерски приказни, од теренот или базата, кои ги чув со свои уши од членови на двете најголеми македонски партии. Истите тие не значи дека се најверодостојни, зашто во политиката не може сѐ однапред да се предвиди или измери, за разлика од математиката, но барем отвораат простор за сериозно размислување. Значи, приказните се хипотетички, но истовремено и доста реални и остварливи. Особено што политичарите често ја применуваат стратегијата „што и да мислиш, мисли го спротивното“, која Пол Арден на еден оригинален начин ја има опишано во својата истоимена книга-бестселер. Се работи за следново: долгогодишен поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, кој е одлично запознаен со внатрепартиските случувања, ме убедува дека, настрана партиската реторика, ВМРО е заинтересирано да помине спогодбата со Грција, иако тоа не го декларира, односно јавно е против спогодбата со Грција.
Тоа значи, ми тврди бриферот, дека некои поддржувачи на ВМРО ќе гласаат „за“ на референдумот, иако начелно го тврдат спротивното, односно не тврдат ништо. Добро, а која ви е аргументацијата за еден ваков потег, кога цело време тврдите дека не се согласувате со спогодбата со Грција, го прашувам. Сакаме да го казниме и жигосаме СДСМ за навек, за потоа на сите следни избори да може да ги ословуваме како предавници. Истовремено, ние како партија, за навек ќе го откачиме од наш врат товарот што го носи спорот со себе и ќе останеме чисти пред граѓаните. Брливо ама дејствува, ми вели. Како космодиск, му реплицирам. Кога на оваа теза ќе се надоврзат и најновите случувања и превирања во најголемата опозициска партија, различните сигнали од пратеничката група, ваквите тези добиваат на тежина. Или стануваат уште позбунувачки.
До 30 септември има уште доволно време секој да се преиспита прво сам себеси, добро да ги одмери и анализира пораките што допираат до него и потоа да донесе одлука. Политичарите утре ќе сменат дрес, ќе променат страна, ќе сменат мислење, како што правеле многупати досега, но одлуката што сте ја донеле сами ќе ја носите со себе целиот живот
Сега втората инсајдерска приказна, која е исто толку контроверзна како и претходната. Но не и за мојот соговорник, кој ме уверува дека и поделеноста во рамките на најголемата владејачка партија е исто така голема, иако изгледа дека тие се поединствени. Незадоволство има кај старите членови на СДСМ, кои и јавно изнесуваат ставови против спогодбата со Грција, но истовремено не се согласуваат со потезите и со водењето на државата досега, како и со многубројните скандали. Според информациите на вториот соговорник, иако сигурно ќе излезат на референдумот, некои од постарите сдсмовци ќе гласаат против. Причина е незадоволството од политиките и потезите на актуелното раководство, но и скриениот револт од отстапките што им се дадени на Грците и промената на името и Уставот на државата. Како партија што има свои идеолошки корени и во минатото, но и свои државотворни заслуги, ние не можеме да се согласиме со бришење на историјата и погазување на сѐ што е македонско, вели мојот брифер, кој ме уверува дека ќе гласа против. И уште додава дека лојалноста на сопственото членство е најголем проблем со кој се соочуваат сите големите партии и има многу примери кога партиите најмногу страдале од своите незадоволни членови и симпатизери.
И сега си мислам: е, моја мила Македонијо, никогаш не си на сигурно кој вистински те чува, те брани, а кој е подготвен да те жртвува или распродаде.
Кој ја зборува вистината и искрено се залага зад она што го тврди, а кој политички калкулира и манипулира со судбината на државата за сметка на политичките интереси и кариери.
Зашто и во политиката, како и во животот, ништо не е онака како што изгледа на прв поглед. Во едни вакви околности, Македонија влегува во последната недела пред референдумот. Кампањата ќе се засилува како што ќе растат и политичко-партиските расправања, прегрупирања и тактизирање.
На граѓаните не им преостанува ништо друго освен да отворат четири очи.
Како што вели народната мудрост, три пати мери, еднаш сечи. До 30 септември има уште доволно време секој да се преиспита прво сам себеси, добро да ги одмери и анализира пораките што допираат до него и потоа да донесе одлука.
Со здрав разум, чисто срце и мирна совест.
Политичарите утре ќе сменат дрес, ќе променат страна, ќе сменат мислење, како што правеле многупати досега, но одлуката што сте ја донеле сами, ќе ја носите со себе целиот живот.
Ако таа е исправна, ќе ви олесни и ќе ви се симне товар од грбот. Во спротивно, ќе ви тежи и ќе ве разјадува и однатре и однадвор.
Примерите низ историјата покажуваат дека народот и граѓаните секогаш знаеле како да постапат кога било најтешко. И кога имале водачи и лидери и кога немале, кога биле под ропство, под туѓа чизма, во воени или во мирнодопски услови. Не се сомневам дека граѓаните знаат како да постапат и овој пат. Настрана сите политички калкулации, очекувања или претпоставки.