Македонската репрезентација е на 68-то место на септемвриската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), што е скок за две места во однос на минатиот месец. Од јануари годинава црвено-жолтите напреднаа за пет места.
На врвот на листата се две селекции (Белгија и Франција), првпат во 25-годишната историја на рангирањето на ФИФА. Ниту една нова селекција не е меѓу 10-те најдобри, па по водечките следуваат Бразил, Хрватска, Уругвај, Англија, Португалија, Швајцарија, Шпанија и Данска.
Европа доминира во овој период, затоа што меѓу десетте први има осум европски репрезентации, меѓу 20-те има 14, а меѓу првите 50-те од Европа се 31 репрезентација, една повеќе отколку во август.
Најмногу поени во минатиот месец освои Кенија (22), а најголем скок направи Украина (шест места, сега е 29-та).
Следното рангирање е предвидено за 25 октомври, а дотогаш Македонија треба да игра со Лихтенштајн дома и со Ерменија на гости, во Лигата на нациите.