Интересно е колку авторот на текстот „Македонско а наше“ во хрватскиот весник е добро информиран за она што се случува на македонската книжевна сцена, што и не необично ако се знае дека добар дел наши писатели, ако не толку во светот, ама во регионот се многу познати и читани, благодарение на преводите што последниве десетина години се појавуваат зачестено. Но, за жал, тој пробив е направен главно како резултат на личните напори на самите автори, наместо на осмислена државна стратегија за нивен пласман
Пред извесно време наидов на прекрасен текст под наслов „Македонско а наше“, објавен во загрепски „Новости“, во кој се прави одлична промоција на македонската книжевност, а чиј автор пишува за бројката на македонски писатели што се преведуваат во постјугословенскиот простор, заклучувајќи дека тој број не е занемарлив. Се споменуваат автори од помладата генерација, како Петар Андоновски, Давор Стојановски, Румена Бужаровска, Гоце Смилевски, Никола Маџиров, Игор Исаковски, Лидија Димковска…, кои си го наоѓаат патот до публиката во регионот не само поради културолошките сродности туку и поради транснационалното искуство, емигрантско или образовно. Но се споменуваат и врвните дела на некои од нашите афирмирани автори, како Венко Андоновски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Димитрие Дурацовски…
Интересно е колку авторот на текстот е добро информиран за она што се случува на македонската книжевна сцена, што и не необично ако се знае дека добар дел наши писатели, ако не толку во светот, ама во регионот се многу познати и читани, благодарение на преводите што последниве десетина години се појавуваат зачестено. Бужаровска со своите книги „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ си го најде патот не само до читателската публика туку и до театарската, како и Лидија Димковска, која повеќе години живее во Словенија. Тука е и меѓународно преведуваниот автор на романот „Разговор со Спиноза“ и „Сестрата на Сигмунд Фројд“, Гоце Смилевски, чии два романа се објавени во Србија и во Хрватска. Радува и премиерниот регионален настап на авторите родени во втората половина на 1980-тите: Давор Стојановски со „Утеха за голите“ и Петар Андоновски со „Страв од варвари“, а на истиот генерациски круг му припаѓаат и „Одбројување“ на Фросина Пармаковска и прозата на Николина Андова Шопова. Бројот на македонски писатели што се преведуваат на соседните јазици во постјугословенскиот регион не е голем, ама не е ни занемарлив.
Некои од авторите главно беа препорачани за издавачите по добивањето на влијателната Европска награда за книжевност, како и на домашните награди… Она што може да се заклучи е дека ваквиот пробив на македонската книжевност надвор од границите на земјава се должи, без исклучок, на личните контакти на самите автори и на нивниот личен ангажман, а не на осмислена државна стратегија за нивен пласман.
Добро е познато дека најголемиот предизвик за малите јазици е да ги поминат границите, па токму затоа и меѓународна промоција на тие литератури треба да биде еден од главните приоритети и на македонската културна политика. Ама, за жал, не е. Напорите на авторите во освојување на меѓународната книжевна сцена сѐ уште може да им се припишат само и единствено на самите автори, а само понекогаш на нивните домашни издавачи. Иако клучна за успешна промоција треба да биде национална стратегија донесена на политичко ниво, во која ќе бидат вклучени сите – издавачите, авторите, агентите и преведувачите.
Само на тој начин една мала земја со ограничено јазично подрачје може да проговори доволно гласно за да се чуе за нашите потенцијали што светот малку или вооппшто не ги познава. Сите инволвирани мора да сфатат дека работите не се случуваат сами по себе, или се случуваат инцидентно, ама тоа не е вистинскиот начин за промоција на сопствената литература. Преводот на делата е еден од најважните елементи за презентација на литературата од малите јазици, а потоа и многу работа и упорност, но голема улога игра и добриот превод.
На тоа треба да се работи стратегиски, наместо само наградите, агентите и личните контакти да ги отвораат патиштата на домашните автори на меѓународната сцена. Одамна се зборува за формирање агенција за книга, која би работела само на нашата промоција надвор, но таа идеја никогаш не е реализирана.
Конечно треба да се сфати дека преводот е единствениот начин да се слушне за другата култура, а тоа е особено важно за малите култури и јазици, како што е македонската, чија книжевност е свежа, иновативна и квалитетна, но тешко излегува од изолацијата во нашата мала средина. Хрватската писателка Марина Вујчиќ при својата посета на Скопје можеби најдобро го формулира тоа: „Многу наши писатели би биле светски книжевни ѕвезди ако ја немале таа несреќа да творат на мали јазици“.