Повторно за „реалноста“. Северната. И повторно од нас – регресивните! И уште еднаш и којзнае по кој пат: не верувам дека има нормален, здрав Македонец што свесно, доброволно, слободно, непринудено и со радост (би) ја прифатил „реалноста“ на придавката! Секому му е и повеќе од јасно дека промената на името е изведена под надворешен притисок, дури и диктат! Дури и потписниците и протежеата на оваа промена се согласни со тоа во извесна смисла. Впрочем, самиот факт што „Договорот од Преспа“ и промената на името го третираат како „услов“ за евроатлантските интеграции, говори дека тоа не е слободен избор, туку условен избор. Условеноста уште во почеток, логички ја исклучува слободата! Тоа, верувам, е јасно и банално за понатамошна аргументација.
Она што мене ме загрижува е што третманот дома не е таков. Напротив, одеднаш „северна“ за одредени општествени структури, како дури и да стана гордост, знак на распознавање, престиж!? „Северна“ се претвори во демаркациска линија на раздвојување помеѓу наводно „прогресивните“ и наводно „регресивните“ сили во општеството. Придавката прими загрижувачки интерпретации, претворајќи се во симбол што за некои општествени групации стана престиж и гордост, наместо нужност и зла судба. И тоа загрижува! Загрижува тоа слободно избрано подјармување, слободно избрано гордеење со она од што всушност треба да се срамиме, да го шепотиме и ако веќе го прифаќаме, да го прифатиме како „услов“, со надеж дека еден светол ден од тој услов ќе се ослободиме.
Ако веќе ја прифативме „реалноста“, тогаш барем да се срамиме од неа и да ја шепотиме, наместо со неа да се шепуриме и гордееме! На сите ни е јасно дека сме премали и преслаби и премногу неважни за светот, дека сме принудени на отстапки и решенија против нашата волја, но никако не ми е јасно што има тука за гордеење!? Особено не можам да разберам што е тука прогресивно? Ако влезот во НАТО и почетокот на преговорите за ЕУ ги сметаме за прогресивни сами по себе, тогаш морам да не се согласам, затоа што нема ништо прогресивно во името на членството од некого да барате да се откаже од нешто што го смета за свое природно право – да се нарекува и идентификува така како што сака и чувствува!
Самоидентификацијата, самоопределувањето е прогресивно, непризнавањето на тоа право е регресивно! Оттука, условувањето за влез, ќе се согласите, воопшто не е прогресивно, туку напротив, регресивно, рецидив од минати времиња, кои барем на овие простори ни се добро познати. Времиња во кои шепотевме на македонски, времиња во кои страдавме само заради самоопределувањето, времиња во кои беше забрането да си Македонец! Гледаме, се покажува дека „северна“ не е прогресивна, туку регресивна идеја и оние што со гордост се нарекуваат прогресивни, всушност се длабоко регресивни! Враќањето на сеништата од минатото е токму тоа – враќање, регрес, а не прогрес!
Тогаш, од каде гордоста, дури и дрскоста, да се самопрогласат за прогресивни, а сите нас другите да нè етикетираат за регресивни? Има две причини. Првата, би рекол е чисто психолошка, втората, социјална, општествена. Психолошките механизми што стојат зад овој став на „прогресивните“ се всушност суптилни механизми на оправдување на сопствената одлука. Тоа е своевидна манифестација на грижата на совест и обид за нејзино оправдување, но на погрешниот начин. Секој поединец го има тој „заштитен механизам“ длабоко во себе да бара рационална основа за да оправда некоја одлука, макар колку лоша и да била таа. Особено кога станува збор за одлука што инволвирала многу луѓе и која имала големи последици. Верувам дека слични механизми биле вклучени кај нацистите, на пример, кога со гордост ги носеле Евреите во логори – сè во името на поголемото добро!
Општествената димензија на овој феномен е всушност резултат на психичката. Откако еднаш е донесена одлуката, вие барате начин за доаѓање до општ консензус за истата таа низ креирање соодветен социјално-политички наратив. Оваа крупна политичка одлука мора да произведе широк општествен консензус. За тој да се обезбеди, нужен е соодветен наратив. Независно од деталите на тој наратив, од поединостите во неговото градење, она што е прво и основно е следново: тој наратив мора да биде афирмативен, мора да биде, така да кажеме, олицетворение на „доброто“, а сите други што му се спротивставуваат мора да бидат олицетворение на „злото“. Оваа просто „манихејска“ подвоеност на општеството им обезбедува градење позитивен наратив, кој отвора можност за реализација на донесената одлука! Секој симбол се полни со разни значења, симболите не се еднаш засекогаш дадени, туку зависат од општествено-политичкиот и идеолошкиот контекст. Без да отидеме во голема дигресија, сетете се само на нацистичката свастика (која има потекло од ориенталните култури), или на петокраката (беше социјалистички симбол, но е симбол и на „хајнекен“, на пример). Идејата на секој општествено-политички и идеолошки наратив е да создаде симболи наполнети со позитивно, афирмативно значење и да ги присвои како ексклузивно свои и во тој процес да ги исклучи сите што не влегуваат под знамето на тој симбол! Идејата, во случајов, е „северна“ да добие позитивна, афирмативна и конечно, „прогресивна“ содржина!
И јас ги разбирам нивните механизми. Ги разбирам, но не ги оправдувам! Но нејсе, тоа е нивна работа. Која е нашата задача, задачата за нас „регресивните“!? Ние треба да останеме регресивни. Регресивни сега, за да бидеме прогресивните подоцна, во иднина! Ние, регресивните, треба постојано, упорно и досадно да го држиме ова прашање високо на агендата, мора постојано да ја држиме темата отворена и постојано актуелна во јавниот простор, независно колку упорно тие ќе се обидуваат да го стеснат тој простор и да нè истиснат од него.
Не смееме да дозволиме да го примиме ова како „завршена работа“. Не, не е завршена! Иако оваа ситуација можеби ќе трае со години, но тоа до толку повеќе е причина плус постојано да ја држиме темата отворена, да ја држиме свеста, ако сакате дури и споменот во колективното сеќавање што е можно посилно!
Свеста за Македонија треба да ја надминува (не)совесноста на „северна“! И особено, да не дозволиме „северна“ да биде наполнета со позитивно, афирмативно значење и тие да си го присвојат атрибутот на прогресивноста! Видовме, во овој чин на преименување нема ништо прогресивно, напротив е враќање на регресивните духови од минатото! Да не дозволиме ние „регресивните“ да нè стават во таборот на антиевропските сили. Кој од „регресивните“ некогаш се изразил дека е против членство во ЕУ!? Никој, никогаш.
И особено, треба да се биде мудар. Кога сега бесрамно повикуваат, дури и ликуваат: „Ајде сега да ве видиме, името вратете го“, треба да го етикетираме тој повик како срамен (затоа што е срамно и бедно да се ликува над самиот себеси). Но и уште повеќе – да не дозволиме да мислат дека кој било од нас, „регресивните“, е со илузии дека ќе си ги вратиме достоинството и името веднаш, утре! Како тоа го замислуваат тие – дека идниот премиер (некој од тие „регресивните“), на бел коњ ќе влезе во Атина!? Па една таква непромислена глупост тие веќе направија и нè регресираа – од признаено име од 140 држави, меѓу кои и од стратегискиот партнер САД, од уставно име Македонија – до овој променет и осакатен устав, од стратегиска предност, нè доведоа до ова дереџе сега! Не, не, никој нема да влезе триумфално на бел ат во Атина, бидете без грижа, умни се регресивните, колку и да сакате да ги третирате како небањати!
Авторот е професор на Факултетот за образовни науки при универзитетот
„Гоце Делчев“ – Штип и професор хонорис кауза во Русија