Во Дојран се повикани и репрезентациите на Црна Гора и на Бугарија, оти ни се потребни квалитетни дуели, за формата да биде на што повисоко ниво, вели селекторот во борби, Кузмановски
КАРАТЕ
Македонската сениорска карате-репрезентација во борби и во кати, предводена од селекторите Александар Кузмановски (борби) и Стојан Андриевски (кати), ги почна подготовките за Светското првенство (СП) во Дубаи (16-21 ноември), а веќе се одржа еднодневен спаринг-турнир во Скопје.
– Еднодневниот турнир, на кој беа обезбедени и судии, беше одржан по моја иницијатива и задоволен сум од настапот на сениорите и на сениорките, кои беа на висина на задачата, одработија по минимум три, а максимум пет борби. Противници им беа постарите јуниори и други каратисти, а во потешките категории имаше и борба сениор против сениор во машка и во женска конкуренција. На турнирот присуствуваа и тренерите Кристијан Младеновски, Бошко Заборски, Петар Белистојановски, Жарко Арсовски. В сабота заминуваме во Приштина, Косово, каде што со нивната А-селекцијата ќе одржиме заеднички тренинг и еден спаринг-меч. Веднаш потоа, в недела, заминуваме во Дојран, каде што ќе се подготвуваме до 12 ноември.
Во Дојран се повикани да присуствуваат и репрезентациите на Црна Гора и на Бугарија, кои ќе ни спарингуваат, оти ни се потребни квалитетни дуели, за формата да биде на што повисоко ниво – ни изјави в.д. селектор во борби Кузмановски, кој со одлука на ИО на КФМ е назначен да ја води сениорската репрезентација во Дубаи.
Единствениот медал, и тоа бронзен од СП, за Македонија го освои Жарко Арсовски во Белград во 2010 година. Македонија во кати ќе ја претставуваат олимпијката Пулексенија Јованоска (Фунакоши Гичин) и Александар Неделковски (Металург). И тие подготовките ќе ги одржат во Дојран.
– Многу сум задоволен од сработеното досега. Но во катите е многу дискутабилно, почнувајќи од тоа од која земја си, па сѐ до судиите. Така беше и на ЛОИ, каде што имаше многу чудни оценки. Тука судиите одлучуваат, ќе кажат едниот бил подобар и готово, за разлика натпреварите во борби, каде што поенот сите го гледаат. Но убеден сум дека и двајцата ќе го дадат максимумот во Дубаи – вели Андриевски.