Францускиот претседател Емануел Макрон (43) создава тим за изборната кампања испонет со поранешни конзервативни инсајдери бидејќи увиде дека ќе треба да придобие повеќе гласачи од централната десница за да обезбеди втор мандат в година, пренесува „Еурактив“.
Макрон допрва треба да ја објави кандидатурата, но извори блиски до францускиот претседател во изјава за „Ројтерс“ тврдат дека тимот што ќе ја води неговата кампања веќе се обликува зад затворени врати. Тие додаваат дека водечка улога во тимот ќе имаат некогашните членови на партијата на поранешниот француски претседател Никола Саркози.
Улогата на поранешните лојалисти на Саркози дава назнака дека политиките врз кои ќе се заснова изборната кампања на Макрон ќе бидат фокусирани на миграцијата и на идентитетот, како и на економијата и куповната моќ. Ваквата стратегија значително се разликува од онаа за претходните претседателски избори во 2017 година, на кои Макрон се кандидираше како политички аутсајдер што не припаѓа ниту на десницата, ниту на левицата.
Според последните анкети, на претседателските избори закажани за април в година, ќе изостане очекуваниот дуел помеѓу Макрон и лидерката на крајната десница Марин ле Пен, бидејќи есеистот Ерик Земур се наметнува како еден од главните противкандидати на актуелниот француски претседател. Резултатите покажуваат дека Земур има 17 отсто од поддршката со што се наоѓа веднаш зад Макрон кој ужива поддршка од 24 до 27 отсто од испитаниците. Анкетите, сепак, го посочуваат Ксавиер Бертран како предизвикувач кој би можел да води најжестока борба со Макрон во вториот круг.