Сѐ поголем број медиуми на двете страни од Атлантикот прогнозираат дека на Европа, но и на САД им следува турбулентен период, од различни причини, во кој мноштво економско-политички проблеми ќе избијат на површина. Според американските медиуми, најголемиот страв за Америка во моментов е можноста државата да се најде пред сериозни економски предизвици

Економско-политички турбуленции на двете страни од Атлантикот

Додека Стариот Континент се соочува со енергетска криза предизвикана од зголемените цени на природниот гас и електричната енергија, Америка е во опасност од друга тешкотија со економски именител. Имено, ова го наведуваат западните медиуми деновиве, кои во своите анализи за случувањата во најголемата светска економија предупредуваат дека Вашингтон наскоро би можел да се соочи со економски тешкотии доколку Конгресот во наредните две недели не одобри ново задолжување на земјата.
За ова неделава предупреди и американската министерка за финансии Џенет Јелен. Таа во изјави за американските медиуми истакна дека е можно САД да бидат погодени од економска катастрофа, доколку федералната влада не го подигне лимитот на долгот нагоре.
– За неколку дена, милиони Американци би можеле да останат без пари. Би можеле да видиме неограничени доцнења во критичните плаќања и речиси 50 милиони постари лица може да престанат да примаат чекови за социјално осигурување за некое време. Милиони семејства што се потпираат на месечни даночни олеснувања за децата може да доживеат одложувања. Накратко, Америка нема да ги исполни своите обврски – предупреди министерката.

Републиканците со „вето“ за ново задолжување

Според анализата на „Си-ен-би-си“ за оваа тема, проблемот настанал кога во понеделникот републиканците во Сенатот го блокираа предлог-законот за финансирање на Владата и суспендирање на постојниот лимит за задолжување во САД. Како што наведува медиумот, републиканците се спротивставиле на донесувањето на законот, кој претходно бил одобрен од Претставничкиот дом, бидејќи во него имало одредба во која не се наведувало чија ќе биде одговорноста за новото задолжување на земјата.
Со тоа, како што пренесуваат американските медиуми, работата на Владата може да биде блокирана и до крајот на следниот месец доколку пратениците не го одобрат новото финансирање или не го усвојат законот. Во тој случај, владините агенции ќе треба да испратат илјадници федерални службеници дома и да работат со ограничен капацитет додека не се обнови финансирањето, додава „Си-ен-би-си“.

Европската криза му се заканува на остатокот од светот

Во меѓувреме, кризата во Европа создава проблеми и за остатокот од планетата, бидејќи поради недостиг од енергија на Стариот Континент, владите предупредуваат на прекин на електричната енергија, но и на затворање на производствените погони во повеќе земји низ светот, пишува „Блумберг“.
Угледниот магазин наведува дека резервите во европските складишта се на историски ниски нивоа за овој период од годината.
Според магазинот, тековите на гасоводите од Русија и од Норвешка се ограничени, а тоа е загрижувачки, бидејќи мирните временски услови го намалија и производството на ветерна енергија, додека старите европски нуклеарни централи постепено се исклучуваа и беа склони кон прекини во нивната работа.
– Не е ни чудо што европските цени на гасот се зголемија за речиси 500 проценти минатата година и се тргува блиску до рекордните вредности. Овој скок во исто време принуди некои производители на земјоделско ѓубриво во Европа да го намалат производството што придонесе за зголемувањето на трошоците на земјоделците, кое, пак, може да се рефлектира и на глобалната инфлација, но и на пораст на цените на храната на светско ниво – наведува магазинот.