Според проекциите на две германски телевизии, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на денешните парламентарни избори освои околу еден процент повеќе гласови од конзервативната коалиција.
Според проекцијата на АРД, врз основа на резултатите од излезната анкета и првичното пребројување на гласовите, СПД доби 25,5 проценти од гласовите, а конзервативната коалиција на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) 24,5 проценти.
Телевизиската проекција на ЗДФ покажува дека СПД, чиј кандидат за канцелар е Олаф Шолц, освои 25,7 проценти, а Демохристијаните, предводени од Армин Лашет, освоија 24,6 проценти од гласовите.
И двете проекции предвидуваат дека Зелените преводени од Аналена Бербок се на третото место, со околу 14 проценти од гласовите.
Според проекциите, Бундестагот ја вклучува и либералната Слободна демократска партија (ФДП) со околу 12 проценти од гласовите, екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) со која никој не сака да соработува со околу 11 проценти , и Левица, која е на крајно левичарски позиции, со околу пет проценти.
На претходните избори, одржани во 2017 година, ЦДУ имаше 32,9 проценти од гласовите, СПД 20,5 проценти, Зелените 8,9 проценти, ФДП 10,7 проценти, АфД 12,6 проценти и Левицата 9,2 проценти.
Тесниот резултат на денешните избори сугерира дека претстојат долги преговори за нова влада и оти е неизвесно кој ќе ја наследи канцеларката Ангела Меркел, која се пензионира по 16 години на чело на владата.
Доколку излезните анкети се покажат како точни, резултатот на ЦДУ ќе биде негов најлош во повоената историја на Германија.
Процесот за формирање нова коалиција може да трае со месеци, а Меркел ќе остане на чело на техничката влада, таканаречената голема црно-црвена коалиција, која ги вклучува и ЦДУ-ЦСУ и СПД.
Партијата што освои најмногу гласови на изборите нема загарантирано канцелариско место.
СПД може да ја формира таканаречена „семафор коалиција“ со Зелените и ФДП. Додека Зелените традиционално се вртат кон социјалдемократите, главната пречка за таа црвено-зелено-жолта коалиција е тоа што либералите претпочитаат да дојдат на власт со идеолошки поблиските демохристијани.
Најголемата шанса на Лашет да ја добие функцијата канцелар би била коалицијата ЦДУ-ЦСУ со Зелените и либералите. За оваа „јамајканска коалиција“, таканаречена поради црно-зелено-жолтата партиска боја, најголемата пречка е јазот меѓу демохристијаните и Зелените во буџетската и финансиската политика.
По објавувањето на резултатите врз основа на излезните анкети, и демохристијаните и социјалдемократите изразија надеж дека ќе формираат владејачка коалиција и дека нивниот кандидат ќе ја наследи Меркел.
Конзервативниот лидер Лашет рече дека неговата коалиција ќе стори сé за да формира нова влада, иако, како што рече, „тие не можат да бидат задоволни со резултатите“ врз основа на излезните анкети.
Тој изјави дека таквиот исход на изборите „претставува голем предизвик за Германија, ЦДУ и сите демократски партии“.
Социјалдемократската партија на Германија објави дека смета дека и е даден мандат за формирање владејачка коалиција и дека нејзиниот кандидат Олаф Шолц треба да стане канцелар.
Шолц го оцени резултатот од СПД како „голем успех“, наведувајќи дека многу гласачи гласале за таа партија затоа што сакаат промена на власта.
– Сега ќе ги чекаме конечните резултати, но потоа ќе се фатиме за работа – порача Шолц.