РАСТЕ БРОЈОТ НА ОПАСНИ МИЛИТАНТНИ ОРГАНИЗАЦИИ НА БЛИСКИОТ ИСТОК
Се проценува дека ИСИС-К има околу 1.500-2.000 борци во провинциите Нуристан, Кунар и Нангархар, како и голем број ќелии низ Авганистан, вклучувајќи го и Кабул
Мапата на терористички опасни организации во светот што се активни на боиштата на Блискиот Исток е „побогата“ за уште една милитантна организација. Станува збор за милитанти од Авганистан што го носат името „Исламска држава од провинцијата Корасан“ (ИСИС-К), кои според светскиот печат се „лиценцирана“ филијала на ИСИС од Сирија и Ирак, само лоцирани во Авганистан.
Според информациите во медиумите, оваа организација е формирана во јануари 2015, од страна на поранешни пакистански и авганистански талибанци, на кои им се приклучиле припадници на Исламското движење од Узбекистан и кои започнале да дејствуваат воено во авганистанската провинција Корасан.
Американскиот магазин „Тексан“ информира дека овие милитанти во минатото биле финансирани од сириската ИСИС и на годишно ниво добивале околу 100 милиони долари.
Според неделникот, организацијата за краток временски период успева да стекне територијална контрола во неколку рурални области на северот и североистокот на Авганистан, по што започнува смртоносна кампања во Авганистан и во Пакистан. Во првите три години припадниците на ИСИС-К се борат против малцински групи, институции и владини објекти во големи градови во Авганистан и во Пакистан.
Според магазинот, се верува дека ИСИС-К има околу 1.500-2.000 борци во провинциите Нуристан, Кунар и Нангархар, како и голем број ќелии низ Авганистан, вклучувајќи го и Кабул.
На чело на групата од јуни 2020 година е извесен Шахаб ал Мухаџир.
Оваа организација ги критикува талибанците дека шират неточно исламско владеење како недоволно строга линија и го осудува нивниот договор со САД за повлекување војници.
Инаку ИСИС-К е одговорна за 77 напади во Авганистан во првите четири месеци од оваа година, а за 21 напад во истиот период во 2020 година, според ОН. Во бомбашкиот напад во училиште во Кабул во мај 2021 година загинаа 80 ученички.
Според истражувањето на Глобалниот индекс на тероризмот, ИСИС-К во 2018 се вбројува меѓу една од четирите најсмртоносни терористички организации во светот.
По опсежна операција на американските и авганистанските сили, во 2019 организацијата бележи сериозни загуби во луѓе и територија, што на почетокот од 2020 кулминира со предавање на над 1.400 терористи на организацијата. Иако лани американските сили веруваа дека ја поразиле ИСИС-К, сепак последниот самоубиствен напад на аеродромот во Кабул, во кој загинаа најмалку 90 луѓе, вклучувајќи 13 американски војници, а десетици беа повредени, докажал дека оваа терористичка организацијата и натаму е активна во земјата.
Во меѓувреме, универзитетските професори и безбедносни аналитичари велат дека новата филијала на Исламската држава што е активна сега во Авганистан е сериозна закана за светот. Тие тврдат дека оваа организација, која го носи името Исламската држава-Корасан, е опасна и способна да спроведува акти на тероризам насекаде во светот, не помалку смртоносно од Исламската држава и од талибанците.
Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев од Воената академија во својата анализа на оваа тема објаснува дека Исламската држава-Корасан е филијала или асоцијативно движење на Исламската држава, која потекнува од провинцијата Корасан во Авганистан.
– Тие, како и другите филијали на ИД, имаат само заедничка рамка со ИД – тоа е идејата за глобален калифат. За разлика од пред заземањето на талибанците во Авганистан, кога од коалициски партнери станаа латентни непријатели со талибанците од ИД-К, денес тие се во отворен клинч – вели професорот.
Според Хаџи-Јанев, каналот за комуникација преку мрежата Хакани е нефункционален или ирелевантен, бидејќи на талибанците може да им се случи кинеската поговорка „внимавај што бараш, може и ќе го добиеш“.
– Оттука, ИД-К е регионална закана. Тие засега немаат ресурси да ја преземат улогата на главно движечко тело на ИД, но секако дека може да бидат инспирација за локални интерпретации и дејства – вели професорот.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски во својот осврт на случувањата вели дека новата филијала на Исламската држава што се појавила во Авганистан е всушност процес што продолжува и не запира во светот на терористите.
– Терористичките организации никогаш не згаснуваат, туку само добиваат нова форма и нов имиџ. Такви беа случаите и со Ал каеда, која се ребрендира во Исламска држава и во организациите ИСИС и Џабар сл Нусра, а така е и сега, кога на површина излегува нов разгранок од овој милитантен спектар на случувањата – вели Стефаноски.
Аналитичарот резимира дека оние што раководат со безбедносните механизми на државите во овие моменти треба сериозно да ја сфатат заканата што стигнува од т.н. организација Исламската држава-Корасан и додава дека таа не треба да се потцени, бидејќи капацитетот за спроведување терористички операции секогаш е поголем од новите терористички групи, бидејќи тие се жедни да се докажат со операции пред очите на нивните поддржувачи и пред нивните конкурентски терористички организации.