Во моментот кога конечно на Балканот почна да се зборува за интегративни процеси преку иницијативата „Отворен Балкан“, отворено поддржана од САД и од ЕУ, сега најавите за прием на бегалци од Авганистан во Македонија, Албанија и во Косово дополнително ја компликуваат оваа иницијатива, а ги одвраќаат и земјите како БиХ и Црна Гора да се приклучат
Неколку безбедносни аспекти од потенцијалната „авганистанска“ бегалска криза
Потенцијалниот бегалски бран од Авганистан несомнено наскоро ќе се прелее и на Балканот, особено по најавите на овдешните лидери дека се подготвени да прифатат бегалци од оваа земја, откако талибанците повторно ја запоседнаа власта по повлекувањето на НАТО-силите.
Без оглед на информациите што се објавуваат дека Македонија би примила околу 200 бегалци од Авганистан, сепак не треба да се отфрли ниту можноста тука да пристигнат многу повеќе Авганистанци од симболично најавените, кои преку разни маршрути и сега се движат на Балканот.
Косово пред сериозен испит
Македонија има искуства во справувањето со бегалски бранови, и тоа од многу поголеми размери, така што голема е веројатноста со напор, но помалку или повеќе успешно да се справи со евентуален наплив на бегалци, но она што треба да загрижува е како соседно Косово би менаџирало бегалска криза кога и самото се соочува со внатрешна криза предизвикана од неможноста целосно политички да се етаблира на меѓународната сцена, да се справи со корупцијата, но и да воспостави функционален економски модел.
Ваквата кревка состојба, дополнета со бегалски бран, може уште повеќе да ја засили кризата во соседната земја и таа лесно да се прелее и на македонска почва, како што беше случајот во неколку наврати во минатото.
На тоа неодамна предупреди и американскиот амбасадор во Косово, Филип Коснет, кој смета дека косовските политичари одамна го загубиле допирот со реалноста.
– Историјата не започна со денот кога беше формирана Владата на Аљбин Курти. Мислам дека најголем непријател на Косово е самозадоволството. Во последните 20 години, во Косово се создаде ситуација каде што луѓето во најголем дел се навикнати на меѓународната заедница, која инјектира многу пари во земјата, помагајќи им во решавањето на нивните проблеми. Тоа нема да трае вечно – предупреди Коснет.
Тој, коментирајќи ја актуелната ситуација во Косово, уште рече дека економските донации од албанските гастарбајтери нема да траат уште долго.
Ваквата изјава на некој начин се поклопува со она што во понеделникот го изјави американскиот претседател Џозеф Бајден, објаснувајќи дека САД морале да го напуштат Авганистан бидејќи и по 20 години американско присуство таму и потрошени многу милијарди долари, не успеале да направат функционална држава.
Сега едно такво Косово треба да се справи во бегалци од Авганистан, кога и самото не можеше да најде решение за илјадниците косовски граѓани што заминаа да се борат во редовите на ИСИС и во Сирија, а не мал број токму и во Авганистан на страната на талибанците. Во напливот на бегалци не се исклучува ризикот на косовска територија да се инфилтрираат и опасни екстремистички елементи, кои можат да бидат сериозна закана по безбедноста во регионот, но и пошироко.
Бегалскиот бран закана за иницијативата „Отворен Балкан“ и за евроинтеграциите
Дополнителен проблем е што во моментот кога конечно на Балканот почна да се зборува за интегративни процеси преку иницијативата „Отворен Балкан“, поддржана од САД и од ЕУ, сега најавите за прием на бегалци од Авганистан во Македонија, Албанија и во Косово дополнително ги одвраќаат земјите како БиХ и Црна Гора да се приклучат кон оваа иницијатива.
Веќе и во самата Албанија се јавуваат движења и се организираат протести против идејата за „Отворен Балкан“, што на некој начин говори и за појавата на внатрешен отпор кон овој проект. Со отворениот повик за прием на бегалци од Авганистан, всушност, се минира целиот процес за мини-сојуз меѓу земјите на Балканот, претворајќи го овој дел од Европа во голем бегалски камп.
Несомнено таквата ситуација ќе придонесе дополнително Европската Унија да го замрзне процесот на проширување на подолг рок, уценувајќи ги балканските земји со прием на што поголем број бегалци, за тие да не завршат на нивна територија, одбегнувајќи ја сопствената одговорност со некаква симболична финансиска помош, која ниту од далеку нема да одговара на реалните потреби на бегалците.
Во една таква ситуација, во која би се нашле економски слабите балкански земји, повеќе од извесно е дека може да дојде до незадоволство кај локалното население, што од друга страна ќе предизвика турбуленции на безбедносен план, кои лесно можат да се прелеат од една во друга земја, вклучувајќи и во Македонија и одново да се експлодира балканското „буре барут“.
Аналитичарите со став дека САД сепак менаџираат кризи на Балканот
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека сцените од Авганистан се моментални и дека нема да има голем бегалски бран.
– Мислам дека нема да има голем бран на авганистански бегалци на овие простори каде што Американците „замолија“ да се сместат. Тие бројки, според мене, би биле такви што можат да се поднесат и второ, бегалците не би биле заинтересирани да останат долго тука бидејќи нивна цел се западноевропските држави – вели Андревски.
Според него, САД нема да дозволат ниту развој и прелевање кризи на овие простори бидејќи тоа не е во нивен интерес.
– Американците, чувајќи го овој простор како своја зона на директно влијание, нема да дозволат авганистанска криза ниту во Косово, ниту во Македонија, ниту во Албанија. Од друга страна, Авганистан е голема меѓуамериканска тема и Американците меѓу себе ќе го расчистат тоа. Нема потреба од страв за големи потреси на овие простори – истакнува Андревски.
Тој не ја отфрла можноста ЕУ да се обиде да ги искористи балканските држави како штит од наплив на бегалци на нејзина територија, но истовремено ја истакнува и европската инертност во реакциите на актуелните случувања.
– ЕУ на свој начин е обградена со своите интереси. Таа на некој начин е своеглава во поглед на нејзините интереси и ставовите сигурно би биле дека овие бегалци не би требало да навлегуваат на територијата на ЕУ. Но едно се принципите, намерите и желбите, а друго се реалните односи. Кога ќе притиснат бегалците, Европа нема да има начин како да ги запре. Во многу работи ЕУ доцна реагира, така што нема зошто да не веруваме дека тоа би бил случај и со авганистанските бегалци. Кога се распаѓаше СФРЈ, на најдобар начин се виде доцната реакција на Европа. Не мислам дека и сега ќе биде нешто поразлично – категоричен е професорот Андревски.