Карикатура: „Нова Македонија“

ПРОМЕНАТА НА ЗНАМЕТО, ГРБОТ И ХИМНАТА – ПОЛИТИЧКИ
ПАМФЛЕТ ИЛИ НЕШТО ПОВЕЌЕ

Колку и да се релативизира изјавата на Ахмети, таа претставува еден континуитет на барањата на албанското етничко малцинство, кое иако ги има највисоките европски стандарди по основа на малцинските прашања, токму гореспоменатите структури со многугодишна инвазивна стратегија и глад за територија и други државни белези, со умисла ги мобилизираат своите сограѓани заради менување на карактерот на државата, притоа свесно загрозувајќи ги основните човекови и демократски права на македонскиот народ како носител на државноста во Македонија. Континуитетот на тие барања е константен, било да е во форма на милитантно-екстремистички облици, или, пак, трансформиран во политичко-париска обланда, која лидерите од албанскиот кампус со децении се обидуваат да ја вградат во владините политики

Во време кога Македонија е заглавена во чекалницата на Европската Унија поради новото бугарско вето, јавноста во земјава дополнително е вознемирена од неодамнешната изјава на лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, дека веќе се преговара за промена на знамето, грбот и химната, со други зборови, се преговара за целосно редефинирање на карактерот на државата.
– Се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви – рече Ахмети.
Од Владата ги демантираа ваквите наводи, појаснувајќи дека ниту во Владата, ниту во владејачката партија СДСМ, ниту со премиерот Заев не е разговарано за промена на знаме, грб или химна на државата.

Демант стигна и од шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој информацијата во медиумите ја оцени како несериозно пренесување изјава.
Сепак, без оглед колку и да се релативизира изјавата на Ахмети, таа претставува еден континуитет на барањата на албанската етничка заедница, кои своевремено беа манифестирани преку коминикеата на поранешната ОНА, од која произлезе денешното ДУИ, а кои се однесуваа на освојување територии и воспоставување сопствени симболи на тие територии. Впрочем, тоа е видливо и денеска на сите територии што за време на воениот конфликт беа под контрола на ОНА, каде што продолжуваат да се веат албански знамиња, да се истакнуваат двоглави орли и да се потиснуваат сите обележја на македонската држава.

Токму ДУИ, политичкиот продолжеток на ОНА, кое неодамна се обои во зелено, 20 години ја држи под контрола секоја македонска влада и преку уцени постојано наметнува барања, кои наместо да бидат во насока на зацврстување на унитарноста на државата, се всушност елементи на регионализација, федерализација и разбивање на македонската држава.

Најеклатантен пример за тоа беше тиранската платформа, креирана во соседна држава и во која преку уценувачки барања се условуваше формирањето на македонската влада. И не е само тиранската платформа, туку и формирањето паравоени формации, прогласувањето на Илирида, војната во 2001 г., па сега и закачените транспаренти за Чемерија, што е само потврда дека партијата, која со години е дел од власта во земјава, никогаш не се откажала од сецесионистичките намери и продолжува да го прави тоа во континуитет.

Од тие причини се наметнува дилемата за чии интереси работат функционерите што се платени од оваа држава, дали за нејзината одржливост, развој и просперитет, или, пак, за остварување на некои соништа за големи држави, кои во последно време почнаа да се појавуваат во разни нонпејпери на Балканот.

– Ниту изјавата на Ахмети за промена на државните симболи е толку наивна, а уште помалку несериозно пренесена – брифираат извори за весникот, кои препознаваат остварување на сценариото за федерализација на државата, во која Албанците ќе имаат свои симболи, Македонците свои, а федерацијата наводно ќе добие некое ново знаме, грб и химна, токму она за што сега се напипува пулсот на јавноста. Се разбира, ваквите наводи треба да се земат со резерва, но и како предупредување дека во вакви моменти треба внимателно да се следи состојбата. Најмногу од сè, потребно е единство на сите, да се покаже дека сонцето на знамето ги грее сите без оглед на етничката припадност, симболиката на класјето, планините и водата во грбот ја гледаме на секој чекор на ова парче земја, а химната е одраз на вековниот стремеж на македонскиот народ за своја држава. Ако некој сака да удри по овие работи, тој едноставно сака Македонија и македонскиот народ повеќе да ги нема бидејќи овој народ нема друга резервна татковина, освен оваа што му е единственото сврзувачко ткиво. Без неа едноставно ќе исчезне, ќе се претопи, сценарио што го посакуваат и некои наши соседни земји.

Затоа во вакви ситуации се потребни единство и истрајност, но и внимателност затоа што деструктивните елементи се инкорпорирани внатре на високи позиции и без оглед што се коалициски партнери во власта, постојано работат на разбивање на унитарниот карактер на државата.

Добро е што повремено ваквите работи испливуваат на површина, за да може да се демаскираат намерите на оние што под превезот на поголеми права за својата етничка заедница, туркаат некои други агенди.

Повеќе од јасно е дека државата мора да опстои на својот унитарен карактер по секоја цена, каде што главен критериум за напредок треба да бидат квалитетот и способноста наместо етнички клучеви. Тоа и Европа, кон која се стремиме, го бара. Мнозинскиот македонски народ не смее да ја загуби својата улога на државотворен народ, зашто впрочем тоа и е, без оглед што на мала врата некој се обидува да ја протурка идејата за два државотворни народа. Некаде треба да се стави точка и државата конечно да ја заокружи својата лична карта, со свои симболи и со широки права за сите (каква што и е и де фaкто и де јуре), но и со почитување на истата таа држава од страна на сите.

Нови поделби и прекројувања на границите не донеле никогаш ништо добро, а најдобар пример за тоа е распадот на Југославија, каде што освен жртви, разорувања и сиромаштија, не се случи ништо убаво.

Како и да е, голема е веројатноста зад ваквите изјави на Ахмети да се крие еден вид политички памфлет во пресрет на локалните избори, знаејќи дека само со зелената агенда тешко ќе ги мотивира Албанците да гласаат за нивната политичка опција.
– Праксата покажува дека кога Али Ахмети нешто ќе најави, тоа станува наша реалност по некоја година. И да, вообичаено првите реакции се негативни кон повеќето од тие идеи, но потоа се наоѓа политичка гарнитура во водечките две партии (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ), кои потоа и ги спроведуваат (како коалициски договор со ДУИ). Тоа покажува долгорочна стратегија на Али Ахмети (и на ДУИ…, а можеби и на сите партии на етничките Албанци заедно) кон „националните прашања“.

Истовремено, укажува и на недостиг од таква стратегија во „македонскиот блок“, иако и двете партии си се самопрогласуваат за „државотворни“ – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Тој додава дека тоа во пракса се преточува во постојана распродажба на националните интереси.
– Во пракса, тоа се преточува во постојана распродажба на националните интереси, не само на внатрешен план туку и во ситуациите со Грција, па сега и Бугарија, што на краток рок се „продава“ како неопходни отстапки на „патот кон светлата (ЕУ) иднина“, па дури и како влог во заедништвото и соживотот (што за право, во некои случаи е и оправдано), но на долг рок прави непоправливи штети, а нашите т.н. политички „елити“ не можат (не се способни) ни да ги согледаат – констатира Кржаловски.
Според него, за сите работи треба да се разговара отворено и конструктивно во Собранието, но и со вклучување на јавноста.