Карикатура: „Нова Македонија“

ЌЕ ПОМИНЕ ЛИ ТУЖБАТА НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ
ПРОТИВ ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА КАКО ТУЖБАТА
НА МАКЕДОНИЈА ПРОТИВ ГРЦИЈА

Со големо мнозинство гласови, европратениците деновиве одлучија во судница да ја бараат правдата поради неисполнетите ветувања на Европската комисија. Кои се механизмите и какви се шансите и Македонија да го следи примерот на Европскиот парламент и правдата пак да ја бара во судница, особено по горкото искуство со пресудата против Грција во наша полза, која никогаш не заживеа во Европа?

Европскиот парламент ќе ја тужи Европската комисија пред Европскиот суд на правдата, поради дадени и неисполнети ветувања за спроведување на владеењето на правото. Со 500 гласови за, 28 воздржани и уште 150 гласови против, европратениците деновиве одлучиле во судница да ја бараат правдата за неисполнетите ветувања на администрацијата на еврокомесарката Урсула фон дер Лејен. Овие актуелни случувања, кои во моментов се одигруваат во Брисел, се особено интересни за анализа и од македонска перспектива, бидејќи нашата земја има „богато“ искуство со неисполнети ветувања од страна на разни тела и органи на Унијата, вклучувајќи и од преставници на Европската комисија, како и високи функционери на најмоќните држави во самата ЕУ.

Колку само неисполнети ветувања досега доби Македонија од страна на Европа тешко е и да се наброи, бидејќи листата е навистина предолга. И не само ветувања туку и официјално заверени документи и извештаи, кои секогаш беа во наша полза, но никогаш досега не беа остварени. Или, со други зборови, ако во Европа и во светот постои земја што е апсолутен рекордер, па и светски лидер кога станува збор за неисполнетите ветувања кон неа, тоа несомнено е Македонија.

За потсетување, нашата држава досега има добиено над десетина извештаи од Европската комисија за нашиот напредок кон ЕУ, во кои беше посочувано дека Македонија е подготвена да ги започне преговорите за членство во Унијата, но тоа никогаш досега не се случи. Значи заклучоците и ветувањата пресликани во многубројните извештаи на Европската комисија паѓаа во вода.

Слични најави и неисполнети ветувања редовно даваа, а не ги исполнуваа и еден куп светските државници, како канцеларката Ангела Меркел, францускиот шеф на државата Емануел Макрон, германскиот министер за надворешни работи Михаил Рот, министерката за надворешни работи на Шпанија, Гонзалес Лаја, и други. Земајќи ги сите овие факти предвид и, секако, поучени од најновиот пример на тужбата на Европскиот парламент против Европската комисија токму поради неисполнетите ветувања, се наметнува и прашањето може ли Македонија да го следи истиот пример. Правдата за неисполнетите ветувања да ја бара на суд, следејќи ги токму европските искуства и примери.

Домашните и странските експерти, професори и политиколози со кои се консултиравме велат дека сѐ додека сме надвор од вратите на ЕУ многу е тешко државата да ги тужи странските претставници за неисполнети ветувања кон Македонија. Но тие додаваат дека и во таква една корелација на односите сепак постојат механизми како да се спроведе процесот доколку се има волја за тоа.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека доколку се создадат неопходните околности, вакви судски процеси прво треба да се водат пред домашните судови, а дури потоа да се дејствува на меѓународно поле.
– Ние кај нас, ја имаме оваа можност кај Уставниот суд, во која политичарите, домашни и странски, можат да се најдат за одговори во одреден процес доколку не спровеле одредени ветувања, заложби и слично, кои се во спротивност на меѓународните и домашни одредби за почитување на човековите права. Токму димензијата за наше членство во ЕУ може да се најде во оваа категорија на потенцијален случај пред Уставниот суд – вели Илиев.

Тој објаснува дека досега во земјата многу била слаба практиката за оваа проблематика.
– Досега еден или два случаи за неисполнети политики беа иницирани пред Уставен суд, но тие веднаш беа отфрлени под различни заклучоци од надлежните – вели судијата.

Тој објаснува, пак, конкретно кога се говори за Европскиот суд на правдата, ние треба да знаеме дека ваквата проблематика тој во овој момент не би можел да ја води за Македонија, бидејќи тој работи исклучиво за земјите-членки на Унијата.
– Во овој момент сме надвор од ЕУ и само поради овој факт, судски процес од оваа димензија во моментов е недостапен, но тој може да се води пред домашен суд. Ние дома можеме да спроведеме процеси и за домашни, но и за странски политичари за неисполнети ветувања усни или писмени заложби и слично. Дополнително или евентуално кога ќе станеме членка на ЕУ и тогаш би можеле да започнеме да ги тужиме политичарите пред европските правни инстанци за нивните ветувања што не ги спровеле кон нашата земја, но шансите за тоа се исто така мали – вели судијата.
Чешкиот универзитетски професор Михал Вит вели дека во практика многу е мала шансата на Европскиот суд на правдата да се најдат случаи каде што Европската Унија или некое од нејзините тела ќе се најдат во судница за непреземање активности поврзани со надворешната политика.

Професорот вели дека овој европски суд, во најголемиот дел реагирал за неспроведување на одредени одредби пред сѐ од економска природа, иако постои и одреден практика на нетипични случаи во кои тој првпат работел, а како таков може да се издвои и актуелниот случат каде што првпат Парламентот ќе ја тужи Комисијата.
– Дополнителен проблем во овие состојби е што Европскиот суд на правдата работи во случаи исклучиво поврзани со настани на земји што веќе се членки во Унијата. За жал, Македонија е надвор од ЕУ и додека е така државата сѐ уште не може ефективно да ги спроведе овие процеси во европската судница. Но постои барем теоретско заобиколување на состојбите во кое држава-членка на ЕУ може да ја тужи ЕУ за неисполнетите ветувања кон Македонија. Имено, ако Македонија има свои силни сојузници во Унијата, таа може да побара тие да ги застапуваат интересите на земјата пред Европскиот суд. Таков случај имаше неодамна кога Хрватска реагираше остро кон Бугарија, бранејќи ги интересите на Скопје, па оттука лично не гледам причина зошто не би можела ЕУ да биде тужена за празните ветувања кон Македонија, ако некоја држава-членка не го отвори ова случување во судница во Судот на правдата – вели професорот.

Политикологот Синиша Пекевски во своја опсервација на темава вели дека нам не треба да нѐ зачудува развојот на случувањата во ЕУ, бидејќи е сосема логично и нормално одредени политички процеси ако не се испочитуваат да се решат на суд.
Од друга страна, Пекевски додава дека политичката перцепција во Македонија не е на нивото на ЕУ и не е ни за очекување дека некој во нашата земја воопшто и размислува на ваков чин.

Пекевски потсетува дека вакви случувања во ЕУ во последните години имаше повеќе.
– Имаше и случај во кој Полска и Унгарија ја тужеа самата ЕУ за истите причини, но од друга перспектива со кои сега парламентот на Унијата ја тужи Комисијата. Натаму имаше и случаи каде што на пример властите на Брисел изминативе години тужеа и држави. Таков беше случајот во 2017 година кога ЕУ упати тужба кон Хрватска, Холандија, Португалија и Шведска поради неисправното пренесување на прописите на Унијата во возачките дозволи на граѓаните на овие земји. Па имаше и случај во кој во 2018 година граѓаните на ЕУ ја тужеа ЕУ за неспроведување политики поврзани со загадувањето и климатските промени – објаснува политикологот.

Пекевски додава дека од македонска перспектива на случувањата, овие настани со сигурност се интересни за следење, бидејќи тие даваат индиции дека доколку посака државниот врв на Македонија може да пронајде соодветен начин како овие политики да ги спроведе кон ЕУ за непочитување на ветувањата за европска перспектива што ѝ се дадени на балканската држава.

Пекевски резимира дека, сепак, не секогаш е мудро за Македонија, овие политички процеси да завршуваат пред меѓународни судови, бидејќи тогаш се дава впечаток дека и кај двете страни во одреден спор недостига доза демократска надеж за да се надмине одреден проблем.