Останува нејасно што е тоа што беше пресудно за европските бирократи да направат пресврт во однесувањето на Брисел кон процесот на проширувањето кон Балканот, кој целосно беше ставен во блокада по самоувереното и по малку дрско однесување на Бугарија. Сигурно дел од таа заслуга му припаѓа на Зоран Милановиќ, кој од позицијата на претседател на една земја-членка на Унијата го кажа тоа што многумина други го мислеа, а немаа храброст и отворено да се спротивстават на самоволието што беше манифестирано од бугарската страна, а сѐ во името на некаква европска солидарност и мир во куќата
Нешто чудно ни се случува последните денови на просторот на Западен Балкан. Многу зборови и убави мисли се изнаслушавме од овдешните лидери, кои со полна уста говорат за „блискоста на сите народи од Балканот“, за градење мостови меѓу минатото и иднината и слично. Некако и темата за проширување на Европската Унија кон земјите од Балканот доби поширока европска поддршка, а речиси нема обраќање на некој висок европски дипломат, а да не нѐ потсети на слоганот „За обединета Европа со Балканот“! Во тоа општо изразување на блискоста и поврзаноста, можевме да слушнеме дека „Србите и Бугарите се браќа“, и тоа директно од српскиот и од бугарскиот претседател, Александар Вучиќ и Румен Радев, на чествувањето на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, во Димитровград, Ако забележувате, и реториката на релацијата меѓу Скопје и Софија е некако „попријателска“ и личи на времето од пред ставањето на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија за зачленување во Европската Унија. Сета оваа „балканска идила“ ја наруши хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој отворено и без ракавици се осврна на апсурдноста на бугарските барања што ги испорачува кон Македонија.
„Северна Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграцијата. Се работи за услови за кои им се поставени од една релативно зрела фаза на преговорите со ЕУ, а се однесува на содржината во некои учебници по историја. Тоа е влегување во интимниот простор и тоа не се прави и отворено ќе се спротивставам на тоа“, изјави хрватскиот претседател Милановиќ, по завршување на самитот на лидерите од Западен Балкан, во рамките на процесот Брдо-Бриони, кај Крањ.
И најревносните политички аналитичари што го следат процесот на проширување се изненадени од новиот бран на политичко затоплување на односите што се рефлектираат од Брисел. По шестмесечната неизвесност и непријатните прогнози што ни ги соопштуваше еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, со препораки да го решиме спорот со Бугарија, наеднаш беше најавен португалскиот план за решавање на бугарско-македонскиот спор. Останува нејасно што е тоа што беше пресудно за европските бирократи да направат пресврт во однесувањето на Брисел кон процесот на проширувањето кон Балканот, кој целосно беше ставен во блокада по самоувереното и по малку дрско однесување на Бугарија. Сигурно дел од таа заслуга му припаѓа на Зоран Милановиќ, кој од позицијата на претседател на една земја-членка на Унијата го кажа тоа што многумина други го мислеа, а немаа храброст и отворено да се спротивстават на самоволието што беше манифестирано од бугарската страна, а сѐ во име на европската солидарност и мир во куќата.
Новите сигнали што пристигнуваат од Брисел треба да бидат охрабрување за Македонија за почнување на пристапните преговори со ЕУ. По најновите случувања и изјавите на бугарските државни раководители, сѐ уште може да се забележи непопустливиот став во однос на чекирањето на билетот за влез во „бугарскиот воз“ за Европа.
„Најважно е Бугарија, како одговорна членка, да не дозволи да се внесат многу проблеми во Унијата. Европскиот пат на Република Северна Македонија е преку Софија, и тоа е патот на решавање на сите проблеми“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.
Се чини, Бугарија се обидува да го намали притисокот на меѓународната заедница и од неколку членки на ЕУ и повторно прашањето за проширување да го стави во контекст на „билатералните договори“. Ставот на Радев е дека не им се потребни посредници за решавање на некои историски дилеми, а со намери да се прифатат нивните погледи за историските настани во регионот.
Каков ќе биде исходот од португалскиот план за решавање на македонско-бугарскиот спор засега е неизвесно. Од нашата преговарачка страна се очекува целосна посветеност за зачувување на македонскиот идентитет и јазик, без какви било недвосмислености во формулациите за историските факти, кои ќе ја потврдат самостојноста на македонската државност. Во спротивно, ќе се доведеме во опасност фаќањето на последниот „бугарски воз“, кој ќе нѐ одведе во Европа, за македонските граѓани да го добие и другото значење
Затоа и изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев за тоа дека „дефинитивно ова е билатерален спор и така треба да го решиме“ не ни оди во прилог, кога многу земји покажаа подготвеност да помогнат во одблокирањето на разговорите меѓу Бугарија и Македонија. Особено што и Михаел Рот, германскиот државен министер за Европа, порача дека тие се „наша страна“.
Каков ќе биде исходот од португалскиот план за решавање на македонско-бугарскиот спор засега е неизвесно. До крајот на јуни граѓаните на Македонија ги очекуваат нови оптимистички изјави за постигнување „историски договор“ за почнување на преговорите со ЕУ. Од нашата преговарачка страна се очекува целосна посветеност за зачувување на македонскиот идентитет и јазик, без какви било недвосмислености во формулациите за историските факти, кои ќе ја потврдат самостојноста на македонската државност. Во спротивно, ќе се доведеме во опасност фаќањето на последниот „бугарски воз“, кој ќе нѐ одведе во Европа, за македонските граѓани да го добие и другото значење. За потсетување, под „бугарски воз“ во политичката терминологија се подразбира начин на изневерување на изборната волја на граѓаните, преку кражба на гласовите со едно гласачко ливче, кое потоа заокружено за една партија патува од еден до друг гласач.