Останува и надежта дека ќе се исправи некој од народот и ќе предложи нешто што, за чудо, не му текнало никому од свитата на преговарачи – правично решение: ако сте ја испуштиле од рака нишката на Аријадна и сте се загубиле во лавиринтот на минотаурот толку што верувате дека светот од онаа страна на огледалото е вистински, тогаш да се обидеме сите да се откажеме од нашите истории, јазици и култури
„Погледнете ја пак таа точка. Тоа е таму. Тоа е дома. Тоа сме ние. На неа, сите што ги сакате, сите што ги познавате, сите за кои што некогаш сте чуле, секое човечко суштество што кога било постоело, ги одживеале нивните животи. Збирот на нашата радост и страдање, илјадници самоуверени религии, идеологии и економски учења, секој ловец и трагач, секој херој и кукавица, секој создател и уништувач на цивилизација, секој крал и селанец, секој млад заљубен пар, секој татко и секоја мајка, дете полно со надеж, пронаоѓач и истражувач, секој учител на доблест, секој корумпиран политичар, секоја ‘суперѕвезда’, секој ‘врховен водач’, секој светец и грешник во историјата на нашиот вид живеел таму – на зрнце прашина фатено во зрак сончева светлина“. – Карл Саган, „Бледа сина точка“
Горниот цитат, напишан од познатиот научник и автор, се однесува на нашата планета, планетата Земја, фотографирана од една од вселенските сонди „Војаџер“, кога таа за последен пат ги заврте своите камери назад кон Сонцето и ја фотографира планетата на своето потекло пред засекогаш да го напушти Сончевиот Систем. На таа фотографија, Земјата беше речиси невидлива и секој би помислил дека е прашинка што треба да ја оддува од нејзината површина, застаната во отсјајот на Сонцето. Авторот успешно ги доловува големото чудо на човечката цивилизација и големиот амбис пред кој стои таа, големата спротивставеност, ранливост и надеж. Речиси точно еден век пред „Војаџер“ да ја испрати оваа фотографија, во Полска е создаден јазикот есперанто; неговиот духовен татко, според сопственото признание, тоа го сторил во наплив на идеализам, а со желба човештвото да ги надмине своите противречности и да чекори заедно во иднината во мир.
Јазикот им овозможува комуникација на сите што ќе го научат, а не е поврзан со една специфична култура; тоа е планетарен, обединувачки јазик. Пронаоѓачот како да се поврзал низ времето со Карл; за жал, дваесеттиот век ќе покаже дека идеализмот бил преуранет. На половина од временската оска помеѓу раѓањето на есперантото и фотографијата, еден друг идеалист и голем ум, Алберт Ајнштајн, ги објави специјалната и општата теорија на релативитетот. Парадигмите што важеа со векови се срушија, физиката мораше да прифати дека не постојат апсолути, дека концептот на истовременост зависи од релативното движење помеѓу објектот што се набљудува и набљудувачот, дека просторот и времето се едно, дека кога тоа едно се искривува, ние чувствуваме гравитација. По кратко време, луѓето како да заборавија дека секоја теорија има опсег на важење, и започнаа да користат концепти од теоријата на релативитетот за да донесуваат заклучоци за појави во општеството, па и да креираат концепти и да предлагаат решенија за комплицирани нешта врз основа на погрешно извлечени аналогии од светот на природните науки. Така, релативизаторите успеаја да создадат расцеп во општествениот договор, да индуцираат поделби, за сега да сведочиме на табори што стојат еден наспроти друг и се огледуваат во целосно спротиставени стварности, без заедничка и обединувачка мапа.
Општата теорија на релативноста, која е наменета да посредува помеѓу простори со различна „мерка“, е неприменлива во оваа ситуација, сингуларитетот создаден од расцепот во кој пропаѓа секоја надеж за наоѓање заеднички јазик на разбирање е посилен од секое есперанто. Една рефлексија на искривеното огледало е релативизирањето на Македонците и нивната татковина, нивниот јазик и слобода.
Па, можна е независност со право на здружување, приватизација што е позитивен чекор за јавното добро, високо образование на мајчин јазик за малцинства што води кон подобра интеграција во општеството, по сево ова – војна за територии која е всушност војна за права, војна која не е тоа ами конфликт, мобилни телефони кои се бомби и(ли) спротивно, предавства кои се наградуваат со функции, пораз кој е победа, терористи кои се борци за права, амнестирани со автентично толкување, грчки и бугарски Македонци има, ама нема Македонци, македонски јазик кој постои во зависност од тоа кој го дефинира и покрај вековната употреба, терористи кои седат во парламент, кои палат пошти, навивачи кои седат во влада, закони со европско знаменце само за Македонија, политички систем кој зависи од проценти утврдени на попис, договори со соседи во кои едната страна прифаќа да ја нема, сѐ за датум, кој е како квантна состојба, час е во рака, час не. Корумпирани апаратчици, заробено судство, франкенштајн-образование, султан-партии, градежна мафија која има држава, увозници на отпад за греење, продажба на плодна земја за куп печатени хартии без вредност, здравство кое чини пари а не функционира, амбасади кои се прават „паметни“, претставници на меѓународни организации на кои „им осамнува“ кога ќе се пензионираат, иселеници кои си ја сакале татковината помалку од оние кои се подготвени да ја продадат на кванташки пазар, инспектори кои ги пензионираат ако работат како што треба, листа која се надградува, проширува… и сето тоа е за доброто на народот.
Така кажуваат, објаснуваат, уверуваат мајсторите на општествено применетиот релативитет. Од спротивните страни на скршената реалност, се гледаат мртвите души, за кои сѐ е фактура, од едната страна, и некои идеалисти, од другата страна. Идеалисти за кои „светот е поле за културен натпревар помеѓу народите“ (Делчев) и други што одлучно се спротивставиле: „…вие ќе победите, затоа што имате доволно сурова сила. Но вие нема да уверите. За да уверите, вие треба да убедите, а за да убедите, ви треба нешто што вие го немате: разум и правичност во борбата.“ (Унамуно) и уште некои: „Ако куќа не направив, со високи шимшир порти куќа цел свет братски ми е, братски срце што отвора, срце – порта највисока, срце – куќа најширока“ (Рацин).
Поделбите остануваат. Останува и надежта дека ќе се исправи некој од народот и ќе предложи нешто што, за чудо, не му текнало никому од свитата на преговарачи – правично решение: ако сте ја испуштиле од рака нишката на Аријадна и сте се загубиле во лавиринтот на минотаурот толку што верувате дека светот од онаа страна на огледалото е вистински, тогаш да се обидеме сите да се откажеме од нашите истории, јазици и култури. Еден свечен ден, да го усвоиме есперантото како наш јазик и да изградиме нова, планетарна култура. Македонците ќе бидат први што ќе ве поддржат. Тука, ќе се испроба јакоста на релативизирачките муабети. Ми изгледа дека нема да се согласат со предложеното. Така, граѓаните го чекаат Годо. А датумот (за започнување преговори), и да дојде, е само тропалка за бебиња, со која се лажат одејќи по патот кон полноправно членство во земјата дембелија, кој е поплочен со вета. Додека не се продаде земјата, истргува јазикот, запусти името, продадат реките, иселат младите… Тогаш, ниту Свети Свети Годо да дојде, повеќе нема да биде важно.
(Авторот е астрофизичар, кој живее и работи во Холандија)