На програмата се Концертот за кларинет и виола оп. 88 од Брух и симфонијата бр. 4 – „Италијанска“ од Менделсон. Солисти се Здравко Ангелов (кларинет) и Илза Бафтиари (виола)
„Музичко патување“ е насловен концертот што ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во Македонската филхармонија. На програмата се Концертот за кларинет и виола оп. 88 од Брух и симфонијата бр. 4 – „Италијанска“ од Менделсон. Солисти се Здравко Ангелов (кларинет) и Илза Бафтиари (виола), а диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.
Макс Брух (1838 – 1920) е познат по неговите опери, три симфонии, три виолински концерти, како и хорска музика. Концертот за виола и кларинет го напишал за својот син Макс Феликс Брух, кој бил многу талентиран кларинетист. Има три става во кои се испреплетуваат виртуозноста и експресивниот контекст на креирањето музика. Концертот е како своевидна рапсодија обоена со слатка меланхолија и носталгија.
Македонскиот кларинетист Здравко Ангелов го започнува музичкото образование на седумгодишна возраст. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во 2000 година, во класата на проф. Иван Кочаров, а магистрира во 2012 година на истиот факултет, во класата на проф. Стојан Димов. Повеќе од 15 години е вработен како прв кларинетист на Македонската филхармонија. Во текот на својата досегашна музичка кариера се стекнал со голем број признанија во Македонија и во странство, а во 2000 година ја освојува специјалната награда „јамаха“. Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа и како камерен музичар, а наедно е постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“.
Илза Бафтијари започнува да учи виолина од деветгодишна возраст, во класата на проф.Сихана Бадивуку. Има одржано голем број концерти и рецитали со својот брат Шкељзен Бафтијари, пијанист. Настапува и во камерни состави, а двапати како солистка со Македонската филхармонија. Свирела во неколку меѓународни оркестри, со настапи во Италија, Словенија, Австрија, Швајцарија. Бафтијари работи и во оркестарот на Косовската филхармонија, а од 2020 година е редовно вработена во Македонската филхармонија. Член е и на оркестарот на Музичката младина, а редовно снима филмска музика во оркестарот „Фејмс“.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат, напиша критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој ги води пробите и изведбите.
Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Низ изминатите години, неговите соработки со Рускиот национален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка.