Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи”, во петокот поднело барање за разрешување на министерот за финансии Фатмир Бесими до премиерот Зоран Заев.
– Барањето за разрешување на министерот е поднесено по повод постапката пред Уставен суд за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, конкретно поради: пречекорување на надлежностите и овластувањата на министерот Бесими и Министерството за финансии, загрозување на темелните вредности на уставниот поредок преку непочитување на владеењето на правото и поделбата на власта на извршна, законодавна и судска, неовластено и недозволено мешање во работата на судската власт и загрозување на нејзината самостојност и независност, манифестација на очигледна непослушност кон премиерот, што се граничи со несериозност и неодговорност во вршењето на функцијата, но и со загрозување на работата на Владата како колективно тело, со своја хиерархиска поставеност – наведуваат од Здружението.
Незадоволните граѓани тврдат дека Министерство за финансии и министерот Бесими извршиле отворен притисок врз Уставниот суд и мешање во неговите надлежности во текот на постапката. Здружението нагласи дека Бесими треба да поднесе неодповиклива оставка од функцијата, додавајќи дека министерот не одговорил на барањето на премиерот да одржи состанок со претставниците на оштетените штедачи.