Фото: Игор Бансколиев

До скоро немаше вакцини, а имаше мотивација за вакцинирање, додека сега има вакцини, а нема мотивираност за имунизација?! Процените на експертите се дека сепак во овој момент се потребни силен поттик и мотивација за вакцинирање, за да се опфати што поголем дел од населението за вакцинација. Нашите експерти сметаат дека е неопходна агресивна кампања со сите расположливи средства, медиумите постојано да публикуваат афирмативни содржини за вакцините – видеоклипови, интервјуа со авторитети, контактни емисии… Затоа што од нашиот избор зависи дали ќе завршиме „по кратка постапка“ со натрапникот… или ќе се соочиме со агонија без крај

Зошто варира расположението на населението за процесот на имунизација

Страв, незаинтересираност, административни пречки, неинформираност, се главните причини поради кои првите два дена од процесот на масовна имунизација околу 50 отсто од закажаните термини не биле искористени на пунктовите за масовна вакцинација.
Иако некои од луѓето што имале закажано термин не дошле поради тоа што требало да патуваат стотина километри од еден во друг град, сепак голем е бројот на неискористени термини и од луѓе што живеат блиску до пунктовите. Процените на експертите се дека сепак во овој момент е потребна силна кампања за мотивација, како што го прави тоа Србија, за да се опфати што поголем дел од населението за вакцинација.
Сите граѓани во Србија што се вакцинирале ќе добијат дополнителни 3.000 динари помош. Ова го понудил српскиот претседател Александар Вучиќ, кој посочил дека и покрај претходно предвидената помош, сите оние што се вакцинирани на возраст над 16 години, или што биле вакцинирани со една или две дози, и сите што ќе бидат вакцинирани со најмалку една доза до 31 мај, ќе добијат дополнителни 3.000 динари (околу 25 евра) од државата.
– Не можеме да донесеме негативни дискриминаторски мерки за оние што не сакаат да се вакцинираат, иако сметам дека е неодговорно и себично да не се вакцинираат. Размислувавме како да ги наградиме луѓето што покажаа одговорност и решивме да дадеме дополнителни финансиски средства за луѓето што се вакцинирани – истакна Вучиќ.

Според него, процените се дека до крајот на мај приближно три милиони луѓе ќе бидат вакцинирани во Србија со најмалку една доза, за да се постигне колективен имунитет.
Премиерот Зоран Заев вчера јавно се вакцинира против ковид-19, на пункт во спортскиот центар „Борис Трајковски“, со кинеската вакцина.
Епидемиологот Драган Даниловски смета дека во овој период мора да се стори сѐ за да се зголеми опфатот со вакцинација.
– Неопходна е агресивна кампања со сите расположливи средства. Буквално на секој медиум мора постојано да се вртат афирмативни содржини за вакцините – видеоклипови, интервјуа со авторитети, контактни емисии. Зашто од нашиот избор зависи дали ќе завршиме „по кратка постапка“ со натрапникот… или ќе се соочиме со агонија без крај. Сѐ зависи од нас – посочува тој.
Вели дека со растење на процентот на имуни лица (преку заразување или вакцинирање), вирусот сѐ потешко наоѓа нови жртви, зашто како бариери му се испречуваат имуните поединци.
– Во таква ситуација, тој се обидува да опстане, да најде начини да продолжи да се шири. Еден од механизмите е да мутира, да се обиде преку мутациите да го заобиколи веќе создадениот имунитет. Колку повеќе се стега обрачот околу него, толку тој ќе биде посклон да се адаптира, да се спротивстави, преку создавање нови мутации. Затоа, неопходна е брза акција, вакцинирање на што поголем број граѓани во што пократко време. Зошто? За да не му се дадат време и можност на освојувачот да се престрои, да ги консолидира своите редови, да нема време да се трансформира во нов мутант – објаснува тој.
Но, според него, тоа е теорија, зашто во реалниот живот го имаме тоа дека околу 50 проценти од населението во една анкета се имаат изјаснето дека нема да се вакцинираат.

– Тоа значи дека тие остануваат, порано или подоцна, да ги закачи вирусот. Тие ќе му овозможат на вирусот да си воспоставува синџири на инфекција – да врши пасажа од еден на друг домаќин, така велиме со стручен жаргон – а во услови на загрозеност, токму тоа ќе му овозможи полесно да мутира! Па, тогаш воопшто нема да биде за изненадување да се соочиме со наш „македонски“ мутант – смета епидемиологот.
Дека ова сценарио е многу веројатно, како што вели Даниловски, зборуваат и бројките на терен, во врска со вакцинацијата.
– Прво процентот на тие што се пријавиле, а не дошле да се вакцинираат, беше 20 проценти, сега е 50. Истата пропорција како онаа на анкетата. Што значи, по сѐ изгледа, ако така остане, колективен имунитет ќе стекнуваме претежно на природен начин. Читаме дека во Србија им плаќаат за да се вакцинираат. Очигледно, свесни се за сценариото што го опишав погоре. Знаат дека, по секоја цена, мораат да бидат побрзи од вирусот – додава тој.
Од Министерството за здравство вчера посочија дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, но и дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува.
– На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера, вакцинирани се вкупно 74.076 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 7.963 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 9.123 граѓани. Во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 92.253 граѓани. Со последните бројки 25 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина – соопштуваат од ресорното министерство.

Вакцинацијата се спроведува во согласност со Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани што искажале интерес за вакцинација на веб-страницата вакцинација.мк, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Масовна вакцинација се одвива во неколку града во државата, и тоа во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и во Охрид.
По пристигнувањето на 200 илјади вакцини од „Синофарм“, министерот за здравство Венко Филипче најави дека се очекува да пристигнат и други големи количества вакцини, и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“, а засега е неизвесно пристигнувањето на вакцините на „Астра Зенека“.


Стекнувањето природен колективен имунитет носи жртви

Даниловски вели дека во текот на една пандемија/епидемија, како што расте бројот на заразени, постепено се гради т.н колективен имунитет.
– Се смета дека кога ќе се достигне ниво од околу 75-80 проценти, епидемиското ширење ќе запре. Ако тоа се остави да се постигнува само на природен начин, преку заразување, се плаќа скапа цена со многу жртви. Достигнувањето на тоа заштитно ниво на колективниот имунитет побрзо, но и без непотребни умирања, се реализира со помош на вештачка имунизација, односно вакцинација – додава епидемиологот.

[email protected]