Ако патувањето е идеален начин да се доживее убавината на античките пирамиди во Гиза, тогаш платформата „Дигитал Гиза“, направена од универзитетот „Харвард“, е најдобрата алтернатива.
„Дигитал Гиза“ е дел од проектот „Гиза“ на „Харвард“, кој е обид да се обединат архивите и информациите од целиот свет за платото Гиза. Истражувачите ги искористиле собраните податоци за да создадат дигитална платформа со 3Д-модели, виртуелни прошетки и други бесплатни интерактивни компоненти, кои им помагаат на луѓето да го истражуваат регионот оддалеку.
На пример, можете да се движите низ Големата пирамида, најголемата од трите пирамиди, изградена од кралот Кеопс околу 2550 година пр. н.е. Кеопсовата пирамида не само што е најстарата од седумте светски чуда туку е и единствената што сè уште постои. Другите две пирамиди се пирамидата на Хефрен и пирамидата на Менкаур, изградени од синот и внукот на Кеопс, пренесува „Ментал флос“.
Покрај ови три зданија, „Дигитал Гиза“ нуди мноштво места за истражување. Вреди да се посети и сфингата, за која се верува дека е изградена за време на владеењето на Хефрен. Иако во моментов е иста боја на песок како и остатокот од областа, остатоците од пигментот сугерираат дека можеби некогаш била обоена во црвена, сина, жолта и некоја друга нијанса. На платформата има и виртуелни обиколки на неколку екстравагантни гробници, заедно со детали за уметнички дела и скулптури што можете да ги видите внатре. „Дигитал Гиза“ е идеален и поучен виртуелен одмор.