Американската администрација го заврши разузнавачкиот преглед на наводното руско изборно мешање и хакирањето и набргу може да најави одмазднички активности, објави „Блумберг“ повикувајќи се на три извори запознаени со ова прашање.
– Можните потези може да вклучат санкции и протерување руски разузнавачи што се во САД под дипломатско покритие – рекле изворите, кои побарале да останат анонимни.
Според медиумот, „американскиот претседател Џо Бајден и неговите клучни соработници сега ќе мора да проценат колку е тешко да ја казнат Русија истовремено барајќи нејзина помош за приоритетите, како што се повторно приклучување кон иранскиот нуклеарен договор, рестартирање на разговорите за контрола на вооружувањето и борбата против климатските промени“.
Руските власти постојано ги отфрлаат наводите на Вашингтон за мешање на изборите во Москва и вмешаност во сајбер-нападот.