Бугарскиот премиер Бојко Борисов, на вчерашните парламентарни избори гласаше во Банки, во близината на Софија, без присуство на новинари. Бугарскиот премиер коментираше на социјалните мрежи дека ова се најскапите избори досега во Бугарија, бидејќи речиси 50 милиони лева (25 милиони евра) беа наменети за набавка на вакцини, а 50 милиони лева (25 милиони евра) за машинско гласање.
Тој повторно го критикуваше претседателот Румен Радев дека изборите можеа да се закажат една недела подоцна за да се видат подобрите резултати од справувањето со третиот бран од пандемијата на ковид-19 во Бугарија.
Според последните проучувања на јавното мислење во Бугарија, владејачката партија на премиерот Бојко Борисов – ГЕРБ ќе остане на врвот со околу 23 проценти од гласовите.
Тоа би било пад од 10 проценти во споредба со последните избори во 2017 година и најлош резултат на партијата од 2009 година кога дојде на власт во таа земја.
Овие резултати од изборите во Бугарија ќе ја принудат ГЕРБ да формира коалиција со различни партии за да го постигне мнозинството што е потребно, со намера Борисов и понатаму да биде премиер.
– Новата бугарска влада, каква и да е, нема да има што друго да направи освен да се справи со пандемијата, т.е. кои мерки и стимулации да ги спроведе за да им помогне на бизнисите – оцени Тихомир Безлов, аналитичар во невладината организација „Центар за студии на демократијата“.