А тие само сакаат да ни ја докажат вистината дека сè што треба да направиме е да се укинеме како Македонци, па ЕУ и НАТО да ги истурат своите милијарди врз нас, ама ние идиоти, не сакаме да видиме дека, ете Бугарите на пример, откако влегоа во Алијансата и во Унијата, не само што немаат сиромаштија, туку сите изгледаат како Бред Пит и Шарлиз Терон, а интелигенцијата им порасна на ниво на Тесла и Хајзенберг.
Диктатурава на Груевски веќе не се трпи. Ако не е на власт, теророт негов не престанува. Погледнете само како кутрите СДСМ и ДУИ не можат една обична тендерска реформа да спроведат со која сите тендери на себе ќе си ги доделат, погледнете само како груевизмот ги малтретира и тероризира преку аздисаниот народ, кој полуден од диктатура нема грам обѕир за насушната потреба на власта да си додели милиони евра.
Видете го оној грижлив татко како не може својата ќерка заради нејзина безбедност, со службен џип, на одмор да ја испрати, а притоа да не биде распнат од овој неблагодарен грујољубив народ. А сите оние нежни, убави и прогресивни луѓенца од Шарената револуција, таа света интелектуална бижутерија, која мораше да ги жртвува својата слобода и удобност за да го оправи овој глуп неписмен народ, па ги смести во неудобните владини и министерски фотелји своите бесценети газиња, како ним и на нивната жртва им враќаме? Со презир и омаловажување, ете така им враќаме, зашто уште не сме излегле од матрицата на Груевски. Што, пак, да каже човек за напатениве новинари, пропагандисти и спин-експерти? Од нашето груевистичко однесување им преседнаа стотиците илјади евра странски грантови. А тие само сакаат да ни ја докажат вистината дека сè што треба да направиме е да се укинеме како Македонци, па ЕУ и НАТО да ги истурат своите милијарди врз нас, ама ние идиоти, не сакаме да видиме дека, ете Бугарите на пример, откако влегоа во Алијансата и во Унијата, не само што немаат сиромаштија, туку сите изгледаат како Бред Пит и Шарлиз Терон, а интелигенцијата им порасна на ниво на Тесла и Хајзенберг.
И како сега, на ваков народ полуден од груевизмот, градските власти да му објаснат дека не само што прскаат против комарци, туку тоа го прават со најнови суперсонични бесшумни авиони? Факт е, комарците се уште тука, додуша помногубројни и бабачко поголеми, ама вие глупи не разбирате дека секој комарец кога ќе се соочи со вакви сајбер-авиони, најпрво, од паника расте и се мултиплицира, а потоа, во еден миг, таму некаде на зима… што(?)… па умира, нормално. Башка сега кога ќе влеземе во НАТО, Алијансата ќе ни испрати невидливи, за радарите на комарците, авиони, па ќе видите како маливе крвопијци ќе ги фати паника ко да се ИСИС во Сирија што значи ќе продолжат да си леткаат и апат дури некоја „Катјуша“ не запее.
Русјаков, престани да се глупираш и уозбили се!
Во ред. ИСИС се спомена. А таму кај што има ИСИС има и Македонија. Жими Бејли! Ете, амбасадорот рече дека Македонија е држава за пример. Сме биле многу важна алка во победата над тој ИСИС и другите земји требало да го следат нашиот пример. Хм, победата над ИСИС. Потсетете ме, не се сеќавам, сме се тепале против ИСИС заедно со Русите? Оти јас не знам друга армија што ги порази терористиве освен руската. Но, штом Бејли вели дека сме за пример, вистина е. Тоа што ние со комарци не можеме да се справиме е друга приказна, важно си имаме муабет дека ИСИС сме го истрескале од земја. Ма ај што сме ги истрескале поразувајќи ги, ние бре ги ловиме и апсиме и сега, кога главата не знаат кај им е. Што, не прочитавте како нашето МВР испоапси борци на ИСИС, кои од Македонија отишле да прават бељи по Блиски Исток. И нашево МВР цап, апсаана. Додуша излезе дека Американците ги фатиле, ни ги вратиле дома, а нашиве само ги транспортирале до затвор, ама глупо е сега да ситничариме. Не е време за малодушност кога онолкаво НАТО ни се тресе и нè чека да го засилиме. А-ха, кога Заев го залапа пенкалото на Столтенберг ти доаѓа исто како трансферот на Роналдо во Јувентус. Тоа само шуги неосвестени што живеат во груевистички мрак му ја намалуваат важноста. За среќа, малку се такви.
Што, пак, да каже човек за напатениве новинари, пропагандисти и спин-експерти? Од нашето груевистичко однесување им преседнаа стотиците илјади евра странски грантови
Што ме гледате така мутаво, нели ја видовте владината анкета што пред нос ни ја акнаа провладините медиуми? Едно чудо народ со нетрпение чека да дојде 30 септември за да смени име и влезе во ЕУ и НАТО. И во НАСА секако. Анкетата така кажа. Што е сосема логично ако се земе предвид дека ние според стандард веќе сме во ЕУ и НАТО. Море Норвешка може да ни позавиди на брзината со која кај нас рипаат плати. Како не е точно, па Владата кажа така. Рипаат плати, ни се крева стандард, економијата расте како штотуку нахранет комарец, билдаме БДП, задолженоста по светски банки и монетарни фондови е нула, здравството, образованието и правениот систем сурфаат по реформи како Патрик Свејзи во „Поинт Брејк“, проблем е само што има слепци, кои не сакаат да го видат тоа. Ама се зезнале таквите, попусто мрчат. Ако комарци тепаме со супермодерни бесшумни авиони, реформите ни се од најсофистициран вид, се спроведуваат по најнова стелт-технологија што ги прави невидливи за глупо и неупатено око. Па, така, ако минатиот месец си зел 200 евра плата, по економскиве стелт-реформи на Владата месецов земаш 1.200 евра, само што таа илјадарката не се гледа, невидлива е. Треба да имаш внатрешно провладино, ем прогресивно трето око за да забележиш. И одма сфаќаш колку си богат и паметен како Илон Маск.
А кога ти е отворено такво внатрешно, провладино трето око веднаш ти стануваат јасни фактите од договорот со Грција. Факт број еден: со договорот со Грција зачувани се националниот идентитет и интегритет на… на комарците.
Русјаков! Што е? Пак провоцираш, излезе веќе од диктатурата Груевски! А бе би излегол јас, ама надвор апат комарци.
Факт број два: со договорот со Грција зачуван е македонскиот идентитет со тоа што ќе станеш граѓанин на Република Северна Македонија. Јасно Русјаков? Паааа, не е баш јасн… Окото, Русјаков, отвори го внатрешното око и ќе си го видиш идентитетот внатре во себе. А другите како ќе го видат? Алооо, цреп, не е идентитетот сексуална ориентација па на сите да го покажуваш или да го шеташ по паради како геј-гордост. Ќе си бидеш ти граѓанин на Северна Македонија, ама во себе ќе си носиш идентитет што само ти ќе си го знаеш и така скриен ќе го заштитиш од нападите на комарците.
Значи срамота Русјаков, заврши колумната, а ти од цинизам во сарказам претураш, никаков факт не изнесе. Океј, еве еден факт. Факт број еден и единствен: на 30 септември е Вера, Надеж и Љубов, а не ЕУ, НАТО и договор со Грција. Затоа, исполни се со вера, надеж и љубов, а батали и бојкотирај други глупости!