Поранешниот главен стратег на Доналд Трамп, Стив Бенон, ја загуби судската битка за создавање на десничарска академија во Италија, објавуваат светските медиуми. Државниот совет на Италија завчера донесе одлука против организацијата „ДХИ“ поддржана од Банон и нејзиниот обид за создавање на академија во италијански манастир стар 800 години.
„ДХИ“ планираше да покрене програма за создавање на следниот бран на популистички политичари, во манастирот Трисулти во близина на Рим. Италијанското министерство за култура, во чија сопственост е манастирот, ја повлече лиценцата за закуп поради нерегуларности при конкурирањето за договорот од страна на организаторите на академијата. Ваквата одлука поттикна серија на судски битки.
Банон најави поднесување на жалба и негова победа во изјава дадена по одлуката на Државниот совет на Италија. Одновачот на „ДХИ“ Бенџамин Харнвел исто така ја најави намерата за поднесување жалба. Банон ја финансира и организацијата „ДХИ“ со седиште во Рим, чија цел е заштита и промовирање на „човековото достоинство врз основа на антрополошката вистина според која човекот е роден според ликот на Господ“. Организацијата има врски со дел од најконзервативните фракции на католичката заедница.
Академијата Трисулти претставуваше дел од нереализираната визија на Банон за обединување на европските популисти која привлече интерес од истакнатите десничари. Во академијата, идните политичари требаше да изучуваат филозифија, теологија, економија и историја, во одбрана на „основите на западната цивилизација“. Академијата Трисулти на тој начин би станала значителна културна иницијатива во полза на „Движењето“, политичкиот проект на Банон за поддршка на десничарските групи во Европа.
Фондацијата наречена „Движењето“ беше оформена со цел да му парира на „Отворено општество“ на мултимилијардерот Џорџ Сорос, односно за покренување „десничарска револуција“ во Европа. Брисел беше избран за седиште на фондацијата што треба да им помага на десничарските партии, преку изработка на анкети, политички совети, овозможување на пристап до податоци, организирање на кампањи на социјалните мрежи, како и во изборот на кандидати.
Поранешниот директор на екстремно конзервативниот „Бреитбарт“ имаше амбиција да создаде широка коалиција на популисти во составот на Европскиот парламент кој беше биран во мај 2019 година. Банон е близок со лидерката на француската десница Марин Ле Пен, унгарскиот премиер Виктор Орбан, Британецот Најџел Фараж и други „алтернативни десничари“ во Европа.
Банон беше уапсен во САД во август минатата година, под обвиненија за организирање на измама на донатори во кампањата која собра 25 милиони долари за изградба на ѕидот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на границата со Мексико.