Турчинката Хатиџе Ченгиз, свршеница на брутално убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, побара престолонаследникот на Саудиска Арабија, принцот Мохамед бин Салман да плати најстрога казна за смртта на нејзиниот партнер.

Ова се случи откако ЦИА на крајот од минатата недела ја отстрани ознаката за доверливост од документите поврзани со егзекуцијата на Кашоги, што потврди дека Салман имал директни врски со наредбата новинарот, инаку негов голем критичар, да биде замолчен.

– Ова не само што ќе ја донесе правдата што ја баравме, туку може да спречи повторување на слични дела – наведе Хатиџе во изјавата.

Престолонаследникот Мохамед, кој всушност е владетел на кралството, негираше каква било улога во убиството, а официјален Ријад го отфрли извештајот на ЦИА како глупост и лага. И покрај тоа, американската влада денес треба да објави како ќе реагира претседателот Џо Бајден кога е во прашање можната казна за Салман. Сепак, казната не се очекува да биде пропорционална со извршеното злосторство, бидејќи добриот однос со Саудиска Арабија е клучен за САД.

Кашоги беше убиен во 2018 година при посета на саудискиот конзулат во Истанбул, кога дошол по документите потребни за да се ожени со Ченгиз. Тој таму бил убиен и распарчен.