Случајот „Јавна соба“, Тик ток, разни објави на Фејсбук и на Твитер од интимна приватна природа за разводи, смирувања, натпревари кој повеќе пластика и ботокс ставил во себе, но и разни предизвици за достигнување крајни граници, се само потврда дека општеството се соочува со нова невидлива закана за која сè уште не е подготвено, но која остава длабоки траги врз луѓето
Светските трендови не ја заобиколија ниту Македонија
Недоволната ажурност на надлежните органи и непостоењето на соодветна казнена политика се главните причини поради кои деновиве македонската јавност е преплавена со девијантни појави кои секојдневно се објавуваат на социјалните мрежи.
Случајот „Јавна соба“, Тик ток, разни објави на Фејсбук и на Твитер од интимна приватна природа за разводи, смирувања, натпревари кој повеќе пластика и ботокс ставил во себе, но и разни предизвици за достигнување крајни граници, се само потврда дека општеството се соочува со нова невидлива закана за која сè уште не е подготвено, но која остава длабоки психички траги врз луѓето, а не може да се отфрли ниту опасноста од загуба на човечки животи.
Пандемијата и затвореноста дополнително го забрзаа овој тренд бидејќи луѓето огромен дел од времето го поминуваат затворени, најчесто во друштво на своите мобилни телефони и компјутери, така што потребата од себереализирање се манифестира преку експанзија и на девијантните содржини.
– Интересни ми се предизвиците на Тик ток, но оние што се нормални. Повремено објавувам фотографии и на Инстаграм, најчесто да се пошегувам со другарките, но никогаш со непристојни содржини. Со моите родители имам отворен однос и тие ми посочија дека има случаи да се крадат фотографии и да се објавуваат на сајтови што ги посетуваат и возрасни, така што сега избегнувам да закачувам мои фотографии – вели Маја Данилова, средношколка.
Познавачите на состојбите велат дека ова што се случува сега во Македонија, злоупотребите на фотографии преку групата „Јавна соба“, секојдневните предизвици на Тик ток и други слични пројави во сајбер-сферата е светски тренд, но дека западните земји имаат развиено сериозни механизми за борба против сторителите и нивно казнување.
– Генерално гледано, особено за Тик ток и тие мрежи каде што луѓето сами објавуваат многу тешко може да се справиме, особено ако станува збор за полнолетни личности. Тие се апсолутно свесни и сами објавуваат. Едноставно станавме општество што на некој начин се вреднува и изразува преку социјалните мрежи – смета универзитетската професорка Викторија Кафеџиска.
Според неа, целата ситуација станува особено проблематична кога станува збор за малолетни лица.
– Некој ќе рече дека родителите треба да ги контролираат децата, но вие едноставно не можете 24 часа да го правите тоа. Оваа појава се шири како еден вид пожар, како помодарство. Во минатото имаше и смртни случаи при обид за самослик, а неодамна смртно настрадаа во предизвици на Тик ток дете од Србија и дете од Италија. Ние ги доведуваме помладите, во желбата да бидат видени, препознаени, сакани, во некои ситуации да си го загрозат животот – појаснува Кафеџиска.
Таа додава дека во справувањето со овие девијантни појави, особено кај малолетниците, општеството мора да се бори.
– Ако ние сме вовеле во Кривичниот закон и говорот на омраза да стане кривично дело, мора да постои начин да се казнуваат и оние што објавуваат туѓи слики. Во тој сајбер-криминал мора да постои начин на борба, блокирање, казнување ако се препознаени тие што го прават тоа. Во тој сегмент мора општеството да се бори со сите расположливи ресурси. Тука е и семејството. Треба многу зборување во семејството, во училиштата, но сето тоа повторно останува на индивидуалната борба на поединецот наспроти ова преплавување што сега ни се случува во желбата да бидеме сакани, препознаени, видени, оти на младите во пубертетска возраст тоа им е најважно – констатира Кафеџиска.
Според неа, тоа се многу психолошки и социолошки моменти на кои општеството, но и семејството, мора да обрне внимание.
– Сега се бориме со невидлив непријател бидејќи вие никогаш не знаете што е од другата страна. Кај малата возраст, таа желба да бидат сакани и препознаени треба да биде канализирана и следена воспитно, додека кај преостанатите мора да има некои мерки од страна на државата и да се води беспоштедна борба – вели универзитетската професорка Викторија Кафеџиска.
За пиар-експертот Синиша Пекевски актуелните случувања со „Јавна соба“, Тик ток и разните други објави на социјалните мрежи се само следење на светските трендови, а решението го гледа во построга казнена политика.
– Проблемот како „Јавна соба“ го има во сите држави, само што улогата на МВР треба да биде многу поголема во насока на идентификување на тие лица што ги крадат податоците. Покрај тоа, може да се упати барање до Фејсбук, Твитер и другите социјални медиуми да го откријат идентитетот на тие лица, така што ангажираноста на МВР треба да биде многу поголема – смета Пекевски.
Според него, кога некој ќе биде посериозно казнет во државава за инспирирање одредени девијантни појави на социјалните мрежи, тогаш тоа ќе влијае демотивирачки на другите.
– Потребни се сериозни казни, за другите да размислат не двапати, туку пет пати пред да направат ваква работа. Тоа значи дека ваквите појави ќе се сведат на минорен број, не значи дека ќе ги снема, но ќе ги има многу помалку – вели Пекевски.