Третпат во историјата на ова натпреварување, кое датира од 1960 година, во финалето ќе играат два бразилски тима

ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС, ФИНАЛЕ

Палмеирас и Сантос ќе се сретнат во денешното себразилско финале на 61-то издание на Копа Либертадорес, јужноамериканското клупско фудбалско натпреварување, кое е на рамништето на европската Лига на шампионите (ЛШ). Мечот ќе се одигра на неутрален терен, на легендарниот стадион „Маракана“ во Рио, меѓу тимовите што доаѓаат од Сао Паоло. Третпат (по 2005 и 2006 година) во историјата на ова натпреварување ќе играат два бразилски тима.
Сантос, тимот за кој своевремено настапуваше и легендарниот Пеле, трипати го има освојувано најпрестижниот клупски трофеј во Јужна Америка, во 1962, 1963 и во 2011 година. Палмеирас единствената титула ја освои во 1999 година.

Еден од клучните играчи во редовите на Сантос е плејмејкерот, малиот Венецуелец (висок е само 160 см), Џеферсон Сотелдо (23), чија инспирација е Лионел Меси. Тој има удел при создавањето на 28 шанси за постигнување гол сезонава во Копа. Поуспешни од него во оваа категорија се само Николас де ла Круз од Ривер плата (31) и Карлос Тевез од Бока јуниорс (30). Во нападот Сантос ги има Каио Жорге, кој е прв стрелец со пет гола на 11 меча, и Марињо, кој има дадено четири. Кај Палмеирас, главни во нападот се Рони Барбоса и Луис Адријано, кои постигнаа по пет гола, како и тинејџерот Габриел Верон. На голот го имаат Вевертон (33), кого го сметаат за најдобар голман во домашното првенство.

Тренерот на Сантос, Алекси Стивал (57), попознат како Кука, ќе се обиде да стане петтиот бразилски тренер што го освоил Копа Либертадорес по вторпат. Кука, кој го предводеше Атлетико Минеиро до трофејот во 2013 година, може да им се приклучи на Луиз Перез (Сантос, 1962 и 1963), Теле Сантана (Сао Паоло, 1992 и 1993), Луиз Фелипе Сколари (Гремио, 1995, Палмеирас 1999) и на Пауло Автуори (Крузеиро 1997, Сао Паоло 2005).
На тренерската клупа на Пелмеирас е Португалецот Абел Фереира (42), кој лани во ноември го наследи Вандерлеи Луксебурго. Тој нема освоено ниеден трофеј во кариерата, а доколку неговиот тим победи, тој ќе биде третиот Европеец што го освојува Копа Либертадорес, по Хрватот Мирко Јозиќ со Коло-Коло во 1991 и Португалецот Жорге Жезус со Фламенго во 2019 година.