Под слоганот „Чао 2020“, ЈУ Младински културен центар ќе емитува новогодишна програма на 31 декември 2020, со почеток во 20 часот на фејсбук-страната и јутјуб-каналот на МКЦ, но и премиерно на локалната скопска телевизија Едо.
– Како организатори и домаќини на скоро 400 поединечни настани/содржини во 2020, концерти, театарски премиери и претстави, изложби, поетски читања и литературни промоции, филмови под отворено небо, CINEDAYS филмски фестивал низ цело Скопје, ЗДРАВО МЛАДИ музички фестивал во срцето на Скопје, МОТ театарски фестивал во јубилеј од 45 години постојан континуитет и 15 продукции, редно беше да се пробаме и со новогодишна емисија. Конципираме програма што и ние би сакале да ја гледаме доколку сме дома пред екраните, а не на работа, која повторно на драго срце, сепак сами си ја накалемивме – велат од МКЦ.
Во рамки на 6-часовната програма од студиото на МКЦ ќе настапат: „Фенг шуи“, Стојче со диџеј сет од Берлин, Диџеј Фиц со специјален микс топла музика од Порто, Александар Велики, Дина Јашари, Васко Атанасоски, „Суперхикс“, „Раш ту реилекс“ или Дамјан Маневски од зелената Љубљана, „Атеист рап“ со специјален биенален настап за МКЦ од Нови Сад, јавување од подземјето од „Шок троперс“ и малку џез со Zulu 3.4.
Покрај музичките настапи, со специјален готвачки сет ќе настапи и Никола Исаиловски или познат како Фет Цацко со неговата „Фет кичен“, чие црцорење на загреаните тави ветува дека ќе предизвика и оближување на малите екрани.
МКЦ најавува дека за програмскиот дел што е одреден за хумор ќе настапат Влад Илиќ и Марко Дејановиќ, нови, но супернадежни артисти во мегаконкурентниот свет на стендап-комичари. Влад Илиќ како емигрант од Куманово во светски Лондон, успева полека но сигурно да се пробие на лондонската стендап-сцена со своj специјален настап и за Би-би-ди, а сега и за првпат во Македонија и за МКЦ.
Во рамки на програмата ќе има и поезија во КЦ 750.