Питер Сингер
Една од најтажните имигрантски приказни што медиумите ја објавија во изминатите недели беше таа со децата што плачеа откако беа одвоени од своите родители – нелегални доселеници на границата меѓу САД и Мексико. Американскиот претседател Доналд Трамп првично ја бранеше поделбата на семејствата, но потоа се откажа по притисокот од јавноста и потпиша извршна наредба со која ја прекина оваа практика. Во Европа, исто така, имигрантите завршија на насловните страници. Бродот со 629 спасени имигранти во Средоземно Море одбија да го примат и новата популистичка влада на Италија и Малта. Сето тоа беше основа на состанокот на Европската Унија во Брисел, на кој беше постигнат компромис за тоа како да се заштитат границите и да се проверуваат имигрантите што пристигнуваат во Европа.
Пред помалку од три години, кога повеќе од 100.000 баратели на азил секој месец пристигнуваа на границите на ЕУ, германската канцеларка Ангела Меркел рече дека основното право на азил за политички прогонетите лица не познава граници. Таа додаде дека ова важи и за „бегалците што доаѓаат кај нас од пеколната граѓанска војна“.
Меркел ги следеше овие зборови со дела. Во 2015 година, Германија регистрира 890.000 барања на азил, а во периодот од 18 месеци од 1 септември истата година, прифати повеќе од 600.000 барања за азил. Интегрирањето на толку многу новодојденци од многу различни културни потекла, очигледно е тешка задача, но Меркел славно изјави „можеме да го сториме тоа“. Ниту еден друг чин од кој било германски лидер, па ниту спонтаната одлука на Вили Брант во 1970 година да клекне пред споменикот на паднатите херои во Варшавското гето, не ја оддалечи Германија толку одлучувачки од нејзиното расистичко минато.
Сепак, дента пред состанокот во Брисел, Меркел зборуваше многу поинаку и пред германскиот парламент изјави дека Европа се соочува со многу предизвици, но дека „миграцијата може да биде таа што ќе ја определи судбината на Европската Унија“.
Причините за оваа промена во ставот се очигледни. Набрзо откако Меркел се заложи за неограниченото право на азил, полските гласачи на власт ја донесоа антиимигрантската Партија на правото и на правдата. Наредната година, британските гласачи избраа да ја напуштат ЕУ, а Доналд Трамп беше избран за претседател на САД.
Овој тренд продолжи и во 2017 година. Предвремените избори во Австрија во мај доведоа до коалициска влада, која ја вклучува и ултрадесничарската Слободарска партија. Во септември, на сојузните избори во Германија, гласачите ѝ нанесоа изборен удар на Демохристијанската унија на Меркел, а антиимигрантската Алтернатива за Германија, која никогаш претходно немала пратеничко место во Бундестагот, одеднаш стана трета најголема политичка сила во земјата.
Годинава парламентарните избори во март во Италија резултираа со коалициска влада во која доминантен политичар се чини е Матео Салдини од ултрадесничарската Лига, кој како министер за внатрешни работи одби да го прими бродот со спасени мигранти од Средоземно Море. Конечно, и најпредвидливо од сите овие избори, унгарскиот авторитарен антиимигрантски премиер Виктор Орбан, беше реизбран на функцијата, при што со својата партија Фидес и во коалиција со демохристијанската Народна партија, ја задржа контролата со двотретинско парламентарно мнозинство.
Миграцијата одигра улога, можеби и одлучувачка, во секој од овие изборни резултати. Тоа е трагично, не само за потенцијалните имигранти, туку и за светот. Сите ние реагираме на плачот на децата одвоени од нивните родители и од имиграциската политика на Трамп. Сѐ уште не можеме да ги слушнеме извиците на децата, кои гладни легнуваат во кревет и тоа токму поради неуспехот на богатите земји да се справат со климатските промени, што ги запреа дождовите, кои на нивните родители им требаат за да одгледуваат култури и да ги нахранат. Ниту тие деца ниту нивните родители нема да можат да бараат азил во земјите одговорни за климатските промени. Конвенцијата на ОН за статусот на бегалците ги дефинира бегалците како оние што не можат или не се подготвени да се вратат во својата земја поради основан страв од прогон врз основа на „раса, религија, националност, припадност кон одредена социјална група или политичко мислење“. Нема потреба да се земаат економски бегалци, а оние што ја напишаа конвенцијата не размислуваа за лицата што станале бегалците поради климатските промени.
Прерано е да се каже колкава штета ќе предизвикаат владите што се непријателски настроени кон имигрантите, климатските промени, ЕУ и кон Обединетите нации. Но од трговските војни што ги почна администрацијата на Трамп, веќе можеме да ги видиме последиците од зголемениот национализам. Популистичките влади на Унгарија и на Полска ги менуваат уставите на своите земји на начин што ја поткопува демократијата. Трамп нема да може да го промени Уставот на САД, но неговите назначувања во Врховниот суд ќе го сменат начинот на кој се толкува тој, што може да значи иста работа.
Бројот на имигрантите што пристигнуваат во Европа сега се врати на нивото од пред 2015 година, па затоа би можеле да се надеваме на враќање на политиките од пред 2015 година. Но, во политиката перцепцијата е сè, а неодамнешните унгарски и италијански избори сугерираат дека намалувањето на бројот на имигрантите сè уште нема влијание.
Политичките лидери што сакаат да дејствуваат хумано кон барателите на азил и кон другите имигранти сега се соочуваат со ужасна морална дилема. Тие или треба да одат доволно далеку и да бараат построга контрола на границите за да ја намалат јавната поддршка за ултрадесничарските партии или ризикуваат да ја изгубат не само таа битка, туку и сите други битки за вредностите што се под закана од владите што се противат на имиграцијата. Во контекст на турбулентните минати три години во Европа, изјавата на Меркел во 2015 година ја образложува и инспиративната вредност од прогласувањето на неприкосновеноста на правата, но и зошто, во краен случај, тие мора да се ограничат.
Авторот е професор на универзитетот „Принстон“